На денешен ден во 1952 година се родил еден од најголемите македонски книжевници, Горан Стефановски.
За Горан Стефановски не се потребни многу зборови за да се опише неговото влијание и значајност, не е случајно тоа што го нарекуваат и македонскиот Шекспир. За жал тој нè напушти во 2018 година, но неговото огромно наследство засекогаш ќе остане за следните генерации.
Неговиот син Игор веќе подолго време работи на долгонајавуваната скулптура на неговиот татко, која со одобрение на Општина Центар ќе биде поставена наскоро, барем според најавите и верувам дека сите едвај чекаме да се случи тоа.
Во чест на годишнината од неговото раѓање, избрав две особено интересни видеа кои иако се популарни и биле споделувани на други портали и на социјалните мрежи, сепак лично сакам да бидат и достапни на блогот.

Првото видео е пократко видео и е дел од интервју со Горан Стефановски, во кое тој зборува за слободата. Она што од денешен аспект го прави видеото уште поемотивно е тоа што тој на почетокот го цитира токму Богомил Ѓузел кој исто така нè напушти пред неколку дена.
На самиот почеток на видеото, Горан Стефановски вели:
„Богомил Ѓузел има еден генијален есеј, напишан пред 20 години, за тоа што е слобода. И он вика: „Слободата е кога луѓето почнуваат да имитираат, да ги имитираат своите дотогашни господари.“ Вика: „Робовите обично мечтаат по слобода, а нивната идеја за тоа што е слобода е она што го прават нивните господари.“
Потоа во видеото прави разлика помеѓу идејата за слобода и колку е истата различна во Хрватска и Словенија и кај нас и каква е нашата замисла за слободата. Видеото е многу кратко, околу 3 минути, но многу ефективно. Погледнете го подолу.
Второто видео е подолго, но навистина заслужува да му се посвети внимание. Се работи за пристапната беседа на Горан Стефановски во МАНУ во 2004 година, насловена како „За нашата приказна“. Излагањето на Горан и клучните поенти се само доказ за неговата генијалност и умешност да проникне во длабоки концепти и да ги изрази на навидум едноставен начин кој допира до секој кој ќе го прочита/слушне.
На веб-страницата на МАНУ е поставен зборникот „Пристапни предавања, прилози и библиографија на новите членови на Македонската академија на науките и уметностите“ објавен во 2006 година, од каде и ги извадив долунаведените цитати (со цел да бидам што е можно поточна) кои мене ми оставија особен впечаток, но исклучително препорачувам да го слушнете и целото излагање од самиот Горан Стефановски.

„Но лирскиот принцип редовно се судира со епскиот принцип, внатрешниот живот со надворешниот, нашата волја се судира со волјата или индиферентноста на другите. Доаѓа до контра-приказна, конфликт, драма.“
„И така пишувањето на мајчиниот јазик е постојана битка со некаков глобалистички аждер, некаква мултикултурна пеколна машина, која додуша ги содржи и моите перформанси и волна е да ми ги даде, но само ако ги побарам под специјален визен режим. Секој македонски текст компјутерот автоматски ми го подвлекува со црвена боја како граматички сосем неисправен, скоро илегален.“
„Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, имаат совршен вроден инстинкт за ткаење мрежи. Луѓето, за да преживеат, имаат совршен вроден инстинкт за ткаење приказни – за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се с’рж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет.“
„Идентитетот е приказна за тоа кои сме, зошто сме и што сакаме. За да можеме да преживееме во суровиот свет, оваа приказна мора да е точна, заснована на познаванье на теренот, на длабок увид, на прецизен тлоцрт. Погрешната приказна може скапо да нè чини, да нè одведе во заблуда, во ќорсокак, во смрт. Бидејќи теренот постојано се менува, и приказната мора да претрпува постојани уточнувања. Приказната е мапа. Ако мапата не одговара на теренот, ние сме изгубени, како во џунгла.“
„Уште од деца, гладни сме за приказни, преку нив го учиме животот, се подготвуваме за него. Ги учиме контрастите, несогласијата, конфликтите, драмата на нашите животи: Црвенкапа наспроти волкот, доброто наспроти злото, љубовта наспроти омразата, вистината наспроти лагата, суштината наспроти привидот, Хамлет наспроти Елсинор, Силјан наспроти Коњари.“
„Имаме насушна потреба да ja разбереме приказната за себе, да се огледаме, да се препознаеме, да се окуражиме. Копнееме да ja споредиме нашата приказна со други приказни, да испитаме каде сме исти, каде слични, а каде сосем различии. Бараме мајстор раскажувач кој ќе ги протолкува знаците, ќе ги симне маските, ќе ги поврзе причините и последиците, ќе понуди патокази.“
Приказната некогаш е неартикулиран крик, некогаш хармонична мелодија; некогаш е темна и непроѕирна како рентгенска снимка, некогаш е сјајна и весела како бајка; некогаш е смешна, некогаш ужасна, а понекогаш и двете. Но едно е јасно: ниедна култура не може да опстане без точна, снажна и автентична приказна! И не само тоа: културата Е токму таа точна и снажна и автентична приказна.“

