Интересни факти за Ханс Кристијан Андерсен!

Данскиот писател Ханс Кристијан Андерсен се родил на 2 април 1805 година. Тој е најпознат по неговите приказни како „Грдото пајче“, „Принцезата на зрното грашок“ „Палешка“ и многу други. Но, малкумина знаат за човекот зад овие бајки, човек кој поминал низ многу тешки периоди во животот и кој според различни извори, ја претворил својата болка во уметност.

Во чест на годишнината од неговото раѓање, прочитајте седум интересни факти за животот на Андерсен!

Некои од неговите бајки се автобиографски

Според истражувачите и историчарите, приказната за „Грдото пајче“ ги одразувало неговите сопствени чувства на отуѓеност. Како дете, тој често бил задеван и исмеван поради неговиот изглед и пискав и тенок глас, што често правело да се чувствува изолирано, а потоа напишал и приказна за едно момче кое се викало Ханс и кое било исмевано како дете. Слично како и грдото пајче, Андерсен дури подоцна во животот станал „лебед“, култивиран, светски признат писател кој имал пријатели на високи позиции. Андерсен дури и самиот го признал тоа кога зборувал за „Грдото пајче“: „Се разбира, таа приказна е одраз на мојот сопствен живот.“

Постојат и докази дека Андерсен ги поставувал неговите ликови во очајни и безнадежни ситуации со цел преку нив да ги одрази сопствените лични трауми, кои вклучувале детство проживеано во тешка сиромаштија, загуба на неговиот татко и кусо работење во фабрика кога имал 11 години со цел да ѝ помогне на мајка му. Пол Бајндинг, книжевен критичар кој има напишано книга за Андерсен, кажал дека долговечната привлечност на неговите приказни одат подалеку од нивната автентичност. Тој за „Гардијан“ напишал: „Вистина е дека некои од најпознатите приказни на Андерсон, како „Грдото пајче“, дури и „Малечката сирена“, се драматизации или сублимации на неговите сопствени дилеми, но тие не би имале влијание врз нас доколку не го надминуваа личното – во јазикот, во забележувањето, во деталите и во сложената, но ненаметлива структура – да стојат сами како совршено ковани артефакти со универзална привлечност.“

Оригиналната верзија на „Малечката сирена“ е многу подепресивна од анимираната верзија на Дизни

„Малечката сирена“ на Андерсен од 1837 година е далеку помрачна од анимираниот филм на „Дизни“, кој беше соодветно прилагоден за деца, а кој бил инспириран од приказната на Андерсен. Во оригиналната приказна, (чија англиска верзија можете бесплатно да ја прочитате овде), на една безимена сирена која се вљубува во принц ѝ се нуди шанса да добие човечка форма, иако таа ќе живее во вечна агонија и ќе мора да ѝ биде пресечен јазикот. Целта на сирената – покрај љубовта – е да добие бесмртна душа, што е можно само ако принцот се заљуби и се ожени со неа. Откако принцот ќе се ожени со некоја друга, сирената размислува да го убие, но наместо тоа ја прифаќа нејзината судбина и се фрла во морето, каде што се раствора во морска пена. Сирената е дочекана од духовни суштества кои велат дека ќе ѝ помогнат да влезе во рајот ако во текот на следните 300 години прави добри дела. И тоа е нешто. (За повеќе информации, прочитајте го текстот „Оригиналните несреќни краеви на три познати бајки“)

Се верува дека лошите преводи влијаеле на угледот на Андерсен надвор од границите на неговата земја

Според УНЕСКО, Андерсен е осмиот најпреведуван писател во историјата, кој заостанува веднаш зад Владимир Ленин. Иако неговите дела се објавени на повеќе од 125 јазици, не биле сите преводи баш верни на оригиналот. Писателите Дијана Кроне Френк и Џефри Френк во нивниот модерен превод на „Приказните на Ханс Кристијан Андерсен“ наведуваат дека уште од самиот почеток имало многу примери на „лоши преводи“ кои ги „уништиле“ неговите оригинални приказни. Тие тврдат дека како резултат на тоа, угледот на Андерсен надвор од Скандинавија „не бил углед на книжевен гениј, туку бил гледан како чуден писател на шармантни детски приказни од 19 век“.

