Казуо Ишигуро инсистира дека е оптимист кога се работи за технологијата.
Во едно неодамнешно интервју изјави: „Јас не сум од оние луѓе кои мислат дека ќе дојде и ќе нè уништи“. Тој набројал и листа со ветувачки пронајдоци во поглед на вештачката интелигенција и генетиката.
Сепак, ова е изненадувачки став од авторот на „Никогаш не ме оставај“, роман кој трогателно навлегува во темата за човечко клонирање. Ишигуро објасни дека она од коешто се плаши е уништувачката неправда која може да се случи доколку општеството не е внимателно со научниот развој.
Тој тогаш кажа: „Сите мораме да започнеме да размислуваме и да се грижиме за овие прашања, затоа што во моментот тие се во рацете на многу, многу малку луѓе.“
Во неговиот последен роман „Клара и сонцето“, Ишигуро го прави токму тоа, го врти неговиот фокус кон вештачката интелигенција. Приказната ја следи Клара, интелигентен робот кој е познат и како „вештачки пријател“, која му се придружува на едно човечко семејство во дистописка Америка. Ова е првиот роман на Ишигуро по добивањето на Нобеловата награда за книжевност. Како и многу од неговите претходни дела, книгата не може сосема лесно да се смести во еден жанр, туку има елементи на научна фантастика, а може да се гледа и како роман за растењето и созревањето.

(Извор на сликата: ЛитХаб)
Ишигуро минатиот декември зборувал со Кери Шо, која пишува за најпознатата платформа за книги „Гудридс“, и дискутирале за неговото најново дело, неговата листа за читање за време на затворањата и карантините и неговите стравови за иднината. Подолу прочитајте го крајниот производ и главните поенти од интервјуто.
Гудридс (во понатамошниот текст ќе биде само Г, м.з): Кога ја завршив оваа неверојатна книга, посакував да ја дискутирам со мојот книжевен клуб. И потоа ми текна дека ќе зборувам со Вас, што е можеби уште подобро.
Казуо Ишигуро (во понатамошниот текст само КИ, м.з): Јас не сум таков. Јас не сум како Вашиот книжевен клуб. Авторот не е најдобрата личност да ја прашувате за одредена книга. Јас се обидувам да избегнувам да зборувам со писатели за нивните книги.
Г: Навистина? Верувам дека имате многу писатели кои Ви се пријатели.
КИ: Да, но никогаш не зборуваме за нашите книги. Всушност ние не ни знаеме кој чии книги има прочитано. Можеби има поинаков код на однесување помеѓу американските писатели? Јас веќе со декади пишувам во Британија и поим немам кој од моите писатели-пријатели воопшто ме чита, затоа што постои разбирање дека едноставно не спомнуваш такви работи. Не се смета за учтив разговор.
Г: Во ред, но еве едно прашање кое само Вие можете да го одговорите: Што ви беше на ум кога ја пишувавте „Клара и сонцето“?
КИ: Обично има една голема работа позади секоја од моите книги, а потоа и констелација од други мали работи. Во центарот на ова беше прашањето: Што значи да се сака друго човечко суштество, особено во доба кога се прашуваме дали можеме да дознаеме сè за една личност преку информации и алгоритми? Тоа е она старо прашање: Дали постои душа? Можеби таму не постои ништо што е уникатно и кое не може да биде репродуцирано. Можеби може да бидеме сведени само на информации и алгоритми.
Многу од моите други книги биле на слични теми. Но, во времето во кое живееме и времето кон кое се чини дека се движиме, направи да го погледнам истото прашање, но на малку поинаков начин.
/cdn.vox-cdn.com/uploads/chorus_image/image/68897187/headshots_1614627884458.0.jpg)
(Извор на сликата: Vox)
Г: Постојат толку многу причини да се биде претпазлив во однос на технологијата. Дали имавте некое конкретно искуство кое направи да посакате да ги истражите овие прашања во еден роман?
КИ: Имам стравови во однос на технологијата и науката, но во целина, јас сум оптимист. Мислам дека ќе овозможи многу работи: Ќе се ослободиме од стравот од многу болести што нè убиваат. Можеби ќе имаме одговори на други големи прашања, како на пример како да го организираме капитализмот на начин што нема да создава огромни нееднаквости. Можно е вештачката интелигенција и големите технолошки компании да ни помогнат во ова. И можно е генетските технологии да отворат еден цел нов свет на медицина и лекување, ослободувајќи нè од толку многу тага и болка.
