Што читаше Кафе и книги во февруари?

Дојде нов месец, а со новиот месец доаѓаат и нови книги за читање. Освен тоа, се ближи и пролетта, па така овој период е одличен за читање додека го пиете омиленото кафе! Традиционално, на почетокот на месецот ги споделувам моите предлози за читање, листа која ја составувам од книгите кои ми оставиле впечаток во месецот кој изминал. Па така, прочитајте што читав во февруари и можеби ќе се инспирирате од некој од овие предлози!

Коски на срцето“ – Колин Хувер

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Според мене, ова е најдобро напишаната книга на Колин Хувер! Иако и „Ова завршува со нас“ е одлична книга, некако највеќе се поврзав токму со оваа книга.
Главниот лик е Беја, која имала многу тежок живот, своето детство го поминала во тешка сиромаштија, со мајка која била зависник од дрога. Таа не знае што значи да се има стабилен дом, некој кој ќе се грижи за неа, но и редовна храна на масата. По еден исклучително трауматичен настан, таа решава да отиде и да го помине летото со татко ѝ, со кого воопшто не е блиска. Беја се надева дека ќе издржи неколку недели пред конечно да тргне на факултет. Така го запознава Самсон, мистериозен дечко кој ѝ го привлекува вниманието.
Се работи за една топла, но човечна драма. Двајцата ликови се многу реални и вистински, дијалозите се одлично направени и воопшто книгата е напишана на многу убав стил, кој лесно ја поврзува приказната со читателот. Младешка љубов, тежок живот, проблемите на системот кој ги изневерува младите и оние кои имале помалку среќа во животот, пријателство и што значи семејството во животот, сето тоа е во фокусот на оваа книга. Но, исто така станува збор за приказна во која се навлегува малку подлабоко во тоа што значи да сакаш и да бидеш сакан, како и внатрешниот копнеж по сигурноста која сите ја сакаме. Одлична книга!

Три повоени другари“ – Ѓорѓе Балашевиќ

Издавачка куќа:
Оцена: 5/5
Осврт:
Февруари беше особено тажен месец за сите оние кои беа обожаватели на Ѓорѓе Балашевиќ, кој нè напушти на крајот на месецот. Неговите стихови ќе останат вечни, но и неговите романи и книги. Во негова чест решив да го прочитам неговиот прв објавен роман, кој имав прилика да го набавам на еден од неговите концерти во Скопје.
Во романот станува збор токму за онаа генерација од „педесет и неке“ која Балашевиќ често ја зборуваше и преку приказната за тројца другари од детството, се доловува и подемот и падот, не само на нивните животи, туку и на цела една генерација, но и на Југославија.
Приказната е раскажана од гледната точка на еден „пропаднат“ музичар кој работи на бензиска пумпа. Одеднаш се појавува една новинарка која сака да напише прилог за него и оттука се развива приказната. Книгата се движи меѓу минатото и сегашноста, она што се случувало некогаш и она што се случува сега, а тоа е направено со една толку прекрасна едноставност, што е невозможно да не навлезете целосно во она што е напишано. Впрочем, исто како што е случај и со целото творештво на Балашевиќ.
Се работи за една прекрасна и топла приказна, полна со меланхолија, сеќавања, болка, хумор. Книгата е составена од сите чувства кои постојат во животот, а Балашевиќ толку прекрасно го бои тој свет на победи, порази, пријателства, лицемерија, загуби и далечни љубови. Прекрасна книга! За жал, не сум сигурна дека книгата се продава во нашите книжарници, но доколку не можете да ја најдете, тука можете да прочитате извадоци од книгата, а минатата недела издвоив некои од најубавите мисли од книгата. Ако имате можност, дефинитивно треба да ја прочитате!

Големата црвена книга 1 & 2“ – Руми

Издавачка куќа: ПАБЛИШЕР
Оцена: 4/5
Осврт
: Одамна немав читано поезија, па решив да ги разбијам згуснатите редови на прозата со поезијата на Руми. Руми е еден од најголемите поети на сите времиња, чии стихови истовремено се длабоко филозофски, кои тераат на размислување и кои содржат многу метафори и двојни значења.
Руми е спој на филозофија и поезија и одамна го немав читано, па ова ми дојде како одлично потсетување, токму во врреме кога ми беше потребно тоа.
Се работи за два тома, две книги кои дефинитивно треба да ги имате во вашата домашна библиотека, особено ако ве привлекуваат необични теми, различна култура и светоглед, стихови каде се мешаат различни стилови, чувства, филозофии.
Доколку сакате поезија, мора да го прочитате Руми. Понекогаш треба неколку денови додека да слегнат некои од неговите пораки меѓу стиховите, но невозможно е да не ја почувствувате енергијата.

Воспитувањето девојки во Чешка“ – Михал Вивег

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 3/5
Осврт
: Со овој роман особено ќе се поврзат оние кои ги доживеале транзицијата и сите турбулентни промени во 90-тите, особено со појавувањето на „новопечените“ богаташи, кои и тука се во центарот на приказната, сатиризирани преку таткото на девојката Беата.
Еден наставник по чешки јазик, кој истовремено е и писател се мачи и не му оди најдобро на финанскиски план, па кога еден локален бизнисмен и богаташ ќе му пристапи за да ја подучува неговата постара ќерка Беата, тој ја прифаќа понудата затоа што му се потребни пари.
Но, работите не одат подмачкано. Беата е дива и бунтовна, таа сосема одбива да зборува со него. Таа е девојка чие срце е скршено и е сосема разочарана и лута на светот. Оскар се обидува на различни начини да допре до неа и на крајот му успева.
На многу интересен начин е опишана целата приказна, а хуморот кој се проткајува најмногу поради сарказмот и коментарите на главниот лик дополнително ќе ве засмеат и ќе ве натераат да посакате што побргу да ја прочитате книгата.

„Часови по дишење“ – Ен Тајлер

Издавачка куќа: АРС СТУДИО
Оцена: 3/5
Осврт:
Доколку сте љубители на драми, книги кои бавно се развиваат, ова е книга за вас. Оваа книга ја има добиено Пулицеровата награда во 1989 година. Дејството на книгата се случува во многу краток период од 24 часа, кога Меги и Ајра, сопружници кои со децении се во брак, се упатуваат на погребот на сопругот на нејзината пријателка.
Меги и Ајра се сосема спротивни, таа е поотворена, често знае да се меша во животот на другите луѓе, додека Ајра е повлечен и помолчалив. Тие се навидум целосна спротивност еден на друг. Во текот на овој ден се случува серија на настани кои придонесуваат кон тоа и двајцата да размислуваат за нивниот живот, за нивниот брак, за нивното заедничко, но и поединечно минато.
Меги не може да се помири со фактот дека нејзиниот син е разведен и дека ретко ја гледаат внуката, а кога дополнително ќе чуе дека нејзината поранешна снаа повторно ќе се мажи, решава да наминат кај неа. До каде оди нејзиното плеткање и какви последици има за луѓето?
Оваа книга се развива бавно, но се работи за квалитетно четиво, кое раскажува приказна за сосема обичен, секојдневен пар. Нема ништо несекојдневно или величествено во приказната, а сепак сакате да дознаете што ќе се случи со нив.

Leave a comment