Што читаше Кафе и книги во април?

Дојде мај, сè поблиску сме до летото, а пролетта е во својот полн замав. Ова е прекрасно време за читање книги, па затоа, стандардно, традиционално, како и на почетокот на секој месец, следуваат препораките за читање, составени од листата на книги кои ги прочитав изминатиот месец. Верувам дека сигурно ќе си најдете книга која ќе ви го задржи вниманието и во која ќе уживате во месецот кој е пред нас.

За што зборувам кога зборувам за трчањето“ – Харуки Мураками

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Јас сум голем љубител на трчањето, па така оваа книга ми дојде како кец на десетка. Но, дури и да не сте спортски тип и само го сакате Мураками, овој мемоар добро би ви дошол за да добиете слика за неговиот ум и умствена состојба и како трчањето влијаело на неговото творештво.

Ако сте човек кој активно се занимава со некој спорт, особено трчање, оваа книга дефинитивно ќе ве мотивира и инспирира. Оваа збирка текстови напишани во еден одреден период од животот на Мураками, но која се навраќа на различни периоди од неговиот живот, ќе ви покаже дека не е важно дали сте познат писател или личност која почнала да трча пред еден месец, тие маки кои се составен дел од трчањето ги искусува секој еден од нас, без оглед на тоа колкаво искуство има во трчањето.

Одлична книга, која верувам дека ќе биде многу блиска до вашето срце, особено ако сте спортувале и која ќе ве инспирира и мотивира да не се откажувате и да продолжите со вашите зацртани цели. Топла препорака!

Сликата на Доријан Греј“ – Оскар Вајлд

Издавачка куќа: МАГОР
Оцена: 5/5
Осврт
: „Сликата на Доријан Греј“ е класик во светската книжевност и поголемиот дел од луѓето ја читаат во нивната рана младост. Јас сум една од тие личности. Ја прочитав оваа книга кога бев многу млада, некаде околу периодот кога го завршував средното образование и после многу години решив одново да ја прочитам за да видам како ќе ја доживеам. Бев повеќе од воодушевена и дефинитивно ви препорачувам да ја прочитате ако не сте ја прочитале, или да ја препрочитате уште еднаш.

Младиот Доријан Греј е симбол на убавина, младост и можности. Кога познатиот сликар ќе направи негов портрет, тој самиот ќе се заљуби во младоста и ќе посака тој никогаш да не старее, на сметка на неговиот портрет. И по сплет на околностите, неговата желба ќе се исполни. Но, дали е тоа навистина она што го сака и дали треба да внимаваме што посакуваме? Тој физички не старее, но неговата душа се расипува, а сето тоа се прикажува на портретот, со кој тој се опседнува и го чува под клуч, далеку од очите на неговите пријатели.

Прекрасна книга која искрено ја препорачувам на секој човек. Не е залудно тоа што оваа книга се наоѓа на сите листи на книги кои треба да ги прочитате во животот. Оваа книга е полна со мудрости, прекрасни дијалози и филозофии за животот, но истовремено во полн сјај го прикажува раскошниот талент на Оскар Вајлд, со прекрасни описи кои ќе ве вовлечат длабоко во светот кој тој сака да ви го прикаже. Сметајте ја оваа книга за задолжително четиво!

Онаа ноќ во Њујорк“ – Лорен Лејн

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 5/5
Осврт:
Доколку барате лесно четиво кое ќе ве оттргне од реалноста и кое ќе ве одмори од реалниот живот, ова е вистинска книга за вас. Се работи за забавна книга која се чита во еден здив и која ќе ви измами насмевки и ќе ве опушти. Книгата ја следи приказната на Линколн и Дејзи, двајца навидум сосема спротивни личности, кои никако не треба да завршат заедно, но сепак меѓу нив се јавува едно необично пријателство кое никако не смее да ја премине границата.

Книгата следи различни етапи од нивното познанство, кое е турбулентно и нималку не е едноставно и покрај нивните напори тоа да биде опуштено и пријателски. Дејзи е штотуку разведена и се обидува да најде правец во својот живот, а Линколн е познат по неговите освојувачки походи, или барем така сака луѓето да мислат за него. И двајцата кријат свои тајни, но токму тоа е она што ги поврзува. Навистина уживав во оваа приказна и верувам дека доколку сакате нешто забавно, ова е книгата за вас!

Пропаганда“ – Едвард Бернејс

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4.5/5
Осврт
: Едвард Бернејс се смета за татко на пропагандатата или она што денес популарно се нарекува „односи со јавност“. Малку познат факт е дека тој е директен внук на Зигмунд Фројд. Бернејс во оваа кратка, но моќна книга ги простира главните концепти на пропагандата, што значи таа и колкава е нејзината моќ.

Иако денес генерално негативно се гледа на овој поим, Бернејс се труди да докаже дека пропагандата како термин не е негативна појава и дека луѓето добиваат негативна слика за поимот по одредени историски случувања. Оваа книга е мала по обем, но има значајни информации и може многу да се научи за она што денес го знаеме како односи со јавност, не само во политиката, но и во бизнисот и економијата и како многу работи се нераскинливо поврзани. Ова е задолжително четиво за секој кој е заинтересиран за оваа тематика и кој сака да научи нешто ново. Сите поими се напишани и разработени на едноставен начин, па дури и да не работите во таа област, лесно ќе можете да го следите напишаното.

„Тринаесеттата приказна“ – Дајан Сетерфилд

Издавачка куќа: КУЛТУРА
Оцена: 3/5
Осврт
: Доколку сте љубители на готски приказни, оваа приказна ќе го привлече вашето внимание. Се работи за мистериозна приказна за една позната писателка, чиј живот е целосно непознат и предмет на многу шпекулации и озборувања. Се работи за модерна приказна, односно е напишана од модерна авторка, но целото дејство во однос на тоа кога се случува е замаглено и не знаеме точно кога се одвива.

Една девојка која работи како аматерска биографка и истовремено во книжарницата за стари книги на татко ѝ, еден ден добива едно чудно писмо од познатата и мистериозна авторка, која сака таа да биде авторката која ќе ја напише нејзината биографија. Најпрво таа се чуди и се двоуми, но љубопитноста победува и решава да ја прифати работата, но не знае колку длабоко ќе се вплетка, истовремено учејќи многу работи за себеси во процесот.
Интересна приказна, која е добра за досадно попладне, заедно со кафе и колачи. 🙂

Leave a comment