Мислам дека сме многу поблиску до тоа отколку што многу луѓе сфаќаат. Имаше феноменални достигнувања во последните, да речеме, десет години со CRISPR (технологија поврзана со ДНА и РНА на вируси, м.з) и со она што сега се нарекува машинско учење или учење за зајакнување во ВИ (вештачка интелигенција, м.з). Овие работи целосно ја „менуваат играта“.
Сепак, иако е возбудливо време, истовремено е и опасно време. Имаме некои многу големи прашања за решавање, кои не можеме да ги оставиме на научниците или политичарите, ниту пак на луѓето што водат многу богати корпорации.
Г: Што е она што најмногу ве плаши околу технологијата?
КИ: Она од што се плашам, гледајќи наназад низ историјата, е дека ќе повториме некои од грозоморните грешки што ги направивме во раните делови на Индустриската револуција: деца кои работат во рудници, луѓе кои умираат во фабрики во ужасни услови. И имавме луѓе кои одеа во други, неиндустријализирани земји за да киднапираат луѓе, да работат како робови, само за да се одржи Индустриската револуција и да продолжи да се одржува. Мислам дека треба да сториме сè што е можно за да не ги направиме истите грешки повторно.
Г: Дали чувствувате дека постои доволно ентузијазам за овие етички прашања?
КИ: Во моментов, мислам дека луѓето не се доволно свесни. Но, јас не верувам многу во тоа луѓето да водат морални дебати околу трпезата. Јас многу верувам во оние дискусии што се случуваат преку уметноста, документарните филмови, романите, филмовите – па така луѓето всушност ги вклучуваат овие прашања на емоционално ниво.
Г: Зошто одлучивте да го поставите дејството во Америка?
КИ: Мислам дека не беше затоа што мислев дека има нешто инхерентно дистописко во Америка. Тоа беше само каприц, импулс. Сакав слики во американски стил. Сакав полиња што личат на американски полиња, и сакав сонцето да биде на американско небо. Сакав да биде малку во стилот на Едвард Хопер. И можеби тука е и чувството дека Америка е општеството кое во моментот, заедно со Кина, забрзано прифаќа нова технологија, нова наука, дефинитивно нова биотехнологија, како и компјутерски науки. И така, се чинеше соодветно.

Г: Знам дека книгава е сместена во иднината, но дел од неа делува многу современо, особено со овој неверојатно крут класен систем.
КИ: Па добро, тоа е објаснето со дистопискиот свет. Се работи за нов систем на касти, создаден од фактот дека е станато можно да се „зголемат“ некои деца.
Уште еднаш, ќе кажам дека ова е нешто што веќе се случува. Ја имаме способноста ова сега да го направиме ова многу едноставно, главно затоа што со оваа технологија, CRISPR, многу, многу лесно може да се прави уредување и менување на генот. Научникот кој мислеше дека ќе стане светски херој и добитник на Нобелова награда, кинеските власти веднаш го ставија во затвор затоа што го сторил тоа. Во моментов, низ целиот свет, луѓето мислат дека не е добра идеја да се прави такво нешто.
Мислам дека ќе биде многу, многу тешко ова да не заврши како индустријата за козметичка хирургија, која започна како нешто што може да им помогне на жртви кои имаат изгореници или луѓе кои биле ужасно изобличени. Се разбира, не можете навистина да спречите да биде индустрија каде богатите луѓе плаќаат за да изгледаат подобро.
Сега кога ја имаме можноста да направиме некои деца да бидат интелектуално поспособни на некои начини, помалку склони кон болести, поатлетски развиени, мислам дека ќе создадеме многу опасен систем на касти. Традиционалните аргументи за неправдата можеби нема да бидат присутни, затоа што секогаш можете да кажете дека на овие луѓе според заслуга им се даваат повеќе можности и повеќе привилегии и повеќе богатство. И првпат ќе имаме делумна научна поддршка за идеи кои порано се сметаа за расистички.
Г: Дали критикувавте одреден систем на касти?
КИ: Тоа не беше толку коментар за некој специфичен систем на касти, туку коментар за секој вид систем на касти. За жал, луѓето ја имаат оваа наклонетост да ги гледаат работите низ призмата на хиерархии и да најдат некоја разделувачка карактеристика која вели дека една група има повеќе право на нешто од некоја друга.
