Епскиот роман на Лав Толстој во кој има стотици ликови, еден куп заплети и битка која трае повеќе од 20 поглавја е книжевниот еквивалент на маратон. Досега тука веќе имавте можност да прочитате зошто е важно да се прочита оваа книга, а денес на блогот прочитајте неколку факти за авторот, неговите маки да го заврши романот и долгорочното влијание кое неговото творештво го имало во Русија и надвор од неа.
Оригиналниот наслов бил „1805 година“
Првиот дел од делото на Толстој, „1805 година“ се појавил во списанието „Руски гласник“ во февруари 1865 година. Во тоа време било сосема нормално да се објавуваат делата во делови, а тоа бил начин Толстој да се издржува додека работел на романот. Остриот наслов укажувал на годината во која неговата приказна и почетоцитe на озборувањата за револуција, започнале, и годината која Толстој секогаш ја сметал за централна година. Друг можен наслов кој се појавил додека работел на приказната бил и „Сè е добро кога завршува добро.“

Толстој бил инспириран од востанието во 1825 година
Оригиналниот план на Толстој немал никаква врска со крајниот производ. Толстој замислувал трилогија која би се вртела околу обидите да се тргне царот Николај I од тронот од страна на воени официри кои со текот на времето станале познати како декабристите. Тој планирал првата книга да ги истражи животите на официрите и нивниот идеолошки развој за време на Наполеоновите војни. Втората книга би се фокусирала на нивното неуспешно востание и третата книга би ги следела официрите по нивното прогонство и евентуално враќање од Сибир.
Толстој го сметал востанието за клучен момент во руската историја, пресвртна точка во државната историја кога идеалите од Западот се судриле со традиционалните руски идеали. Кога Толстој почнал да пишува, толку многу бил обземен со периодот околу Наполеоновите војни што решил тоа да му биде главниот фокус.
Неговата жена имала огромна и бесценета улога во процесот на пишување
Толстој често инсистирал неговата сопруга Софија да седи со него додека тој пишува. Таа исто така била прв читател на нејзиниот сопруг, чистејќи го неговиот примерок и забележувајќи ги промените што сметала дека треба да се направат. На инсистирање на Софија, Толстој исфрлил една прилично провокативна сцена од брачната ноќ на Пјер Безуков. Софија исто така обично ги копирала нацртите на нејзиниот сопруг, за да бидат почитливи за неговите издавачи. Како што пишува Росамунд Бартлет во „Толстој: Руски живот“, нејзиното дешифрирање на „лошиот ракопис на Толстој, а потоа подготовката на читлив финален нацрт на ракописот било огромна задача“.
Таа била остроумна и во поглед на заработката и финансиите
Толстој бил многу задоволен со тоа да ја види „1805 година“ во форма на серијал. Приказната била вистински хит кај читателите, а издавачите на „Руски гласник“ му платиле добро за тоа. Но, Софија Толстој го поттикнала својот сопруг да ја објави приказната во форма на книга, тврдејќи дека така може да заработат повеќе пари и да допрат до поширока публика. Тоа водело до издавање на романот „Војна и мир“ во 1867 година, но тоа било само половина од конечниот роман. Успехот на книгата го инспирирало Толстој да продолжи да пишува, па така, целосниот роман бил издаден во 1869 година.