(Како ќе изгледа скуплтурата на Горан Стефановски/ Извор: Радио МОФ)
„Прашав зошто постојано ме сместуваат во исто друштво, зошто никој не ми поставува цивилни прашања, нема интерес за мојата епизода оној август во Прилеп, за славите во мојата фамилија, за мајка ми во улогата на Цвета, за Силјан Штркот? Зошто постојано ме сведуваат на нивната претпоставка за тоа кој сум? Зошто ми подметнуваат нивна приказна за тоа која е мојата приказна? Зошто е тоа единствениот простор кој ми го оставаат за дискурс? Си велам: ти нема беганье од македонското прашање, поголемо е од тебе, те следи како судбина.“
„Звучи парадоксално, но излегувањето од Македонија се чини одвојување а всушност е вид спојување. Можеш да глумиш Англичанец во Скопје, во Англија си само Македонец.“
„Чаршијата верува дека светот и историјата ja заборавиле и турнале на страна, па и таа ги има турнато на страна и светот и историјата. И така е вечна. Чаршијата го смета светот за одроден и корумпиран, а себеси за неговата чиста суштина и душа. И за да ja зачува својата чистота. чаршијата одбива да делува, таа мирува, се препушта, не учествува во светот, само го сеири. На светот му вели „да“ само кога зема од него, на пример бескаматни кредити на грејс периоди. Но на истиот тој свет му кажува одлучно „не“ ако тој почне да прашува како ги троши парите. Нашите дубари се општествено корисни, тоа е наша домашна, патриотска пљачка, нежна, со дикат, тешко се објаснува на неупатени луте од страна. За ова ги бива нашите бандити. Но око не им трепнува додека нивните белосветски колеги ги демонтираат од корен темелите на нашата Приказна и инсталираат свои наративни работилници. „Па тој што ja плаќа нарачката кажува која песна ќе се пее. Ние тераме бизнис. Вие културњаците сте за да ja штитите Приказната“. Види мајката!
„Повремено чаршијата ќе дозволи некој да ja искара, некој учител, старец со бела коса или ќелав, глас на совеста; некаков романтичен призрак, подгреан литерарен труп, некој кој нешто паметно ќе пцали, а таа ќе се прави дека посрамено слуша, за потоа пак да се врати на своите маалски игри без граници.“
„Тешко е кога човек е странец во странство. Но уште потешко е кога човек е странец дома. Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога т ’гата не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ja препознае домата.“
„Не е ли време и ним и себеси да си кажеме: еве нè, ова сме ние. Да се прифатиме, да се споиме со себе, да се видиме прво кои сме, пред да смислуваме кои сакаме да бидеме. Културата е секојдневната технологи]а на нашиот живот. Тука се гледа како на дланка длабоката структура на нашиот општеетвен договор: кој носи, a кој меси, кој готви, a кој јаде, кој мие садови, a кој спие по ручек, кој наредува, a кој служи.“
„Ние сме во свесен и несвесен раскол со светот, но и со себе самите и внатре меѓу нас. Во беспоштедна борба, нетрпеливост, отровна пизма, мерење на cè низ двојни аршини.“