Не сакав да напишам книга за расите во Америка или расите во Европа или расите на кое било друго место. Расата честопати се чини дека е обележувач на една каста, но често работи на други начини. Во поголемиот дел од времето додека растев во Велика Британија, Северна Ирска беше во граѓанска војна помеѓу протестантите и католиците, кои имаа иста боја на кожа и зборуваа со ист акцент. И на крај завршивме со ситуација кога едната група ја угнетуваше другата, имаше многу политичка и полициска моќ. Поради тоа цело време живеевме со бомбашки напади. Во градот во кој пораснав, два паба беа разнесени и многу луѓе загинаа, се работеше за бомбашките напади во Гилдфорд. И така, не е само поврзано со расата.

(Извор на сликата: Барнс & Ноубл)
Г: Сакав да Ве прашам и за добивањето на Нобеловата награда. Какво беше чувството да дознаете дека сте ја освоиле наградата?
КИ: Сосема е надреално. Нобеловата награда е чудна работа поради тоа што е неверојатно таинствена. Никој не може навистина со сигурност да предвиди кој ќе ја добие. Исто така открив дека тие имаат правило дека кога ќе одлучат околу тоа кој да ја добие Нобеловата награда, тие цела година не го објавуваат тоа за во случај да се предомислат. Колку што јас разбрав, мене Нобеловата награда ми беше доделена во 2017 година, но тие донеле таква одлука во 2016 година.
Го започнав денот како и секој друг. Седев на масата во кујната околу 10.30 часот и му пишував мејл на еден пријател. Размислував да се качам горе, да се истуширам и да ја измијам косата, кога заѕвони телефонот. И тоа не беше Шведската академија. Отсекогаш сум слушал дека доаѓа некаков легендарен повик од Шведска. Мене не ми се случи тоа.
Почнав да добивам повици од разни луѓе во Лондон. Мојот агент се јави и рече: „Слушнавме еден пренос во живо за објавата. Звучеше како да си ти, но не сме баш сигурни затоа што таа имаше шведски акцент. Сега ќе провериме“. И тогаш, веднаш потоа, некој од мојата издавачка куќа се јави за да ми каже: „Мислиме дека ја добивте Нобеловата награда“. Веднаш штом ќе завршеше еден повик, телефонот повторно заѕвонуваше. А третиот повик беше од Би-Би-Си кои ми рекоа: „Можеме ли да свратиме со новинарска екипа затоа што ја добивте Нобеловата награда?“
Тоа беше првпат да помислам: „Аха, значи можеби е вистина. Не е дека луѓево само ми подгреваа надежи.“
Се вратив назад до мојот iPad и го завршив мејлот кој му го пишував на еден пријател, Англичанец кој живее во Кина, и му пишав: „Морам да прекинам тука. Морам да го завршам мејлов, затоа што изгледа ја добив Нобеловата награда. Ќе ти пишам пак.“ А јас веќе имав напишано цела страна со вести и слични работи. И потоа целиот хаос излезе на површина.
Г: Сигурно не сте замислувале дека така ќе Ви се одвива денот?
КИ: Всушност, секако ќе беше голем ден, затоа што мојата сопруга, Лорна, се мислеше околу промена на бојата на косата, а тоа траеше со месеци. И, таа одлучи дека ќе ја смени бојата на косата. Таа закажа и отиде на фризер и буквално седела таму – тие ги мешале боите – кога случајно го погледнала својот ајфон. И некој новинарски напис ѝ се појавил пред очи. И таа рекла: „Па, можеби не можам да ја сменам бојата на косата денес, па подобро да дознаам што се случува“.
Во меѓувреме, јас бев сам во куќата и видов дека има екипа со камери надвор. Мојата сопруга се врати и ги организираше луѓето. И тогаш се појавија мојот агент и мојот публицист од издавачката куќа и не знаевме баш што да правиме. Сите ги сместивме во задната градина и одржавме прес-конференција.

(Извор на сликата: HazLitt)
Г: Баш ми се допаѓа тоа.