Андерсен бил гостин во домот на Чарлс Дикенс

Андерсен се сретнал со неговиот книжевен херој, Чарлс Дикенс, на аристократска забава во 1847 година. Тие останале во контакт, а една деценија подоцна, Андерсен дошол на гости во домот на британскиот автор во Кент, Англија. Посетата требала да трае најмногу две недели, но Андерсен на крајот останал пет недели, на незадоволство на семејството Дикенс. На неговото прво утро таму, Андерсен рекол дека дански обичај било еден од синовите на домаќинството да го бричи машкиот гостин. Наместо да му удоволи, семејството најмило локален бербер. Андерсен исто така бил склон кон напади на лутина, а во еден момент се фрлил на земја со лицето кон тревникот и липал на глас откако прочитал особено лоша критика на една од неговите книги. Откако конечно си заминал, Дикенс напишал и прикажал белешка на која пишувло: „Ханс Андерсен спиеше во оваа просторија пет недели – што на семејството му делуваше како вечност! Дикенс престанал да одговара на писмата на Андерсен, и така всушност завршило нивното пријателство.

Тој многу се плашел од можноста да биде закопан жив

Тој имал многу фобии. Се плашел од кучиња. Не јадел свинско затоа што се плашел дека ќе фати бактерија која ја има во свињите. Тој во својот куфер секогаш имал јаже, во случај да треба да избега од пожар. Тој исто така многу се плашел дека случајно ќе го прогласат мртов и дека ќе го закопаат жив, па затоа секоја вечер пред да си легне, до својот кревет оставал забелешка: „Само делувам дека сум мртов.“

Има теорија дека целиот живот го поминал во целибат

Иако Андерсен живеел долг и исполнет живот, тој се мачел со личните односи и никогаш не добил бајковит крај на својата приказна. Во различни периоди од неговиот живот, тој се заљубил во неколку жени, а можеби и во неколку мажи, барем според некои толкувања на љубовните писма што им ги пишувал на млади мажи, но неговите чувства никогаш не биле возвратени. „Верувам дека тој никогаш немал сексуална врска“, изјавил биографот Бенте Кјоел-бај за „Десерет њуз“. Иако Андерсен во голем дел се смета за невина и чиста фигура, тој не бил исклучок од човештвото и не е дека немал похотни мисли. Кога имал 61 година, првпат отишол во бордел во Париз и платил за да биде со проститутка, но не сторил ништо освен што ја гледал како се соблекува. По втората посета на „продавница која тргува со луѓе“, тој напишал во својот дневник: „Зборував со [жена], платив 12 франци и заминав без да сторам грев со дело, но веројатно сторив грев во мисла“.

Андерсен се смета за национално богатство во Данска

Данската влада го прогласила Андерсен за „национално богатство“ кога бил во своите доцни 60-ти годдини, речиси во исто време кога почнале да му се појавуваат симптоми на рак на црниот дроб, кој на крај ќе му го одземе животот. Владата му доделила и стипендија и наредила да се направи статуа од писателот и да се постави во Кралската градина во Копенхаген, за да се одбележи неговиот 70-ти роденден. Тој го дочекал роденденот, но починал набргу потоа, по четири месеци. Еден век подоцна, на многу места можете да ги видите сите обележја кои се во негова чест, како уште една статуа на улицата која е именувана во негова чест, како и скулптура на „Малечката сирена“. Туристите можат да го посетат и неговиот дом од детството во Одензе, како и музејот посветен на неговото творештво во истиот град.

Извор.

Leave a comment