„Еве некои од состојките на нашата приказна на кои сум длабоко горд:
Горд сум на нашиот жив принцип на парадоксалност: Анти логика не како ирационалност туку како принцип на живот. Слобода на итарпејовска јуродивост, итрина, снаодливост. Слобода на глупоста. Обратност на перспективата. Свест дека животот не може да се сфати со ум, ниту може рационално да се исцрпи неговата смисла.
Горд сум на нашите ритуали на живеење. Фамилија, прочка, слава, амкање со јајца, прегрнување, отворена емоционалност, прифаќање, помирувачка моќ, игривост, телесност, тактилност, затворање очи на песни, зурли и тапани, сарма, лубеница, пинџур и бурек, внатрешни лавиринти на заедништво и кругови на љубов, некаква постојана детска радост и возбуда околу мали нешта.
Горд сум на светата строгост и сведеност на нашите икони и фрески. Кај и да чепнеш, палимпсеста на раскошен дух, ризници на заумна уметничка артикулација. Божествена патина.
Горд сум на нашата сериозна историја на паметење, питомост и кроткост и почит за различноста, Талмуд школи во Скопје и Битола, мудрост на соживот, извесна историска резигнација и зрелост, увид дека животот е сериозна појава, дека има смисла да се зборува само за метафизика, само за смислата сама.
Горд сум на нашата жилавост. И покрај сиот нарушен идентитет, заврзани раце, крпа во уста, обезличеност и распарченост, жив сум и гладен сум за живот. Знам дека ме има, според нападите со кои работат да ме снема. Знам дека сум, според упорноста со која се трудат да не сум. Мојата жилавост излегува од аванот во кој ме толчат и тиганот во кој се крчкам. Токму тој аван и тој тиган се моите места на моќ.
Се разбира овие македонцки работи се меч со две острици, термините кои ги употребувам се контаминирани, можат да налеат масло на оган. Страста која ja имаме е и храна и отров, може да ни го стопли домот и да ни ja запали куќата, погонско гориво и за льубов и за омраза. Нашите најдобри особини лесно знаат да ни го свртат грбот и да работат против нас. Но во нашите проблеми се нашите решенија. Дедо Цепенко нè учи: Кај што паѓа чоек, таму и станува.“

„Илинден и Крушевската република се една од нашите најголеми приказни:
тие се нашата мета нарација. Зошто оваа приказна така жилаво опстојува и нè опседнува? Несомнено затоа што нè уверува дека иако сме мали, можеме да кренеме глава, да пуштиме глас, да избориме право на своја историска судбина. Со еден збор, дека сакаме да нè има, дека имаме волја за себе самите.
До пред десетина години, Македонија беше во Источна Европа. Значи, како-така, сепак во Европа. Но таа приказна се распадна и Источна Европа веќе не постои. Ние се најдовме само на Балканот, и тоа во неговиот западен дел, поттурнати во третиот свет, не само некомплементарни на Европа туку и некако спротивставени со неа, како ориентален приврзок, како темно огледало на кое таа ги проектира своите стравови. Тоа е нова, грда и опасна страница во приказната.
И како сега да се мислиме себеси? Како одново да се европеизираме, кога Европа се пази да не се балканизира? Како да се видиме, да се измериме, да поставиме дијагноза, како да го наместиме нишанот? Водиме тешка и исцрпувачка дебата по овие прашања.“
„Но во политиката, како и во бизнисот (или конечно, како во жирирањето на театарски фестивали), не го добиваш она што сметаш дека си го заслужил туку она што ќе успееш да го избориш, да го испазариш, да го договориш. Демократијата е постојано и стрпливо пазарење со оние кои не мислат исто како тебе, со оние со кои си објективно спротивставен. Демократијата е преговарање, прилагодување, компромис. Нешто кое му е туѓо на чаршискиот, инаетчиски, тврдоглав и фиксиран поглед на свет. Оној поглед кој мери ѓутуре и не признава никаква поединечност, кој оперира како затворен вилает и презира секаква другост, кој порадо ќе ги прифати историјата и политиката како судбина и елементарна непогода, отколку како работна обврска и граѓанска должност.
Ни треба макотрпна работа за да ja утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна. Ни треба востание на визија, волја и ум; на упорен труд, медиумска лукавост и преговарачка вештина. Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет. Пред сто години, илинденските херои, својата волја за држава јa потврдија со својата автентична и убедлива смрт. Ние денес, нашата волја за оваа држава, мораме да ja потврдиме со нашиот автентичен и убедлив живот.
Нивната победа беше во нивниот пораз. Нашата победа мора да биде – во нашата победа!“
Погледнете и уживајте во целосното излагање подолу:
Легендите живеат вечно, а нивните дела се мерило за нивната сила и наследство. А Горан дефинитивно ќе биде вечен!
