На денешен ден во 1982 година починал големиот македонски поет, Ацо Шопов. Ацо Шопов е еден од безвременските македонски поети, чии стихови од песните: „Очи“, „Тишина“, „Небиднина“ и уште многу песни, и ден денес ги знаеме напамет, ги споделуваме и ги рецитираме. Во чест на годишнината од смртта на великанот Шопов, денес на блогот читаме македонска поезија и тоа токму од него.
Сам со својот пламен во градите – Ацо Шопов
Сам сум заробен во зелената одаја на дворот.
Нема никого: ни пријатели, ни блиски, ни непознати.
Сè е смирено. Само тишината ги дебне и ги лови
немирните шумови на лисјето и веднаш ги скаменува.
Ноќта се отвора благородно како цвет што разденува.
Пука некоја невидлива пупка на црвен трендафил
и од пукнатите лисје ѕирка пожар со црвено лице.
Пупката расте, се шири и сиот двор го ожарува,
но за миг црвениот трендафил исчезнува и пожарот згаснува.
А црвениот пламен го бара местото на моето срце
и таму полека во огромно пламено дрво израснува.
Сам сум заробен во зелената одаја на дворот.
Нема никого: ни пријатели, ни блиски, ни непознати.
Седам сам со својот пламен во градите.
Пламенот ме огрева посилно и од зборот на поетите
исчезнати во свемирот и синевината
барајќи го светот на убавината,
непозната и ненадмината.
Црвениот трендафил како крв се шири, истекува
а овој пламен во градите навек тука ќе векува.

