Федерико Гарсија Лорка: „Љубовта е основа на слободата“!

Федерико Гарсија Лорка, големиот поет и уште поголемиот борец за слобода, во 1936 година бил стрелан некаде околу Гранада, за време на Шпанската граѓанска војна. Тој се бунтувал против Франко, фашизмот и сето она што ќе дојде само после две години: Едноумие, тиранија и омраза, нешта кои овој голем борец не можел да ги поднесе. За Слобода. За Љубов!

Според некои извори, Федерико на самиот чин на своето погубување, гледајќи го својот џелат во очи, ги рецитирал следните стихови:

„Што е човекот без слобода, о Маријана?
Како да те сакам кога не сум слободен?
Како да ти го дадам своето срце кога тоа не е мое?“

(Има многу различни верзии за неговите последни мигови, ниту една не е потврдена, м.з)

Дали е возможна љубов без слобода?

Дефиниција за слобода секако не е само слобода на движење, туку и духовна слобода. Слобода на говор, слобода на избор, слобода на љубов… Ако човековата душа е заробена од омраза и грижа за сопствената егзистенција, во неа нема место за љубов.

Фашизмот владеел со страв, со кој ја добивал послушноста на граѓаните. А кога стравот ќе влезе во човековата душа и ум, значително ги ограничува и душата, но и умот. Човекот повеќе не гледа подалеку од себе и својата егзистенција. И нацистичките сили од луѓето правеле саможивни робови, кои, како што вели Лорка, повеќе го немаат своето срце, ниту пак можат некому да го дадат.

Тоа најмногу му пречело на познатиот поет. Не се плашел од сиромаштија, туку од тоа да се изгуби себеси. Од загубата на чувствата, љубовта и сочувството. Од загубата на душата. А тоа е највредното нешто што можеш да го изгубиш: повредно и од самиот живот.

„Јас тргнав по својот пат,
незнаејќи дека те љубам.
Не знам какви ти се очите,
Твојата коса, ниту твоите раце,
но на челото сè уште ми гори
прекрасната пеперутка на бакнежот“

(„Мадригал“, 1919 г.)

За фактот дека Лорка не прифаќал живот без љубов, сведочи и неговото враќање од САД во 1931 година.

Тој тогаш сметал дека во капиталистичките земји се живее без љубов – дека луѓето таму всушност живеат само заради пари и дека нурнале во својата алчност. За својот политички идеал го зема тогаш сè уште раниот социјализам, кој за основна клетка на човечкиот живот ја земал токму слободата и сето она што таа го опфаќа. По победата на социјалистите во Шпанија, тој добил позиција на директор на еден студентски патувачки театар „Ла Барака“, со кој патувал низ Шпанија и настојувал да шири култура. Прикажувале шпански класици и ја спроведувале идејата за општествена улога на театарот.

„Ако умрам, оставете го балконот отворен“

Во својата впечатливо кратка песна „Збогување“, Гарсија Лорка ги опфатил сите периоди на човечкиот живот. Го претставил неговиот крај („Ако умрам“), но и го наговестил почетокот на новиот (…„оставете го балконот отворен“)

Отворениот балкон го претставува погледот на светот: желбата за продолжението на животот и желбата за нови предизвици. Желбата за завршување на животот без слобода и желбата за љубовта.

И така на некој начин, Лорка предвидел сè, и целата своја животна филозофија ја изнел во неколку дистихови.

Песната само наизглед има песимистичен тон. Иако темата е смрт – таа е оптимистична. Баш како и неговата смрт. Фашистите тогаш убиле само човек, но идејата останала да живее. Таа е бесмртна, затоа што човековата потреба за слободата е нужна, исто како и љубовта!

Ако умрам,
оставете го балконот отворен.


Дете портокал јаде
(го гледам од мојот балкон)

Косачот коси жито
(слушам од својот балкон.
)

Ако умрам,
оставете го балконот отворен.

Извор.

Leave a comment