Шарлот Бронте е една од најдобрите писателки на сите времиња, а нејзиниот роман „Џејн Ер“ е безвременско книжевно дело кое и по толку векови е толку актуелно и сакано. Бронте, како и нејзините сестри, била извонредно талентирана, а и одлично пишувала за љубовта. Но, и таа самата имала свои љубовни драми.
Четири години откако ја одбила понудата за брак од еден од нејзините додворувачи, работите се промениле и таа се нашла на страната на невозвратената љубов.
Во 1842 година, Шарлот и нејзината сестра Емили се преселиле во Брисел, за Шарлот да предава англиски јазик, а Емили да дава часови по музичко образование, во замена за сместување и стипендија. Кога нивната тетка ненадејно починала во октомври истата година, сестрите морале да си заминат и да се погрижат за семејната криза. Во јануари 1843 година, Шарлот, која тогаш имала 28 години, се вратила сама во Брисел и лудо се заљубила во Константин Еже, основачот на школото и нејзиниот личен тутор по француски јазик.

Таа после една година се вратила дома, но останала заљубена во Еже, кој бил женет и имал деца, и почнала да му пишува писма со извонреден емоционален интензитет, понекогаш и двапати неделно. Еже, кој ретко ѝ одговарал на писмата, конечно ѝ дозволил на неговата сопруга да се справи со ситуацијата. Госпоѓата Еже ѝ напишала писмо на Шарлот во кое ѝ вели дека смее да му пишува најмногу по едно писмо на секои шест месеци. Еже ги искинал нејзините писма, но неговата жена ги извлекла од кантата за ѓубре и ги залепила со цел да ги зачува.
Во 1894 година, четири декади по смртта на Бронте, ќерката на Еже ѝ ги покажала реставрираните писма на Фредерика Мекдоналд, уште една поранешна ученичка на нејзиниот татко. Првично Мекдоналд препорачала писмата да останат во тајност, заради емоционалните комплексности, плашејќи се дека јавноста нема да разбере дека чувствата на сега веќе познатата писателка не биле „обична непристојна наклонетост“, туку „обземачко чувство кое ги горело нејзините самопочит и самоконтрола“.
Но, самите писма го промениле мислењето на Мекдоналд за Бронте, спојувајќи ја претходната слика за неа како целисходна викторијанска божица на женствената домаќинска должност со чувство на романтична непромисленост, промена која се чинела доволна за да го промени мислењето за оваа комплексна жена до степен што децата на Еже ги донирале четирите преостанати писма на Британската библиотека во 1913 година, седум декади по нивното пишување и испраќање.
Тие биле објавени во „Тајмс“ на 29 јули 1913 година, а потоа биле објавени и во едно издание на Британската библиотека, „Љубовни писма: 2000 години романса“, во кое меѓу другите, има и писма на Оскар Вајлд, Чарлс Дикенс и Хенри VIII.

Во писмо до Еже, кое датира од јануари 1845 година, Бронте (29 години), го изнесува нејзиното длабоко разочарување што тој не ѝ враќа на писмата и вели:
„Јас си реков себеси, што би рекла јас на личност што е во таква ситуација: „Мора да се помириш со фактот, и пред сè, да не се нервираш за непријатноста која не си ја заслужила“. Јас дадов сè од себе за да не плачам и да не се жалам…
Но, кога човек не се жали, и кога човек сака да се контролира себеси со тиранска тупаница, целиот организам на човекот се бунтува и човек мора да плати за надворешната смиреност со речиси неподнослива внатрешна борба.
Ниту ден, ниту ноќ не можам да најдам одмор, ниту мир – ако спијам имам измачувачки соништа во кои те гледам секогаш сериозен, секогаш нерасположен и лут на мене…
Извинете ми, Господине, ако преземам чекор и повторно ви пишам: Како можам да го поднесам мојот живот, ако не направам нешто за да го отстранам и олеснам страдањето?“
И покрај луцидната свесност дека Еже веројатно сосема ќе „изгуби трпение“ поради тоа што му пишала писмо, нешто што и самата го признава, Бронте е обземена со манија слична на оние кои имале неверојатна опседнатост. Таа вели:
„Јас не барам начин да се оправдам себеси. Јас се подложувам на сите видови замерки и поплаки – сè што знам е дека не можам и не сакам да дозволам целосно да го изгубам пријателството на мојот Господин – попрво би ги издржала најголемите телесни болки, отколку моето срце да биде расечено од постојани каења. Ако мојот Господин целосно се повлече од неговото пријателство со мене, јас ќе останам целосно без надеж, ако ми даде малку пријателство, сосема малку, јас ќе бидам задоволна, среќна, ќе имам мотив за живот, за работа.“

Бронте ги изразува оние моменти на внатрешно пазарење со себе, но останува на својата отворена ранливост, дури и во моменти на јасно и цврсто одбивање и тоа е можеби еден од најголемите показатели за храброст:
„Господине, на сиромашните не им треба многу за да живеат – тие ги бараат само трошките леб што паѓаат од трпезата на богатиот, но ако им бидат овие трошки одземени, тие умираат од глад. Мене не ми треба ништо повеќе од тоа кога станува збор за љубовта на оние кои ги сакам, јас не би знаела што да правам со целосно пријателство, јас не сум навикната на тоа, но вие покажавте многу мал интерес за мене од деновите кога бев ваша ученичка во Брисел и јас се држам за зачувувањето на овој мал интерес, се држам за него, како што би се држела за животот.“
Таа потоа продолжува:
„Можеби вие ќе ми кажете: „Јас повеќе немам ни најмал интерес за вас, госпоѓице Шарлот и вие повеќе не припаѓате во моето домаќинство, јас ве заборавив.“
Па господине, кажете ми го тоа толку искрено, ќе биде шок за мене, но тоа не е важно, тоа ќе биде помалку ужасно отколку неизвесноста.“
Таа ја завршува оваа молба со овој апел за сочувство:
„Не сакам да го препрочитам ова писмо, јас го испраќам онака како што го напишав. Без оглед на тоа што сум свесна дека постојат ладни и рационални луѓе кои кога би го прочитале ова би рекле: „Таа ломоти“. Мојата единствена одмазда е да посакам овие луѓе да поминат еден ден со маките кои јас ги проживеав изминативе осум месеци, тогаш да видиме дали и тие не би ломотеле.
Човек страда во тишина сè додека има сила и кога таа сила ќе опадне, човек зборува без многу да ги мери своите зборови.“
Следната година, сестрите Бронте ги објавиле нивните стихозбирки под псевдоним, кој ќе им го отвори патот кон славата, а Шарлот почнала да ја пишува „Џејн Ер“, една од најдобрите книги на сите времиња, која се фокусира на искрената љубов на една млада жена кон човек кој е оженет со друга жена.
