На 19 март 1933 година се родил познатиот американски писател Филип Рот, кој е најпознат по неговото дело „Американска пасторала“ за кое ја добил и Пулицеровата награда за белетристика во 1998 година, но има добиено и бројни други награди како што е и престижната Букерова награда, која ја освоил во неколку наврати. Тој се има закитено со сите поважни книжевни награди освен Нобеловата награда за книжевност.
Филип Рот за време на неговиот живот објавил над 30 збирки раскази и романи и се смета за еден од највлијателните писатели од неговата генерација. Меѓу неговите најпознати дела, освен „Американска пасторала“ се и: „Човечка дамка”, „Збогум Колумбо“, „Заговор против Америка”, „Професорот на желбата”, „Отпуштање“, „Големиот американски роман“ и уште многу други. Тој почина на 22 мај 2018 година.

(Сликата е на Филип Монтгомери, од интервјуто за „Њујорк Тајмс“)
Во 2016 година тој ги набројал неговите книжевни влијанија кои му помогнале да го обликуваат како човек, но и како писател. Токму таа година даде ветување дека по неговата смрт ќе ја донира неговата домашна библиотека со повеќе од 3500 книги на јавната библиотека во Њуарк (или како што тој велел „мојот втор дом“). Заедно со оваа објава, тој објави и листа од 15 книги кои смета дека биле најважни во неговиот живот. До секој наслов, ја навел и возраста кога првпат ја прочитал конкретната книга.
Во продолжение прочитајте ја листата, па можеби и вие ќе се инспирирате да прочитате некоја од долунаведените книги:
„Граѓанинот Том Пејн“ од Хауард Фаст, првпат прочитана на 14 години
„Финли Врен“ од Филип Вајли, првпат прочитана на 16 години
„Погледни го својот дом, ангелу“ од Томас Волф, првпат прочитана на 17 години
„Игра во ‘ржта“ од Џ.Д. Селинџер, првпат прочитана на 20 години
„Авантурите на Оги Марч“ од Сол Белоу, првпат прочитана на 21 година
„Збогум на оружјето“ од Ернест Хемингвеј, првпат прочитана на 23 години
„Асистентот“ од Бернард Маламуд, првпат прочитана на 24 години
„Госпоѓа Бовари“ од Гистав Фловер, првпат прочитана на 25 години
„Врева и бес“ од Вилијам Фокнер, првпат прочитана на 25 години
„Процес“ од Франц Кафка, првпат прочитана на 27 години
„Пад“ од Албер Ками, првпат прочитана на 30 години
„Злосторство и казна“ од Фјодор Достоевски, првпат прочитана на 35 години
„Ана Каренина“ од Лав Толстој, првпат прочитана на 37 години
„Шери“ од Колет, првпат прочитана на 40 години
„Улицата на крокодилите“ од Бруно Шулц, првпат прочитана на 41 година
