Со голема тага и жал, македонската јавност ја прими веста дека по кусо боледување, почина академик Богомил Ѓузел, познатиот македонски поет, есеист, драмски писател, раскажувач и преведувач. Тој имаше 82 години.
Богомил Ѓузел беше припадник на третата повоена генерација македонски писатели, онаа генерација што се појавува во втората половина на педесеттите години на дваесеттиот век и која со своето дејствување ќе изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската книжевност, придонесувајќи за победата на оние сили кои се бореа за проширување на хоризонтите на творечките слободи и за внесување на македонската култура во Европа и во светот.

(Фото: Википедија)
Богомил Ѓузел е добитник на најзначајната книжевна награда „Браќа Миладиновци” за најдобра поетска книга помеѓу две Струги (двапати) и наградата за преведувачки опус „Кирил Пејчиновиќ”. Исто така, добитник е и на главната награда на Меѓународната писателска средба во Загреб 2002 година. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година.
Творечкиот опус на акад. Богомил Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и сл., 85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл. (Повеќе за творештвото на акад. Богомил Ѓузел прочитајте на официјалната страница на МАНУ)
Тој беше и најзначајниот преведувач на англиската книжевност, приближувајќи ги делата на Дикинсон, Шекспир, Елиот и уште многу други, до македонската публика, а беше составувач и преведувач на „Антологијата на современата американска поезија“.
Негова сопруга беше поетесата Лилјана Дирјан, која почина во 2017 година.
Веста за неговата смрт беше пренесена од порталот „Сакам да кажам“ и повеќе детали можете да прочитате тука.
Во негова чест, денес на блогот читаме негови стихови:
Déјà vu – Богомил Ѓузел
Читам книга и
го вртам назад филмот в глава
Нешто познато?
Правам движење
што ме потсеќа на нешто
Сум заборавил
или ми го уништиле?
Кој? Самиот или другите?
Противничката култура?
Природна непогода?
Едно знам: јас сум бил, јас сум
Никој и ништо не ми го оспорува тоа
Но што повеќе знам, тоа помалку верувам
А веќе слушам како ми велат:
Помалку знај, па веруј!
Веруј во невиденото
во невидливото –
па макар и да е
веќе видено.
