Нова сликовница од едицијата „Читаме заедно“ – да растеме заедно со мудри приказни!

На полиците во книжарниците пристигна уште една сликовница од едицијата „Читаме заедно“ на Издавачки центар ТРИ со необичен наслов: „Мудроста на нилските коњи“. Напишана од словенечкиот автор Петер Светина, илустрирана од Дамијан Степанчич и во одличен превод на Дарко Спасов, оваа сликовница е полна со поуки што кај најмалите ќе останат во трајни сеќавања. Станува збор за книга која е веќе позната на книжевната сцена за деца, а во 2011 година крунисана со наградата „Златна круша“.

Приказната за нилските коњи и сите нивни пријатели (кенгурот, жирафата, крокодилот, пеликанот, чавките, слоницата, питонот…) се персонифицирани, со карактеристики и на животните и на луѓето, сè со цел да се задржи вниманието на децата и на суптилен начин самостојно да успеат да ги извлечат поуките од раскажаните доживувања. 

Како што велат од ТРИ:

„Преку овој тип литература, децата учат за книжевните и моралните вредности. Ова е уште една сликовница во низата квалитетни книги за деца кон кои ТРИ се стреми со цел да ги подготвува идните читатели и, пред сè, личности за животот. Со тоа, книгата на Светина и Степанчич ја исполнува идејата на проектот поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.“

Leave a comment