Вирџинија Вулф несомнено e една од најпознатите писателки на 20 век. Таа на светот му подари многу прекрасни дела и мисли. Доколку сè уште не сте почнале да ја читате, можеби овој текст ќе ве инспирира да го направите тоа. ТЕД-ЕД како и секогаш произведе уште едно одлично анимирано видео кое можете да го видите најдолу, а најпрво прочитајте го и македонскиот транскрипт.

„Колку сакате заклучувајте ги вашите библиотеки, но не постои врата, ниту брава, ниту греди кои можете да ги ставите на слободата на мојот ум.“ – Вирџинија Вулф
Што ако Вилијам Шекспир имаше сестра која ја делела неговата имагинација, неговата остроумност и неговата умешност со зборови? Дали ќе одела во училиште и соодветно би ја поставила сцената? Во нејзиниот есеј „Сопствена соба“, Вирџинија Вулф тврди дека ова би било невозможно. Таа создава измислена сестра, која е заглавена дома, крадејќи време да состави неколку страници, пред да се вери и да побегне. Додека нејзинот брат наоѓа слава и богатство, таа останува анонимна и напуштена.
Во овој мисловен експеримент, Вулф ја прикажува трагедијата на ограничениот гениј и се навраќа назад во времето за да најде показатели за овие скриени истории. Таа напишала: „Кога човек чита за вештерка која ја дават, за жена која е опседната од демони, за мудра жена која продава билки, или дури и за исклучителен маж кој имал мајка, тогаш мислам дека сме на трагата на скриен романописец, потисната поетеса, или некаков тип на нема и озогласена Џејн Остин.“
„Сопствена соба“ размислува за свет кој спречил и отфрлил големи уметнички дела поради исклучување и нееднаквост. Како најдобро можеме да го разбереме внатрешното искуство на отуѓеноста? И во нејзините есеи и во нејзината белетристика, Вирџинија Вулф ја обликува лизгавата природа на субјективното искуство во зборови. Нејзините ликови често водат внатрешни животи кои се длабоко спротиставени на нивното надворешно постоење. За полесно да најдете смисла во овие разлики, следниот пат кога ќе ја читате Вулф, еве неколку аспекти од нејзиниот живот и творештво кои треба да ги земете предвид.

Таа е родена како Аделин Вирџинија Стивен во 1882 година во големо и богато семејство, нешто што ѝ овозможило да продолжи да гради кариера во уметноста. Смртта на нејзината мајка во 1895 година ѝ претходела на смртта на нејзина полусестра, татко, и брат, во текот на следните десет години. Овие загуби ја предизвикале првата депресивна епизода на Вирџинија Вулф, како и последователната институционализација.
Како млада жена, таа купила куќа со своите браќа и сестри во делот „Блумсбери“ во Лондон. Ова ѝ донело контакт со луѓе од креативните кругови, вклучувајќи ги Е.М. Форстер, Клајв Бел, Роџер Фрај и Леонард Вулф. Овие пријатели станале познати како дружината Блумсбери (тука може да прочитате за најпознатите книжевни дружини, вклучувајќи го и ова, м.з), а Вирџинија и Леонард се венчале во 1912 година. Членовите на оваа група биле истакнати ликови на модернизмот, културолошко движење кое имало за цел да ги турка границите за тоа како е претставена реалноста.
Главните карактеристики на модернизмот и модернистичкото пишување вклучува употреба на „текот на свеста“, внатрешен монолог, искривувања на времето, и вклучување на повеќе перспективи. Овие карактеристики се појавуваат во творештвото на Езра Паунд, Гертруд Стајн, Џејмс Џојс и самата Вулф. Вулф почнала да го пишува делото „Госпоѓа Даловеј“ додека ја читала „Улис“ на Џејмс Џојс. Исто како и „Улис“, приказната се случува во текот на еден ден и започнува под навидум монотони околности. „Госпоѓа Даловеј рече дека таа самата ќе ги купи цвеќињата.“

Но, романот навлегува длабоко во трауматичното минато на ликовите, ткаејќи го внатрешниот свет за затапената socialite Клариса Даловеј со оној на истрауматизираниот ветеран Септимус Варен Смит. Вулф користи внатрешен монолог за да направи контраст помеѓу богатиот свет на умот наспроти надворешното постоење на нејзините ликови. (Тука можете да ѕирнете во првото издание на романот)
Во нејзиниот роман „Кон светилникот“, обични моменти, како вечера или губење на ланче, поттикнува психолошки откритија за животите на Ремзиеви, фиктивна верзија на семејството на Вулф додека растела. „Кон светилникот“ содржи еден од најпознатите примери на нејзиното радикално претставување на времето. Во делот „Времето поминува“, период од 10 години е распослан на околу 20 страници. Тука, недостатокот од човечко присуство во летната куќа на Ремзиеви ѝ дозволува на Вулф одново да го замисли времето преку „флешови“ и прозни делови. „Куќата беше оставена. Куќата беше напуштена. Беше оставена како школка на песочен рид да ги пополни со суви зрна сол сега кога животот ја напушти.“
Во романот „Бранови“, има многу малку разлика помеѓу наративот на шесте главни ликови. Вулф експериментира со колективната свесност, повремено спојувајќи ги сите шест гласови во еден. „Не е човечкиот живот на кој се навраќам: Јас не сум една личност. Јас сум многу луѓе. Не знам целосно кој сум јас, Џини, Сузан, Невил, Ронда или Луи, или како да го разликувам мојот живот од нивните.“
Во „Бранови“, шестмината стануваат едно, но во родово променливиот „Орландо“, еден лик стекнува неколку идентитети. Протагонистот е поет кој менува родови и живее 300 години. Со својот флуиден јазик и пристап кон идентитетот, „Орландо“ се смета за клучен текст во родовите студии.
Умот може да лета сосема малку подалеку од телото пред да се врати на ограничувањата на животот. Како и многу од нејзините ликови, животот на Вулф завршува трагично, таа се самоубила кога имала 59 години. Сепак изразила надеж и над страдањето. Преку длабоко размислување, ликовите на Вулф се прикажани како привремено ја надминуваат нивната материјална реалност и во свoето внимателно разгледување на комплексностите на умот, нејзиното творештво ја истакнува важноста од тоа меѓусебно да си откриваме нашите внатрешни животи.
