Момо Капор е еден од најпознатите писатели од просторот на поранешна Југославија, чиј шарм и прекрасни дела и ден денес се актуелни. Момо Капор е роден на 8 април 1937 година во Сараево. За време на бомбардирањето на Сараево, за време на Втората светска војна, тој, заедно со својата мајка Бојана и баба му, се скриле во некоја стара турска куќа, заедно со уште околу 40 луѓе. Бомбата паднала директно врз куќата и тој бил единствениот кој го преживеал нападот и тоа само затоа што мајка му го заштитила со своето тело. Тој самиот кажал дека напишал стотици страници само за да успее да се ослободи од тој комшар, но никогаш целосно не успеал во тоа.
Од друга страна, неговиот татко бил резервен офицер на кралската војска и на почетокот на војната бил заробен и испратен во логор во Нинберг, а бил пуштен дури по капитулацијата на Германија. Откако се вратил од војната, тој го земал малиот Момо и се преселиле во Белград.

Тој уште додека бил во гимназија почнал да пишува за различни списанија, а испраќал и радио-драми на конкурси, начесто под псевдоним. По матурирањето се запишал на Академија за ликовни уметности во Белград, а дипломирал со просек 9.9. Тука почнува неговиот боемски живот кој неговиот татко никогаш не го одобрувал.
Некаде при крајот на своето студирање се запознал со Ана Пјеротиќ, ќерка на угледен лекар, со која во 1964 година ја крунисува својата врска и тие стапуваат во брак, од кој ги добиваат ќерките Ана и Јелена.
Во женското списание „Базар“ почнале да излегуваат текстови за тинејџерката Ана, со илустрации од авторот. Тие текстови подоцна прераснуваат во книгата „Белешките на една Ана“, која е издадена во 1972 година. Подоцна, тој ќе каже:
„Тука изнесував многу поопасни ставови од оние кои можеа да се најдат во дисидентската книжевност. Тогашното Политбиро ќе излезеше многу смешно ако нападнеше тинеџерка со „кики“ фризура (…). Тогаш себеси се прогласив за лесен писател чии дела беа згодни за читање под хаубите на фризерските салони, за да се заштитам од нападите на политичките олигарси кои се менуваа на власт во текот на мојот живот.“
Во тој период почнува и неговата соработка со издавачката куќа „Знање“, која ги објавува неговите први романи кои ќе му донесат огромна популарност. Неговите книги со години биле на врвот на листите на најчитани книги, а тој набргу станал миленик на публиката. Благодарејќи на своите авторски емисии на радио и телевизија, стекнал широка популарност која во тоа време била невообичаена за писатели.

Во 1988 година се развел од сопругата и набргу се преженил.
По неговата смрт на 3 март 2010 година, во Србија се основани неколку организации за зачувување на неговото наследство и спомен, а се доделува и награда со неговото име. Прв кој ја добил таа награда бил Емир Кустурица за книгата „Смртта е непроверена гласина“. Дури и една улица во Белград го носи името на овој голем книжевник.
Книжевноста на Момо Капор се одликува со лесен и едноставен стил, со јасни конструкции, но и силни пораки. Тој е преведен на повеќе светски јазици и е автор на над 40 книги, а најпознати негови дела се „Уна“, „Белешките на една Ана“, „Книга за жалби“, „Фолиранти“ и уште многу други. Освен романи, тој пишувал и драми, патописи, есеи, а се занимавал со илустрација, а покрај тоа имал и многу уметнички изложби ширум светот.
Во чест на годишнината од неговото раѓање, денес на блогот прочитајте дел од неговите прекрасни мисли:
„Да живеат нормалните бакнежи, на чело со бакнежите во чело!“
„Јас всушност мислам дека најчудните луѓе изгледаат многу конвенционално, многу стандардно. Затоа што човек кој е навистина чуден одвнатре, оној кој е во длабоко недоразбирање со светот кој не го прифаќа и разбира, не чувствува никаква потреба да се накитува однадвор, да привлекува нечие внимание. Напротив! Тој сака да се сокрие. Има ли почудно човечко суштество од Кафка, на пример, а тој речиси целиот живот работел во една осигурителна компанија во Прага, не разликувајќи се надворешно од останатите чиновници.“
„Можеби среќата се состои во тоа навреме да престанеме со трката за среќа? Да стигнеме до животот пред лекарот да ни забрани пушење, алкохол, храна, капење, сончање и љубов?“
„Денес секој има мобилен телефон, но многумина немаат кому да телефонираат. Никогаш не може да се состават сите добри работи.“
„Потешка војна од граѓанската и верската е војната која секој ја води сам во себе.“

„Работите не вредат околку колку што им е цената, туку онолку колку што сме вложиле љубов во нив.“
„Видете, драга моја, ѝ рече на другарката Митровиќ, светот денес е премногу слоевит за да може да се опфати или објасни само со една идеологија, без оглед на тоа колку е таа напредна, авангардна и сеспасувачка… Сакале ние или не, можеме да кажеме дека живееме во доба на криза на идеологиите.“
„Одејќи, се учеше да живее без Уна. Да чекори, вистина, како реконвалесцент, но сепак, да чекори. Да јаде. Сам да пие. Да дише, да спие, да се смее, а тоа најтешко му одеше.“
„Се бара една половна недела, без вести за несреќи и војни! Се бараат пријатели, макар и дотраени, сите оние исчезнати, расселени, изгубени, оженети, се бараат оние кои нè разнесувале парче по парче, дел по дел: делови од нашето време, нашата љубов, се бараат за да ја вратат љубовта.“
„Човек може да каже дека животот не му е промашен ако може барем една работа да ја направи подобро од другите.“
„Нова година е за аматери, за оние кои никогаш не остануваат после полноќ во кафана.“
„Не треба да се плашите од самотија. Таа е племенита, таа е дел од нашиот живот, баш како и собирањето. Но и неа не може секој да ја издржи. Таа не е за слаби, за оние кои постојано мораат да бидат опкружени со други за да заборават колку се слаби. И не може секој од својата самотија, како школка, да обликува бисер и да ја подари на другите. Затоа што познато е дека секоја школка не прави бисер.“
