Што читаше Кафе и книги во март?

Пристигна април, пристигна и магичната пролет. Пролетта е прекрасно време за читање книги, па затоа денес на блогот можете да прочитате препораки за читање кои можеби ќе ви се допаднат. Листата е составена од книгите кои ги прочитав минатиот месец.

Па да почнеме:

Пророкот“ – Калил Џибран

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Ова дело се смета за класик во книжевната историја и тоа со право. Се чита буквално во еден здив и освен прекрасните описи и структура, во неа има и прекрасни поуки за животот и за сите елементи од човековото живеење.

Пророкот се подготвува да го напушти островот Орфалес, но народот го повикува, му вели да не си замине, но тој настојува да го стори тоа. Тогаш народот го замолува да каже неколку зборови за различни работи кои им се важни, како: законите, слободата, љубовта, бракот, децата, пријателството и уште многу други работи.

Додека ја читате оваа книга која е малечка по страници, но голема по квалитет и содржина, ќе бидете воодушевени од проникливоста, мудроста, длабочината, а и самите ќе извлечете прекрасни поуки додека ја читате.

Доколку ви треба нешто освежувачко, но истовремено и длабоко, земете ја оваа книга во рака. Ќе размислувате за оваа книга и многу откако ќе ја завршите. Освен тоа, препевот е прекрасен, совршен.

Имаше прекрасни извадоци, но јас сега би го издвоила овој:

„Не заборавајте, срамот е штит од нечистите погледи. А кога нечистите ќе ги снема, што ќе биде тогаш срамот ами пранги и поганштина на умот? Та запомнете, на земјата ѝ годи допирот на вашите боси нозе, а ветровите копнеат да си поиграат со вашите распуштени коси.“

Шега“ – Милан Кундера

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт:
Милан Кундера без сомнение ми е еден од омилените автори. Неговите описи, начинот на кој ги гради приказните, како и меланхоличната нишка која секогаш ја има во неговите книги, додека го анализира општеството, љубовта, луѓето, секогаш ќе имаат посебно место во моето срце.

„Шега“ е уште еден доказ за неговата маестралност како писател. Одлична книга во која толку многу навлегувате што крајната поука истовремено ќе ве изненади, но и ќе ве замисли и е многу релевантна и на едно индивидуално и човечко ниво. Книгата го анализира животот на Лудвик Јан, кој по 15 години се враќа во својот роден град, полн со спомени, но и со планина на своите рамена, предизвикана од горчината која му останала од работите кои му се случиле.

Кога бил млад и амбициозен, тој бил популарен и многу активен комунист, но како и секој млад човек бил наклонет кон шеги и девојки. Додворувајќи ѝ се на една девојка, тој во една преписка со неа кажува една сосема невина шега, која на крајот ќе излезе дека ќе му го дефинира животниот тек. Книгата се движи помеѓу минатото и сегашноста, додека се испреплетуваат и други ликови со свои животни патеки и сите се поврзани со Лудвик. Одлична книга, феноменална, навистина ја препорачувам.

„Разговор со Спиноза“ – Гоце Смилевски

Издавачка куќа: ДИЈАЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт:
Неверојатна книга! Не ми се верува дека досега не ми паднала во рака. Сосема заслужено ја има освоено наградата „Роман на годината“ во 2002 година! Неверојатна структура и многу креативен пристап.

Книгата е заснована на животот на познатиот филозоф Барух Спиноза и тој е централен лик во овој роман. Врз основа на околностите и неговиот животопис, Смилевски мошне успешно се обидува да навлезе во умот на Спиноза и ние како читатели ги следиме и неговите внатрешни монолози и размислувања.

Колку прекрасни концепти за животот, односите со другите луѓе, борбата помеѓу разумот и срцето, односно сетилата. Осаменоста, но и во голем дел одбранбените механизми кои ги создаваме за да се заштитиме, а тие само нè отуѓуваат.

Феноменално напишан роман, дури и да не сте голем љубител/познавач на филозофијата, дефинитивно ќе ви се допадне доколку сте љубител на одлично срочени романи, необични, со интересна структура и интересни погледи и размислувања за различни аспекти на човековото постоење.

Магла“ – Мигел де Унамуно

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 4/5
Осврт:
Досега во неколку наврати сум препорачувала книги од Мигел де Унамуно, „Тета Тула“ и „Трагично чувствување на животот“. Мигел де Унамуно е неверојатен писател и филозоф и секое од овие дела е сосема различно и уникатно, а „Магла“ е дефинитивно неговото најпознато дело.

Овој роман или како што Унамуно го нарекува „нивола“ излегува од традиционалните рамки на романот, особено имајќи предвид дека во еден момент самиот автор станува дел од приказната на еден многу необичен и непредвидлив начин кој само дополнително влијае на целокупниот впечаток што приказната ја остава кај читателот.

Главниот лик во романот е Аугусто, кој еден ден излегува од дома и одеднаш ненадејно се заљубува во една девојка која дотогаш ја нема видено, но ја следи до домот во којшто живее и решава дека е заљубен и дека мора да се ожени со неа. Но, таа го одбива, велејќи дека има момче и дека е заљубена во друг. Оттука започнуваат сите сплетки во кои се вклучуваат различни ликови на различен начин, а клопчето сè повеќе се заплеткува додека не стигне до едно ниво на речиси целосна апсурдност.

Но, книгата е неверојатно интелигентно напишана, со многу хумор и „лесна рака“, а освен тоа, преку згодите и незгодите, Унамуно ни дава неверојатни увиди за љубовта, односите меѓу луѓето и големата „магла“ односно животот. Одлично четиво!

Природен роман“ – Георги Господинов

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Има причина зошто Господинов е еден од најчитаните автори на Балканот и тоа сосема заслужено. Најпрво пишува со една таква леснотија со која го привлекува и „зграпчува“ писателот, а и самите теми кои ги обработува се блиски за секој човек, без оглед на тоа дали е од овој регион или некаде далеку на друг континтент.

Секогаш кога читам книга на Господинов се чувствувам убаво и пријатно и неговите дела секогаш прават да се чувствувам смирено. Неверојатно е како влијаат неговите дела на мене. Иако навлегува во анализа на човековата состојба, на моменти го зачинува сето тоа со еден лесен, ненаметлив и природен хумор кој невозможно е да не ви измами насмевка на лицето.

Главниот фокус на книгата е еден разведен писател, кој се обидува да расчисти со минатото и се навраќа на минатото, на почетоците, на неизбежниот пад на бракот, а сето тоа има еден симпатичен микс од повеќе ситуации, кои произлегуваат од намерата на писателот на напише „природен роман“, односно роман од повеќе (и само) почетоци.

Симпатично, шармантно, интересно четиво, какво што само Господинов може да напише.

Leave a comment