Толстој засновал голем дел од ликовите на членови од неговото семејство
За време на една посета на неговото семејството во Москва во 1864 година, Толстој на своите роднини им читал делови од делото кое го пишувал. Тие биле изненадени кога забележале огромни сличности помеѓу нив и ликовите. Во роман со толку многу ликови (559), ова секако дека било неизбежно. Исто така, овој факт додал и ниво на автентичност, бидејќи дел од членовите на семејството на Толстој, вклучувајќи го и неговиот далечен роднина, принцот Сергеј Волконски, всушност се бореле во Наполеоновите војни. Како што и името може да открие, членовите на семејството на Толстој инспирирале неколку членови од измислените роднини (Болконски). Според Бартлет, ова било нормална пракса за Толстој. Таа вели: „Низ текот на неговата кариера, Толстој ја користел семејната историја за креативен материјал.“
Пријателите и семејството му помогнале во истражувањето
Историски роман како „Војна и мир“, барал исцрпно истражување. Толстој прочитал еден куп книги за Наполеоновите војни. Тој исто така спровел интервјуа со ветерани и ги посетил бојните полиња како Бородино. Но, бидејќи бил само еден човек, тој немал време самиот да истражи сè. Затоа, тој го повикал свекорот Андреј Берс, кој собирал исечоци од стари написи од весниците и се навраќал на неговото детство во раните години на почетокот на 19 век. Толстој исто така побарал помош и од неговите пријатели историчари, одржувајќи долги преписки, па дури и носејќи некои од нив со себе на неговиот имот во Јасна Полјана. Најважниот адут во истражувањето на Толстој можеби биле првите јавни библиотеки во Москва, кои се отвориле во 60-тите години на 19 век, како дел од културното будење што го зафатило градот.
Потребна му била една година за да ја напише воведната сцена
„Војна и мир“ започнува на една забава за високата класа која го запознава читателот со голем дел од главните ликови во романот. Се работи за елегантен вовед за чие создавање на Толстој му биле потребни 15 верзии и речиси една година за да го заврши и да биде задоволен со крајниот производ. Толстој бил перфекционист и инсистирал да го погоди правиот вовед пред да продолжи. За среќа, остатокот од романот го пишувал со побрзо темпо.
Тој постојано правел промени
Истражувачите велат дека прогресот на пишување бил постојано одложуван, бидејќи Толстој постојано се навраќал и правел промени. Постојаното одложување било фрустрирачко за авторот, кој често си ја избиструвал главата со ловечки експедиции на неговиот имот. Дури откако шесте томови од „Војна и мир“ биле завршени, Толстој пак решил да се наврати на текстот за да направи промени. Тој отстранил еден куп страници со коментари и на крај го скратил делото од шест на четири тома.

Се борел за да заработи повеќе – и успеал во тоа
Пред „Војна и мир“, секогаш кога ќе објавел нешто во „Руски гласник“, Толстој добивал 50 рубљи за секој испечатен лист. За воената епопеја на Толстој, издавачот Михаил Катков сакал да продолжи со истиот начин на исплаќање. Но, според Бартлет, Толстој знаел дека делото вреди повеќе од тоа и барал 300 рубљи по лист. По неколку часови исполнети со напнати преговори, Катков се согласил, а Толстој добил 3000 рубљи за десетте листови на кои била напишана првата серија на „1805 година“. Сметајте дека просечната месечна плата за руски работник во тоа време биле 10 рубљи, и можете да си преставите колку пари всушност заработувал Толстој.
Серијалот се појавил во „Руски гласник“ во исто време со уште едно руско ремек-дело
Во 1866 година, во периодот кога последните делови од серијалот „1805 година“ биле објавени, уште една приказна се појавила во „Руски гласник“ која привлекла релативно големо внимание, а тоа е „Злосторство и казна“ на Фјодор Достоевски. Приказната била објавувана во делови, на месечно ниво, и заедно со „Војна и мир“ го направиле „Руски гласник“ еден од најзначајните книжевни журнали во историјата. Значајноста очигледно не ја забележал Катков, кој, освен што едвај го натерале да му плати на Толстој, се мачел навремено да му ги исплати и месечните суми на Достоевски.
Критичарите биле збунети
Еден критичар во списанието „Глас“ прашал: „Во кој жанр би требало да го сместиме ова? Каде е белетристиката, а каде историјата?“ Ова прашање било вообичаено меѓу критичарите кои го читале овој роман кој раскажува за вистински настани, реконструирани вистински сцени и вклучувал вистински луѓе како Наполеон Бонапарта и царот Александар I. Дали „Војна и мир“ била белетристика или не? Вистината, се разбира, е дека е и од двете по малку. При драматизирањето на историјата во толкав опсег и детали, Толстој направил огромен скок кон модерниот историски роман. Толстој верувал дека историјата е хроника на поединечните животи, а белетристиката е најдобар начин да ги открие тие животи. Многу читатели се согласувале со него и затоа романот „Војна и мир“ постигнал толкав успех. Романописецот Иван Тургенев напишал: „Тоа е еп, историски роман и огромна слика за животот на целата нација“.
Направил револуција во начинот на раскажување
Толстој не е првиот писател кој го користел внатрешниот монолог (или внатрешните мисли на ликовите), но многу академици нему му го препишуваат револуционизирањето на употребата на овој метод. Според Кетрин Фојер, која го истражува ликот и делото на Толстој и која имала пристап до првите ракописи на писателот, авторот ја усовршил уметноста на презентирањето на внатрешниот одговор на ликовите кон надворешни предмети и настани. Таа исто така ја забележала, како и други, беспрекорната употреба на повеќекратки перспективи, од огромните неверојатни сцени на битките што го поставуваат читателот високо над хаосот, до интимните случувања во умовите на Пјер Безуков, Наташа Ростова и други ликови.

