Смислата на животот според Симон де Бовоар…

На денешен ден во 1986 година починала познатата писателка и филозофка Симон де Бовоар, која со своите пишувања и теории се има сместено високо на пиедесталот во историјата на филозофијата. Во чест на годишнината од нејзината смрт, во продолжение прочитајте го овој интересен текст за нејзиното творештво, кој е всушност македонски превод на анимираното видео кое во нејзина чест го направи екипата на TED-Ed. Најдолу можете да го погледнете видеото и оригиналните зборови на англиски јазик.

На 21 година, Симон де Бовоар била најмладата личност која некогаш полагала испити по филозофија на најпрестижниот универзитет во Франција и ги положила без проблем. Но, речиси во истиот момент кога ги усовршила правилата на филозофијата, таа сакала да ги прекрши. Таа учела за „Теоријата на формите“ на Платон, што го отфрла физичкиот свет како несовршен одраз на повисоки вистини и непроменливи идеали. Но, за Бовоар, земниот живот бил возбудлив, сензуален и сè, но статичен не. Нејзината желба да го истражи физичкиот свет до својот максимум ќе го обликува нејзиниот живот, и евентуално ќе го инспирира создавањето на радикална нова филозофија.

Преку бескрајните дебати со нејзиниот романтичен и интелектуален партнер Жал-Пол Сартр, Бовоар ги истражувала темите како слободна волја, копнеж, правата и обврските, како и вредноста на личното постоење. Во годините околу Втората светска војна, овие идеи ќе се претворат во филозофската школа која ќе биде најтесно поврзана со нивното творештвто: егзистенцијализам.

Додека јудео-христијанските традиции учеле дека луѓето се родени со однапред утврдена цел, Бовоар и Сартр предложиле револуционерна алтернатива. Тие тврделе дека луѓето се родени слободни и се фрлени во животот без некој божествен план. Како што дополнително рекла Бовоар, оваа слобода истовремено е благослов и товар. Во „Етика на амбивалентноста“, таа тврди дека нашиот најголем етички императив е самите да ја создеме смислата на нашите животи, додека истовремено ја штитиме слободата на другите да го направат истото. Како што напишала таа: „Слободата која се интересира само за негирање на слобода мора да биде отфрлена.“

Оваа филозофија ги предизвикало студентите да навигираат помеѓу неодреденостите и конфликтите кои нашите желби ги предизвикуваат, и внатрешно и надворешно. И како што Бовоар се трудела да ја пронајде нејзината цел, таа почнала да се прашува: Ако сите заслужуваат слободно да ја бараат смислата, зошто таа била ограничена од општествените идеали за женственоста?

И покрај нејзиното плодно пишување, предавање и активизам, Бовоар се мачела да биде сфатена сериозно од нејзините машки современици. Таа го отфрлила своето католичко воспитување и очекувања за брак, за да студира на универзитет, да пишува мемоари, белетристика и филозофија. Но, ризиците кои ги презела со тоа што го одбрала тој живот воопшто не биле забележани од нејзините машки колеги, кои овие слободи ги земале здраво за готово. Тие немале никаков интелектуален интерес за нејзиното творештво, коешто ги истражувало внатрешните животи на жените, како и за отворената врска на писателката и нејзината бисексуалност. За да може да ја пренесе важноста на нејзината перспектива, таа решила да нурне во пишувањето на нејзината дотогаш најпредизвикувачка книга. Како што ги создала основите на егзистенцијализмот, така решила да ги редефинира родовите граници.

Објавена во 1949 година, „Вториот пол“ тврди дека исто како и смислата на нашиот живот, родот не е однапред дефиниран. Како што таа напишала, „една личност не се раѓа, туку всушност станува, жена“. А за да се „стане“ жена, таа тврдела дека треба да се стане Другото. Таа го дефинирала ова како процесот на етикетирање на жените како помалку вредни од мажите, кои низ текот на историјата дефинирале и биле дефинирани како идеални човечки примероци. Како Другото, таа тврдела дека жените биле сметани како второстепени во однос на мажите и оттаму систематски ограничени во тоа да трагаат по слободата.

„Вториот пол“ стана неопходно феминистичко четиво, нудејќи детална историја на опресирањето на жените и е книга која е полна со анегдотални сведоштва. „Вториот пол“ е комбинација на лично искуство и филозофска интервенција и создаде нов јазик за дискутирање на феминистичка теорија. Денес, овие разговори сè уште се обликуваат од инсистирањето на Бовоар дека во потрагата под еднаквост, „не постои развод помеѓу филозофијата и животот“.

Секако, како и секое останато пионерско дело, идеите во „Вториот пол“ денес во голема мера се проширени. Многу модерни мислители истражувале дополнителни начини на кои луѓето се „Другото“, кои Бовоар не ги опфаќа во книгата.

Наследството на Бовоар е дополнително искомплицирано од обвинувањата за сексуално вознемирување од страна на двајца нејзини студенти. Во очи на овие обвинувања, нејзината учителска дозвола ѝ била одземена поради злоупотреба на својата положба.

Во овој и во други аспекти, нејзиниот живот останува контроверзен, а нејзиното творештво претставува значаен момент во појавувањето на раниот феминизам. Таа учествувала во тие разговори и дебати до крајот на нејзиниот живот; пишувала белетристика, филозофија и мемоари сè до нејзината смрт во 1986 година. Денес, нејзиното творештво нуди филозофски јазик кој треба повторно да биде осмислен, повторно да биде посетен и да има побуни против него – одговор кој оваа револуционерна мислителка можеби би го сметала за добредојден.

Во продолжение погледнете го и анимираното видео на TED-Ed:

Leave a comment