Силни и впечатливи женски ликови во македонската книжевност…

Осми Март е Меѓународниот ден на жената, денот кога ја одбележуваме долгата борба на жените за рамноправност. Книгите и книжевноста се еден од најдобрите начини да се раскажат различни приказни, меѓу кои и оние на различни жени. Често пишуваме за силните жени во странската книжевност, но имаме одлични и впечатливи жени и во македонската книжевност. Во чест на македонските жени, избрав неколку впечатливи и силни женски ликови и се надевам дека со текот на времето ќе ја продолжувам листата.

Честит 8 Март! Секогаш слободни и рамноправни!

Небеска Тимјановна („Небеска Тимјановна“ – Петре М. Андреевски)

Небеска Тимјановна е еден од најсилните ликови во македонската книжевност. Нејзиниот лик е заснован на приказната на Уранија Јурукова. Петре М. Андреевски во овој роман ни го прикажува животното патешествие на Небеска, а она што ја прави приказната уште потрогателна и прави да се поврзете со неа е фактот што Небеска е нараторот, односно таа ја раскажува приказната. Станува збор за силна жена, која рамо до рамо се бори со своите машки соборци, и која поминува многу тежок пат и останува непоколеблива и борбена. Но, она што воодушевува кај нејзиниот лик е и нејзината ранливост, човечност, чувствата и тешките избори со кои се соочува, како борец, но и како мајка која е разделена од своето дете. Петре М. Андреевски прави одличен баланс и ги прикажува сите аспекти од нејзината личност, а тоа ја прави толку силна, трогателна, емотивна, и борбена. Прекрасен лик!

Јована (Јохана Грацијанчиќ ) („Вештица“ – Венко Андоновски)

Јована е девојка од Македонија, чија судбина завршува во Хрватска, како жена на трговец во Дубровник, во време на инквизиција кога многу жени се обвинети за ерес и вештерство и ги спалуваат на клада. Јована е неверојатно напишан и создаден лик, девојка која сака да љуби, да го осознае животот и страста и која го наоѓа тоа со падре Бенџамин. Заради својата судбина како жена, таа во очите на инквизицијата е виновна за сосема обични и човечки побуди, изобличени од страна на безумни луѓе со преголема моќ. Но, Јована е симбол за вековните неправди кои им се нанесувале на жените, но која и покрај сè, до крај одбива да се откаже од слободата, страста и својот немирен дух.

Велика („Пиреј“ – Петре М. Андреевски)

Што да се каже за Велика и „Пиреј“ што не е веќе кажано? Велика е еден од најпрекрасните ликови напишани. Нејзината борба за животот на нејзините деца, нејзината болка за секое едно од нив, нејзиниот страв додека нејзиниот маж е во војна и не знае ништо за него, последиците од војната и невидливите лузни кои остануваат во душата на Јон, сите овие теми се прекрасно истражени и Петре М. Андреевски толку длабоко навлегува во приказната, раскажана од двете страни, приказна која недвосмислено е поврзана и со судбината на македонскиот народ, но и со едно семејство растргнато и уништено од војната. Велика е прекрасна жена, стоички ги поднесува ударите на животот, иако сите тие настани неповратно одземаат дел од нејзината душа.

Цвета („Македонска крвава свадба“- Војдан Чернодрински)

Цвета е главната протагонистка во оваа безвременска драма на Војдан Чернодрински. Премисата ни е добро позната на сите, нема човек кој не ја прочитал во текот на неговото образование, а и самата драма била инспирација за многу песни и написи произлезени од тематиката. Цвета е млада, непокорна жена, која и покрај сè останува доследна на својата љубов, своите мисли, чувства и уверувања. Таа го сака Спасе и не сака да прифати никој друг, а и покрај тоа што Осман-бег се обидува на секој можен начин да ја придобие нејзината наклонетост, таа не попушта ниту за миг и до крај останува верна и на Спасе, но и на нејзините идеали и верувања, а на крајот тоа го плаќа и со својот живот.

Кои се вашите омилени женски ликови во македонската книжевност?

Leave a comment