Поштенска марка со ликот на Блаже Конески во чест на 100 години од неговото раѓање!

Оваа година се одбележуваат 100 години од раѓањето на македонскиот великан Блаже Конески. По настанот во седиштето на УНЕСКО во Париз во негова чест, кога неговите песни беа читани на различни јазици, продолжуваат настаните во чест на овој навистина многу значаен јубилеј.

Вчера беше промовирана поштенската марка со ликот на Блаже Конески, која ќе може да се набави по цена од 72 денари од Бирото за филателија во Пошта 2 во Скопје.  Издадена е во 6.000 примероци, а е илустрирана со портретот на Конески, дело на академик Димитар Кондовски.

(Фото: МИА, преземено од: Сакам да кажам)

На промоцијата на поштенската марка присуствуваа директорот Јани Макрадули и претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, кој меѓу другото изјавил:

„Впрочем негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон делото на Конески, туку и долг кон самите себеси. Долг кон сите наши предци и кон идните генерации.“

Поштенската марка е дел од програмата насловена „2021 година во чест на Блаже Конески“. Оваа година се предвидени различни активности преку Министерството за култура како видеа, анимации, спотови, книги, монографии, научно-наставни проекти, конференции, и промоција на дигиталното издание на толковниот речник на македонскиот јазик.

Планирање е чествување на ликот и делото на Конески на најзначајните културни манифестации како „Охридско лето“ и „Струшките вечери на поезијата“ преку различни настани со кои ќе се искаже почит кон овој неверојатен великан кој велеше дека „јазикот е единствената наша татковина“.

За повеќе информации прочитајте на порталите „Радио МОФ“ и „Сакам да кажам“.

.

Leave a comment