Во неделата беше Светскиот ден на поезијата, па некако оваа седмица е навистина посветена на поезијата и прекрасните стихови. Во таа насока, ТРИ реши да ја прослави поезијата преку поезија!
Во текот на оваа недела, сè до 27 март, сите кои сакаат да споделат свои стихови или кои сакаат да се обидат да напишат песна, можат да го сторат тоа во книжарниците на ТРИ. Дури и ако никогаш досега не сте се осмелиле да споделите ваша стихотворба, ова може да биде чекор кој ќе ве охрабри да го сторите тоа. Уште поголем поттик можеби ќе биде тоа што во понеделник – најдобрите стихови ќе бидат наградени со стихови, а песните ќе бидат објавени на блогот на ТРИ – prikazni.mk.

(Извор на сликата: ТРИ)
Освен тоа, за љубителите на поезија ќе имаат можност и да си ја освежат својата домашна библиотека со некои од поетските наслови на ТРИ, кои ќе бидат на попуст во текот на оваа недела.
Како што велат на ФБ страницата на ТРИ: „ Напишете песна на која било тема, протресете ги чувствата и разбудете го поетот во себе – поезијата си ти.“
