Дали сте чуле за книжевната дружина „Генерација 27“?

„Генерацијата ’27“ (1927) е името кое ѝ дадено на група на многу влијателни авангардни уметници во Шпанија, кои, севкупно гледано, изразувале ставови и гледишта кои поттикнувале безгрижна форма на експресионизам. Иако се класифицирани како една голема група, Генерацијата ’27 имала неколку мали подгрупи, секоја од нив си имала посебен стил во зависност од уметниците кои биле вклучени во нив. На пример, Салвадор Дали бил фокусиран на надреализам и уживал во тоа да ја шокира бурожазијата.

Педро Салинас, Хорхе Гиљен, Херардо Диего, Федерико Гарсија Лорка, Висенте Алеиксандре, Дамасо Алонсо, Рафаел Алберти, Емилио Прадос, Луис Чернуда и Мануел Алтолагире се дел од шпанската Генерација ’27, која исто така е позната и како „Генерацијата на пријатели“ и генерално се однесува на група поети (но и други уметници) кои биле родени во периодот помеѓу 1891 и 1905 година (или 1910, ако го вклучуваме Мигел Ернандес, кој некои луѓе претпочитаат да го вклучуваат во Генерација ’36).

Името го добиле затоа што оваа неофицијална група или движење се појавува т.е оформува во 1927 година, поради чествувањето кое било организирано по повод одбележувањето на 300 години од смртта на Луис де Гонгора, кој тие го сметале за пишувач на „чиста поезија“ и еден од најголемите шпански писатели на сите времиња. Тие често се движеле во истите интелектуални кругови, како на пример Residencia de Enstudiantes во Мадрид, иако оваа книжевна дружина никогаш не се интегрирала во хомогена и единствена група.

И покрај тоа што тие биле групирани во една книжевна генерација, не може да се каже дека имале еден јасен доминантен книжевен фокус или стил, освен авангардниот пристап кон книжевноста и широката употреба на метафори, поради фактот дека имало разлики меѓу членовите на групата, како и поради нивните лични творечки развивања.

Нивните чести контрадикторни постулати најчесто биле меѓусебно поврзани во нивната намера да ги прекршуваат традиционалните норми и да создадат нови тенденции кои ја истражуваат реалноста на креативни начини. Нивни влијанија биле делата и нивните пријателства со други писатели кои твореле на шпански јазик во тоа време, како Пабло Неруда и Хорхе Луис Борхес, меѓу останатите.

Можеби изгледа иронично тоа дека потребната енергија и смелост за пробивање нови креативни патеки биле инспирирани од прославата за поет од Златната ера на шпанската книжевност. Како и да е, не се работело само за екстремните резултати произлезени од јазичното експериментирање на Гонгора, кои целосно се разликувале од предлозите дадени од тогашните писатели и уметници, туку и остриот контраст што го создала речиси заборавената фигура на Гонгора наспроти речиси целосниот реалистички естаблишмент, кој со негодување гледал на т.н „culturanismo” на Гондора.

Во оваа смисла, прекинувањето кое Генерацијата ’27 го формулирала, не било прекинување со минатото (барем не далечното минато), колку што било прекинување со водечката естетика од тоа време, што пак, од своја страна, повикало на своја традиција како демонстрација на вредноста и заслугата на реалистичката визија за светот. Ниту избегнувајќи ги очите од реалноста, ниту дистанцирајќи се од минатото, шпанските авангардни уметници од Генерацијата ’27, наместо тоа, барале да ја погледнат истата реалност во друго светло, од друга перспектива.

Генерациски јаз

Генерацијата ’27 честопати се сведувала на десет членови кои учествувале на симпозиумот во Севиља, на кој се одбележувале 300 години од смртта на Луис де Гонгора. Иако во книжевна смисла, ваквиот список е корисен (иако очигледно не е сеопфатен), опсегот на групирање често е многу поголем, вклучувајќи и пластични и визуелни уметници, како што се Луис Буњел и Салвадор Дали, и двајцата тесно поврзани со разни членови на групата. Нормално, ова резултирло со голема разновидност на погледи, како и возрасти, кои преовладувале меѓу членовите на генерацијата.

Слично на тоа, Генерацијата ’27 концептуално била милион километри оддалечена од сериозните и трогателни сведоштва што ја карактеризирале работата на некои од членовите на претходната генерација, онаа од ’98. Сепак, и покрај естетската разлика и својата радикално различна визија за светот, членовите на Генерација ’27 имале огромна почит кон нивните претходници. Ова се објаснува преку споделените околности кои воделе до ширење на обете групи, кои имале заедничка нетрпеливост кон пасивното или несомнено прифаќање на преовладувачкиот дискурс.

Големиот исчекор во концептуалната еволуција која водела од Генерација ’98 до Генерација ’27 често се опишува како Генерацијата ’14 (1914), која во Шпанија немала цел да ја опише „изгубената генерација“ на младите мажи кои биле вклучени во Големата војна, туку група на интелектуалци со либерални, но рационални идеи кои сочувствувале со Генерацијата ’98, без всушност да ги поддржуваат нејзините постулати. Помеѓу членовите на оваа генерација се истакнува Хозе Ортега Гасет како главен теоретичар од тоа време, додека Рамон Гомез де ла Серна и особено Хуан Рамон Хименез, чии блиски врски со членовите на Генерација ’27, служеле како совршен мост помеѓу двете движења.