Толстој напишал есеј во одбрана на книгата
И покрај широкораспространетиот позитивен прием на „Војна и мир“ – и од читателите и од критичарите, Толстој сепак сакал да им се обрати на оние кои ја критикувале жанровската нејасност на делото. Во журналот „Руска архива“, Толстој напишал есеј „Неколку зборови за романот ‘Војна и мир'” (кој, секако бил многу повеќе од неколку зборови). Тој прилично јасно ја искажал неговата апатија кон европските книжевни форми, и тврдел дека „Војна и мир“, всушност не е роман: „Што е „Војна и мир“? Не е роман, уште помалку (наративна) поема, а уште помалку историска хроника. „Војна и мир“ е она што авторот сакал и можел да го изрази во формата во која е искажано.“
Романот влијаел на нарушување на неговото здравје
Во периодот од шест години додека го пишувал романот, целиот процес значително влијаел на неговиот ум и тело. При крајот на пишувањето, почнал да страда од мигрени, кои некогаш успевал да ги држи под контрола, но често морал да прави пауза од пишување. Откако го завршил делото, закачил сериозна форма на грип која го „заврзала“ за кревет во период од неколку недели. Затоа морал да направи принуден одмор од пишувањето и во тој период се фокусирал на учење грчки јазик и градење на училиште за децата кои живееле на неговиот имот во Јаснаја Полјана.
Воени лица ги фалеле сцените со битките
На Толстој војната не му била непознато нешто. Тој служел ако артилериски офицер за време на Кримската војна, каде бил сведок на крвавите битки на места како Севастопол. Толстој ги канализирал неговите искуства во воените сцени во „Војна и мир“. Битката кај Бордино, која зафаќа повеќе од 20 поглавја од книгата, е битка која е нашироко фалена како една од најдобрите воени сцени некогаш напишани. Руските воени командири постојано ги искажувале своите комплименти за опишувачките моќи на книгата особено во поглед на битките, а еден поранешен генерал дури и напишал дека треба да биде задолжително четиво за сите војници во руската Армија.
Толстој не бил баш некој обожавател на „Војна и мир“
Можеби заради целото време кое го поминал со приказната и ликовите, а можеби и заради неговиот уметнички развој, Толстој се разочарал од неговото дело кратко откако го завршил. Тој му напишал писмо на еден пријател во кое вели дека се надева дека никогаш нема да напише нешто толку надуено како „Војна и мир“. Во неговиот дневник, тој напишал: „Луѓето ме сакаат за ситници, како „Војна и мир“ и така натаму, што мислат дека се толку важни“.

Советската филмска екранизација на делото била соодветно епска
Кога американската публика мисли на величествени и скапи филмови, обично сите веднаш помислуваат на филмови како „Одвеано со виорот“, „Титаник“ и слични. Но, екранизацијата на „Војна и мир“ на Сергеј Вондарчук од 1966 година убедливо е пред сите нив. Филмската екранизација се снимала шест години, исто толку време колку што му било потребно на Толстој да ја напише книгата, а филмот трае шест часа.
Според информациите, филмот ги имал сите потребни ресурси кои советска Русија ги имала на располагање. Тоа вклучувало 12.000 статисти, голем дел од нив војници во Црвената Армија, со цел да се снимат неверојатните воени сцени и буџет кој надминувал повеќе од 100 милиони долари.
Но, интересното е што во интервју за „National Geographic” во 1986 година, Бондарчук незадоволно рекол дека овие бројки не биле реални: всушност филмот траел осум часа („некој бизнисмен во Америка го скрати без мое знаење“) и дека 120.000 статисти биле преувеличување, велејќи, „имав само 12.000“.
Филмот бил прикажуван на публиката во два дела, а целта била да го поттикне патриотизмот и да ја покаже силата на советската филмска индустрија. Фактот дека филмот балансира помеѓу акција со силни изведби и чудни, интимни моменти, како на пример сцената кога еден војник бара пофалба среде битка, е доказ за уметничкото мајсторство на Бондарчук. Роџер Еберт напишал: „Никогаш, ама баш никогаш нема да видите нешто слично на тоа.“
Во 2015 година, во Русија се одржало 60-часовно читање на романот
Во 2015 година, државната руска телевизија пренесувала уникатно читање во живо. Во текот на 60 часа, повеќе од 1000 Руси ширум светот ја читале книгата. Секој од нив читал по три минути. Еден по еден, читатели од Вашингтон, Париз, Пекинг, Непал и други локации ширум светот, читале извадоци од романот. Космонаутот Сергеј Волков исто така читал извадок. Настанот бил организиран од праправнуката на Толстој и вклучувал и членови на семејството кои читале од Јаснаја Полјана, имотот на Толстој.
