Дали го сакате трчањето и со години уживате во оваа прекрасна активност која докажано влијае на подобрување на физичкото и менталното здравје? Или можеби сте од оние кои не се осмелиле да пробаат да трчаат од различни причини, а сепак сте љубопитни и имате желба да почнете да трчате?
Доколку одговорот на некое од овие прашања е ДА, тогаш денес, во периодот од 12 до 14 часот во кафе-книжарница ТРИ (во Дебар Маало) ќе имате можност да се запознаете со Кокан Ајановски, еден од нашите најпознати маратонци, кој повеќе од 20 пати бил државен првак на Македонија во повеќе атлетски дисциплини и кој ја води познатата Nike школа за трчање, односно NRC – Nike + Run Club Skopje кој е еден од нашите најпознати и најмасовни клубови за трчање.

Тој минатата година ја промовираше својата прва книга „Трчањето ме учи“ (за која пишував и тука). Со оглед на големиот интерес на книгата, неодамна од печат излезе и второто издание кое е достапно во книжарниците на ТРИ.
Освен тоа што ќе имате можност да си набавите примерок од книгата, ќе можете и да поразговарате со Кокан Ајановски за трчањето и да се мотивирате да ги облечете патиките и да се упатите на кеј, бидејќи овој период е совршен за трчање. Ако ви е потребна малку мотивација, ова е одлична можност за да ја пронајдете!