Главните книжевни преставници на Генерација ’27

Генерацијата ’27 била дефинитивно погодена од Граѓанската војна и последователната диктатура на Франко, која своето сомничаво око постојано го држела на левоориентирани интелектуалци. Од оваа група, Лорка бил егзекутиран, Ернандес умрел во затвор, а голем дел од останатите поминале голем дел од времето во прогонство (некои од нив и остатокот од своите животи го поминале така). Единствен исклучок бил Херардо Диего, кој бил единствениот член на групата кој имал сочувстителна симпатија кон фашистичкиот режим на Франко.

Подолу прочитајте кратки информации за некои од најистакнатите книжевни претставници на оваа група:

Висенте Алеиксандре (1898 – 1984)

Добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1977 година, Алеиксандре бил плоден поет низ текот на животот. Некои од неговите најпознати дела се „Амбито“, „Уништување или љубов“, „Сенката на рајот“. Алеиксандре, кој воопшто не го сакал режимот на Франко, никогаш не отишол во егзил и заедно со Дамасо Алонсо, се смета за претставник на другите прогонети членови на групата.

Федерико Гарсија Лорка (1898 – 1936)

Надвор од Шпанија, Лорка најверојатно е најпознатиот писател од оваа генерација и е почитуван за неговите поеми и драми. Неговите најпознати дела се две стихозбоирки „Песни“ и „Цигански балади“, како и неговата драма „Куќата на Бернарда Алба“. Лорка, левичарски интелектуалец, за кого се претпоставува дека бил и хомосексуалец, бил стрелан од поддржувачите на Франко и бил закопан во необележан гроб, само по еден месец од почетокот на Шпанската Граѓанска војна.

Постои една анегдота која вели дека кога офицерот кој го наредил стрелањето бил запрашан зошто треба да биде стрелан кога е само поет, тој одговорил: „Тој има направено повеќе штета со пенкало отколку некои луѓе со пиштол.“

Местото на неговите останки се предмет на голема контроверзија и релативно неодамна неговото семејство се согласи местото каде што наводно е закопан да биде егзумирано, но, неговите останки сè уште не се најдени.

Луис Чернуда (1902 – 1963)

Поезијата на Чернуда била значително под влијание на фактот дека тој бил хомосексуалец кој живеел во општество кое не прифаќала поинакви сексуални ориентации. За разлика од Алеиксандре, Чернуда секогаш бил искрен и отворен за својата сексуална ориентација, иако било извор на болка поради фактот што тоа не било општествено прифатено. Овoj немир е присутен во неговата стихозбирка „Забранети задоволства“. Чернуда бил на турнеја во Велика Британија кога паднала Втората Република, и тоа го одбележало почетокот на неговото прогонство кое траело до крајот на неговиот живот. Во постхумно објавенатата стихозбирка „Реалност и копнеж“, поеми како „Аџија“ прекрасно ги доловуваат дилемите кои ги поставува прогонството, како на пример дали да продолжи да живее во странство или да се врати дома.

Рафаел Алберти (1902 – 1999)

Алберти е роден во градот Ел Пуерто де Санта Мариа, во близина на Кадис. Фактот што бил од мал крајбрежен град многу влијаело на неговата подоцнежна поезија, која вклучува многу морнарски теми, како „Морепловецот на копно“ и „Висока плима“. Тој исто така добил многу признанија за неговото надреално дело „Што се однесува до Ангелите“, кое означува разделување од неговата претходна поезија која била поструктурирана. Како посветен и заколнат марксист, Алберти бил приморан да оди во прогонство и се вратил во Шпанија во 1977 година, по смртта на Франко. Во 1983 година, Алберти бил именуван како Омилениот син на Андалузија, почесна титула која се дава на оние кои дале позитивен придонес за Андалузија.

Мигел Ернандес (1910 – 1942)

Како најмлад член на дружината, често го поврзуваат со Генерација ’36. Но, многумина тврдат дека тој е поблизок со Генерација ’27. Тој бил многу близок со голем дел од припадниците на оваа дружина, како и со Пабло Неруда, со кого и другите исто биле пријатели. Ернандес бил роден во сиромашно семејство во едно гратче во рурална Валенсија и немал некое формално образование, но тој е познат по неговата трогателна поезија. Тој им се придружил на Републиканските сили за време на Шпанската граѓанска војна, за што подоцна бил затворен и осуден на смрт. Додека бил во затвор тој ја напишал познатата „Приспивна песна за кромид“, како одговор на писмо од неговата жена, која му напишала дека таа и нивното дете преживуваат само на кромид и леб. Жоан Мануел Серат по многу години ја претворил оваа поема во музичка нумера. Иако неговата смртна казна била сопрена, тој умрел во затвор поради туберколоза.

Извор 1.
Извор 2.

Leave a comment