Дали се сеќавате како ентузијастички и со среќа читавте кога првпат се сретнавте со книгите? Онаа неверојатна возбуда кога ќе влезевте во библиотека или книжарница? Тоа скокотливо чувство кое постојано ве тераше да се враќате на вашите полици?
Со толку многу книги за читање, а толку малку време, на човек може да му се прости ако изгуби дел од тоа блескаво чувство и се почувствува уморно. Понекогаш сите имаме „периоди на суша“, кога немаме време или можеби концентрација, а понекогаш и мотивација. Овој интересен текст на „Пингвин“ ви дава предлози како да ја вратите „искрата“ и мотивацијата, доколку сте ја изгубиле.

Балансирајте го режимот на читање
Еден од најдобрите совети за читање ги имаме добиено од Ник Хорнби, кој вели дека треба да гледате на вашите читачки навики, исто како и на вашите прехранбени навики: понекогаш сакате да јадете здраво, понекогаш посакувате нешто благо, солено и мрсно. Истото може да се примени и со книгите. Нема да ви кажуваме што е книжевниот еквивалент на киноа или тофу, ниту пак која е читачката верзија на брза храна, но убаво е да уживате и во двете на балансиран начин. Едното нека го надополнува другото и ќе уживате и во двете на свој начин.
Создадете си катче за читање
Ако ви е тешко да се сместите некаде со книга, можеби причината за тоа е што сè уште не сте го пронашле најдоброто место за читање. Ако сте читател кој обично чита додека се вози во автобус додека оди на работа или можеби сакате да читате во кафулиња, тогаш, кога сте дома, додадете некаква бучава додека читате (на пример музика). Или ако сакате мир и тишина, тогаш убаво сместете се и обезбедете се (со пијалок, џемпер, грицки) за следниот час или два и тргнете го телефонот од вашиот досег.
Закажете си термини за читање
Колку и да сакаме спонтаност, како она импулсивно купување книги или среќно попладне поминато со класик, факт е дека животот е преполн со обврски и хаотичен и понекогаш делува тешко да се вметне и читање во него. Но, ако одвоите специјално време во распоредот за читање (на пример, по еден час секој вторник навечер), тогаш можете да си „закажете состанок“ со вашите читателски навики, наместо да ги земате здраво за готово. Во процесот можеби ќе си создадете и нов ритуал кој ќе ви помогне уште повеќе да уживате во читањето.
Ослободете се од „читателската грижа на совест“
Не сте завршиле некоја книга. Сте одлучиле да ја поминете неделата гледајќи го новиот хит на Нетфликс. Не сте ја прочитале „Војна и мир“ годинава. Па што? Дајте си малку оддишка. Никој нема да ви даде награда за тоа што се прочитале 50 книги годинава или ако сте завршиле некое дело за неколку недели. Читајте го она што ве прави среќни и тоа по ваше темпо, кое вас ве прави среќни, и ако книгата која ја читате не ви носи среќа, дајте ја на некој кому ќе му донесе среќа. И ако навистина сакате да делувате информирани за новите бестселери, еве еден совет: читајте ги освртите.
Водете читателски дневник
Некои луѓе имаат одлична меморија кога станува збор за читање книги, но ако сте наклонети кон заборавање на она што сте го прочитале, водење дневник може да ви помогне. Освен практичноста, има неоспорна возбуда која доаѓа со запишувањето на насловот на книгата која штотуку сте ја прочитале (и ако сте расположени, некои размислувања за вашите впечатоци за неа). На крајот на годината, дневникот ќе ви даде листа на која може да се навратите и да се потсетите што сте читале и да ви даде чувство за тоа каква би можела да ви изгледа следната година во поглед на читањето.
Зборувајте за тоа што читате
Има причина поради која луѓето создаваат книжевни групи/клубови: ако сте прочитале нешто феноменално, па дури и ужасно лошо, најубавиот начин да се продолжи искуството е преку зборување за него. Не мора да биде ништо формално или на некое високо ниво, не мора да имате месечно состанување со пријателките за книгите кои ги читате. Наместо тоа, размислете за прашањата кои ви се појавиле во главата за време на вашето последно читање и зборувајте за нив со вашите пријатели/семејство. Ако и тоа не успее, ги имате социјалните мрежи каде можете да се поврзете и да го дискутирате она што го читате, а тоа може да ве одведе до вашата следна книга.
