12 работи кои треба да ги знаете за Максим Горки!

Познат и како татко на социјалистичкиот реализам, Максим Горки е еден од најодликуваните руски писатели. Денес прочитајте повеќе за неговиот живот и како стигнал да се запише во страниците на книжевната историја.

Неговото име не било Максим Горки

Тој се родил на 28 март 1868 година како Алексеј Максимович Пешков и така бил познат сè до 1892 година, кога додека работел за еден весник во Тбилиси, Грузија, го променил своето име во Максим Горки. „Горки“ на руски значи „горчлив“, а тоа ги одразувало неговите гледишта околу тогашната руска држава и го доловувало јадрото на неговата книжевна цел: да ја кажува горчливата вистина.

Тој почнал да работи на осумгодишна возраст

Горки навистина многу страдал за време на неговото детство. Неговиот татко умрел кога тој имал пет години, по што неговата мајка се премажила и како последица на тоа, Горки бил испратен да живее со родителите на неговата мајка. Неговиот дедо го пратил да работи на осумгодишна возраст и тој бил постојано тепан од неговиот работодавец и речиси секогаш бил гладен или оскудно облечен. Но, додека работел како мијач на садови на еден пароброд на Волга, еден од неговите колеги го вовел во читањето, семе кое ќе продолжи да расте во текот на неговиот живот.

Баба му ја разбудила неговата креативна инспирација

Останувајќи сирак на 11 години, Горки имал можност да добие либерално и неструктурирано образование, кое примарно се состоело од романтичните бајки на баба му, како и религиозните учења. Во неговата автобиографија за детството, тој рекол дека мистериозните и интересни бајки на баба му ја разбудиле неговата фантазија. Искусувајќи ужасни тепања и злоупотреба како дете, љубезноста и сочувството на баба му за него биле трошка надеж и светлина во детство полно со неизмерно страдање.

Еден период од животот го поминал во патување

Додека престојувал во градот Казан, работејќи како пекар, ноќен чувар и работник на пристаниште, Горки неуспешно се обидел да се самоубие. Тогаш одлучил дека ќе патува пешки низ земјата и долго време работел нископлатени работи во јужна Русија, период кој го оформил поголемиот дел од неговиот книжевен интерес за страдањето на „обичните луѓе“. На крај се скрасил во Тбилиси, Грузија, каде почнал да објавува кратки приказни.

Првиот книжевен успех го доживеал со неговата кратка приказна „Челкаш“

Во 1895 година, Горки ги почувствувал првите знаци на книжевен успех преку објавување на неговата кратка приказна „Челкаш“ во најпознатиот книжевен журнал во Санкт Петербург. Приказната се фокусира на скитник во градот Одеса и е совршен пример за интересот на Горки за општествените отпадници. Слична приказна следела во 1899 година, „Дваесет и шест мажи и девојче“, и тој успех го издигнал Горки до горните ешалони на книжевниот пејзаж на Русија, пејсаж на кој се наоѓаат и Лав Толстој и Антон Чехов.

(Антон Чехов и Максим Горки)

Неговoто творештво станало значително политичко на почетокот на 20 век

На самиот почеток на 20 век, Горки напишал серија од драми кои ги одразувале неговите политички размислувања, кои сè повеќе се зголемувале, а најпозната од нив била „На дното“, објавена во 1902 година. Откако бил одблизу поврзан со Болшевичката партија, Горки бил испратен на мисија за собирање донации и средства во САД, каде го напишал неговиот озогласено револуционерен роман „Мајка“. Првпат објавен во 1906 година од едно американско книжевно списание, подоцна бил преведен на руски јазик во 1907 година. Иако комерцијално не постигнал успех, овој роман во голем дел го кристализирал неговиот револуционерен дух.

Горки и Ленин не се согласувале баш најдобро

Иако Горки се идентификувал како Болшевик, тој се спротиставувал на зграбувањето на моќта од страна на Ленин во 1917 година и јавно ги критикувал неговите диктаторски методи, нарекувајќи го „ладнокрвен измамник кој не ги чува ниту честа, ниту пак животот на пролетеријатот.“ Откако ги објавил овие погледи во весникот „Нов живот“, Горки бил прогонет со указ на Ленин, со оправдувањето дека Горки има туберколоза.

Неговото време во прогонство било плодно од уметнички аспект

Поголемиот дел од 20-тите години на 20 век ги поминал во Соренто, Италија, каде што го објавил последното дело од неговата автобиографска трилогија „Моите универзитети“, како и некои кратки раскази. Деновите на Горки во Соренто минувале во организирање раскошни вечерни забави во неговата вила, разменувајќи писма со луѓе како Штефан Цвајг и Х. Џ. Велс, а бил и домаќин на руските книжевници кои ги почитувал, вклучувајќи ги футуристичкиот поет Николај Асеев и писателот Исак Бабел.

Се вратил во Русија откако Јосиф Сталин го поканил да се врати

Според Александар Солженицин, најпознатиот руски хроничар на гулагот, Горки се вратил дома од материјални причини, иако Сталин, кој во 1932 година лично го поканил да се врати, го употребил како пион за болшевичка пропаганда. Тој сè уште бил сметан за пријател на болшевиците, па така ја добил и наградата „Редот на Ленин“ (највисоката граѓанска награда во СССР) и му била дадена вила во Москва. Една од главните улици во Москва била именувана во негова чест, како и централниот парк на кејот во Москва, кој и денес е познат како „Паркот Горки“.

Горки бил многу блиску да ја освои Нобеловата награда за книжевност (и тоа пет пати)

Горки пет пати бил номиниран за Нобеловата награда за книжевност во периодот помеѓу 1918 и 1933 година, но никогаш не ја добил престижната награда, губел од имиња како Иван Бунин и Вилијам Батлер Јитс. Неговите чести номинации покажуваат дека создал важен книжевен глас кој не бил признат само во Русија, туку и ширум целиот свет.

Неговата смрт останува мистерија

Горки ненадејно починал во јуни 1936 година, наводно од срцева болест и тоа додека бил под медицинско лекување. Но, многумина веруваат дека околностите околу смртта биле сомнителни. Иако Генрих Јагода, шефот на советската тајна полиција, наводно признал дека тој ја нарачал неговата смрт, како дел од анти-советска завера, други луѓе, вклучувајќи го и рускиот историчар Аркадиј Ваксберг, верувал дека Сталин бил тој кој го нарачал убиството, откако односите меѓу двајцата почнале полека да се нарушуваат.

Неговиот мозок е зачуван

Неколку часа по неговата смрт, неговиот мозок бил отстранет од страна на доктори и бил сместен меѓу мозоците на Мајаковски, Ленин и други руски политички и културни херои, кои се наоѓале на Институтот за неврологија во Москва. По објавувањето на неговата смрт на радио во јуни 1936 година, тој бил опишан како „голем руски писател, генијален светски уметник, пријател на работнците и борец за победата на комунизмот.“

Извор.

Leave a comment