Денес „Антолог“ ја отвора својата прва подвижна книжарница!

„Книжарниците на тркала“ или мобилни книжарници се концепт кој го има во многу држави, а сега ќе го има и во Македонија! Ова е одлична вест, затоа што книжарниците на тркала се одличен начин да се допре до повеќе читатели кои инаку можеби имаат помалку можности да си ја освежат библиотеката, и истовремено книжевноста станува подостапна за сите! Одлична идеја која се надевам дека ќе добие поголем замав кај нас!

„Антолог“ на својата Фејсбук страница објави дека денес започнува со работа нивната прва Подвижна книжарница. Сите љубители на книги и оние кои сакаат да купат книга ќе може да го сторат тоа во периодот од 12 до 18 часот на плоштад Македонија. Идејата на оваа подвижна книжарница е да менува локации низ Скопје и низ целата држава и да ги приближи книгите до што е можно повеќе луѓе и љубители на книги.

(Извор: Антолог)

Како што велат од „Антолог“:

Одамна размислувавме за можноста што повеќе да ги доближиме книгите до нашите читатели што секојдневно нè следат и нè поддржуваат, особено во оние места каде што за жал бројот на книжарниците и достапноста на книгите се на многу ниско ниво. Оваа иновативна и атрактивна книжарница на тркала е следната приказна што ја испишуваме заедно со нашите читатели.

Покрај богатиот асортиман на домашна и преводна литература за сите возрасти, идејата е и книжарницата да прерасне во простор што ќе обединува настани, промоции, средби и гостувања на автори. На нашиот сајт antolog.mk, како и на нашите профили на друштвените мрежи редовно ќе ги објавуваме програмата на Книжарницата на тркала и локациите на кои таа може да се најде. Исто така, со оглед дека целта на оваа книжарница е да ги исполнува желбите на читателите – секојдневно ќе бидеме отворени за конкретни покани и предлози на места што треба да ги посетиме следни.

Честитки и браво за иницијативата, Кафе и книги ви посакува многу успех!

Leave a comment