Познатиот шпански поет и есеист Хусто Хорхе Падрон, почина вчера во Мадрид и го напушти овој свет, како последици од компликации од КОВИД-19. Ова е навистина тажна вест и за нас имајќи ја предвид неговата голема љубов и почит кон Македонија. Тој беше навистина наш голем пријател, а во 1998 година беше прогласен и за почесен граѓанин на Струга.

Тој е роден во 1943 година на Канарските Острови, а како студент живеел во Барселона каде студирал право и филозофија. По дипломирањето, по дополнителни надоградби на своето образование во Париз, Осло и Стокхолм, тој се вратил во своето родно место и станал адвокат.
Својот пат кон светот на поезијата и книжевноста го пробива преку својата книга „Темните огнови“ која е издадена во 1971 година и набргу стекнува со почит и многу признанија во книжевниот свет и до ден денес е еден од најпреведуваните и најпознатите шпански поети. Неговата поезија е преведена на повеќе од 40 јазици. Добитник е на многу меѓународни награди и признанија, меѓу кои и „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1990 година, а претходното двапати ја добил наградата „Нова Македонија“ за најдобра песна напишана на СВП (1989 и 2002 година). Во 2019 година ја доби наградата „Ацо Караманов“ на „Карамановите средби“ во Радовиш.
Бил член на МАНУ (надвор од работен состав) и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.
Тој навистина многу ја сакал Македонија, а како доказ за тоа прочитајте ја оваа прекрасна песна:
Јас сум човекот што те љуби – Хусто Хорхе Падрон
Јас сум човекот што те љуби, Македонијо!
Не се родив во земјава твоја со златни ливади
кајшто тополите треперат како класје
и чучулигата каде го напушта на ветрот
својот жален пој. Те избрав јас тебе меѓу сите
зборој, зашто си најсакана ти,
за возбудата што ми ја всадуваш во крвта мене,
за твојата растреперена душа, за вистината твоја, за пламенот твој.
Тајна една верба има што тагата ја пишува.
Од кај ли иде не знам, но воздухот секојдневно ја носи
со воздишката на споменот мој,
ја втренчува, заколнува пред законот на честа моја.
Се раѓаат во мене реките твои, посевите твои ми растат
со зелена преданост, низ вените мои го слушам јас
шепотот на водата од езерата и изворите твои
што ми кажуваат за твојата вековна тага,
оставајќи ги во мојот прелеан спомен
светлите подвизи и болката на историјата твоја.
Постојано во градиве мои морето, морето што ти го грабнаа тебе,
кревајќи се со своите намачени бранови,
течејќи со лулеењето свое во блесоци од пена
заробена. Ме боли плачот
на твоето угнетено време кога душманите
го изневерија твојот благороден прием,
ти го урнаа мирот и складноста твоја
и ги убија твоите синови храбри.
Како да ти ја искажам јас, татковино на копнежите мои,
сласнава и измачувачка љубов што ми ја влеваш
со меланхолијата што продира во утробата моја.
Јас во тебе живеам, љубено чувство,
како вода излеана за да ги бакнам камењата твои,
верба и сила да всадам во корените твои,
за да ја извишам на крошните од дрвјата
песнава моја што е песна твоја и на ветрот
да му го препуштам солидарниот мирис на поемата
и овој љубовен пакт со надежта твоја.
Македонијо, ти се колнам, таму кајшто ќе живеам јас
зборот твој ќе биде како копнежна музика
што срцето го довикува на оние кои не те знаат
и те презираат тебе. И кога ќе пристигне денот
кога гласот мој ќе згасне, тогаш Македонијо,
ти се колнам јас гласно во сите наши сништа
дека пак ќе се родам среде изворите твои.
Ќе дојдам од облаците што зората ја будат,
ќе слезам со дождот, ќе никнам од калта,
ќе горам од нетрпение јас со убавина и љубов
за да стигнам до тебе и да се престорам јас
во дел од светлината твоја, од зборот твој,
за повторно да бидам страста твоја,
човекот што се вика Македонија.
(Превод од шпански на македонски јазик: Клеопатра Филипова)