КИ: Во следните два часа не разговарав со никого од Шведска. И на крајот ѝ се јавив на мајка ми, која имаше 91 година. Таа сега е почината, но јас сум многу среќен што доживеа да го слушне тоа. Ми се јави ѝ ќерка ми, која беше на мастер студии на универзитетот, и која ми рече: „Се чини дека си ја добил Нобеловата награда. Моите пријатели продолжуваат да ми праќаат пораки за да кажат дека си ја добил Нобеловата награда за книжевност.“. Целата работа е многу надреална.
Г: Што читавте во последно време?
КИ: Карантините малку ми ги ресетираа читачките навики. Прочитав некои многу долги книги кои инаку не би ги започнал во нормални услови. Одново ја прочитав „Војна и мир“ после 20 години и овојпат некако ја доживеав сосема различно. И морам да речам дека мислев дека не е толку добра. [ Се смее.] Нема да одам таму… Прилично е добра.
Г: Толстој нема да го прочита ова.
КИ: Ако јас ја напишев, немаше да се жалам. Но, ме зачуди колку беше тесно општественото милје. Би требало да биде масивна книга, со еден куп ликови, но сите доаѓаат од овој многу тесен дел на руската аристократија. Сите се аристократи! Панорамска е во визуелна смисла: одлични сцени со огромни битки. Но, би рекол невообичаено тесна и елитистичка. А женските ликови се ужасни. Ако за околу 20 години сум уште жив, ќе повторно ќе ја прочитам и ќе видам дали ќе ја гледам поинаку.
Исто така ја прочитав книгата „Танц на музиката на времето“ на Ентони Пауел. Мислев дека ќе биде една од оние висококласни работи за богатите Англичани. Но, се работи за прилично радикален, модерен, експериментален роман и многу интересна книга. Но, она што правев во последните шест месеци, и можеби ова е поради тоа каков е светот, можеби поради изборите во САД, можеби поради Брегзит, најмногу чистав нефикција.
Прочитав многу книги за расата во САД: „Новиот Џим Кроу“ на Мишел Александер, „Касти“ на Изабел Виклерсон, „Белиот бес“ на Карол Суливан, „Stony the road“ на Хенри Лоус Гејтс Џуниор и „Помеѓу светот и мене“ на Та-Нехиси Коутс. Исто така прочитав една многу интересна книга која се вика „Учејќи од Германците“ од Сузан Нејман, Еврејка која пораснала на американскиот Југ и потоа отишла да живее во Германија.
Читав и многу за големите технолошки компании. Две многу важни книги за правецот во кој се движи светот се „Добата на надгледувачки капитализам“ од Шушана Зубоф. Другата е од Рана Форохар, новинарка на „Фајненшел тајмс“, која се вика „Не бидете зли“.
Ова не се само напади врз големите технолошки гиганти. Знаете, не станува збор за тоа зошто тие не плаќаат повеќе даноци и зошто им го уништуваат животот на нашите тинејџери. Го анализираат фактот дека најбогатите корпорации сега заработуваат пари на поинаков начин, односно собираат податоци од нас додека ни даваат бесплатни услуги. И како општество ние мора да одговориме на тоа. Мораме да се заштитиме од крајностите на капитализмот. И сметам дека тоа е фасцинантно. Не бев толку свесен за ова кога ја пишував „Клара и сонцето“. Сега сум многу посвесен за овие работи. Можеби е поврзано со состојбата во која се наоѓа светот …. Јас обично не читам толку многу нефикција.
Г: Зошто читавте толку многу нефикција?
КИ: Претпоставувам дека тоа е затоа што си заклучен дома и потоа почнуваат да пристигнуваат овие огромни вести: Џорџ Флојд; Трамп како претседател; Велика Британија, од некоја чудна причина, одлучи да ја напушти Европската унија. И тогаш оваа пандемија, која е некако дистописка …. Не само пандемијата, туку и фактот дека меѓународната заедница делува како да нема одговор на тоа. Не можеме да се кренеме и да се присобереме. Само се покажа дека се однесуваме детски, и како одделни нации, но и како меѓународна заедница.
Одеднаш си помислувате, па изгледа нема возрасни на овој свет. Отсекогаш мислев дека има возрасни. И, всушност не постојат, ние не можеме многу добро да се справиме со работите. Претпоставувам дека тоа е еден вид на емотивна реакција. Сакам да читам книги на паметни луѓе кои можеби ќе можат да објаснат што има таму некаде во светот. Следниот пат кога ќе излезам таму некаде во светот, сакам да бидам побезбеден.
