Британската поетеса Керол Ен Дафи е овогодинешната добитничка на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата!

Британската поетеса Керол Ен Дафи е овогодинешна добитничка на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. Дафи е поетеса, есеист, драматург, професорка и креативна директорка на „Школата за пишување“ на Универзитетот „Манчестер Метрополитен“.

Одлуката за „Златниот венец“ беше соопштена во седиштето на УНЕСКО во Париз, по повод Светскиот ден на поезијата. Оваа година, свечениот настан се одржа во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, чиј јубилеј беше вклучен во Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО.

Наградата ќе ѝ биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од главните манифестации на годинешното издание на фестивалот, кое се планира да се одржи во периодот од 25 до 30 август. Дафи е четвртата жена која го добива ова највисоко признание, по Десанка Максимовиќ, Маргарет Атвуд и Ана Бландијана.

Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, вели:


„Поезијата на Дафи е проткаена со сензибилни доживувања и метафизички опсервации за љубовта, загубата, селидбата, носталгијата, тагата, сеќавањето, минливоста на времето (крајот на младоста, смртта на родителите, синдромот на празно гнездо и заминувањето на децата од домот). Во оваа симфонија на поетски слики, природата не се исцрпува само во улогата на лирска сценографија туку станува рамноправен соучесник во непреболната драма на светот, чиишто пејсажи се маркери на душевните неспокојства и тревожни прашалници на лирскиот субјект, одблесоци на еден талкачки дух кој општи со светот отаде видливото, во низа од збунувачки асоцијации, есхатолошки назнаки и немушти, исконски закани кои лебдат наоколу.
Поезијата на Дафи е луцидна, остроумна, автентична (и настрана од помодните текови), проткаена со родово сензибилна црта, духовита деконструкција на родовите обрасци и разобличување на родовата асиметрија на моќта. Таа ги предизвикува родовите стереотипи, како манипулативни, позајмувајќи им го при тоа својот моќен глас, духовитоста, проникливоста и игривоста на дотогаш премолчаните, изоставени, иако даровити жени, заробени во улогата на тивки статисти зад сцената на историјата.“

Во поздравното обраќање до македонската јавност, Дафи, меѓу останатото изјави:


„Во овие сурови, мрачни времиња за светот, бев воодушевена кога пред мојата врата ме сретна сјајот на „Златниот венец“. Да се додаде моето име на листата поети кои толку многу ми значеле во животот како читателка и како писателка, е скапоцен подарок за кој вечно ќе бидам благодарна. Поезијата е животен повик, музика на човечноста, која само сака да му одговори на светот и притоа да вплоти во него нови песни.“

За повеќе информации за Дафи и за целиот процес, информирајте се на веб-страницата на Струшките вечери на поезијата, од каде се преземени дел од изјавите и информациите.

Честитки!

Leave a comment