Ако некогаш и некако би требало да кажеме кои писател прво ни паѓа на памет кога ќе се спомне зборот „класика“, би морале да признаеме дека тоа е Достоевски, а меѓу неговите дела кои го заслужуваат овој статус, секако е и неговото дело „Записи од подземјето“.
Сите дела на овој руски книжевник би можеле да бидат ставени во таа категорија „класик“ – дела кои барем еднаш во животот би требало да се прочитаат, затоа што навлегуваат во она суштинско човечко живеење. „Записи од подземјето“ не е исклучок, а би можело да се каже дека во оваа книга е зачнато сето она што својот врв подоцна ќе го најде во подоцнежните дела како „Злосторство и казна“ и „Браќа Карамазови“.

Човек незадоволен од светот во кој живее се бори со него, но и со сам себе, на единствениот начин на кој умее. Борбата на човекот е самиот живот, никогаш до крај дофатлив и разбирлив, секогаш парадоксален и амбивалентен.
„Записи од подземјето“ настанала во 1864 година и многумина токму оваа книга ја посочуваат како првото егзистенцијално дело. Од денот кога е создадено, па сè до денес, влијаело и влијае на големи писатели како Ниче, Ками, Сартр, и Булгаков кои се само дел од оние чие влијание од Достоевски може да се насети.
Тоа доволно кажува за тоа колку е значајно ова дело кое никако не може лесно да се окарактеризира, па дури ни на она основно, жанровско ниво.
Мисли од „Записи од подземјето“
„Не само што не умеев да станам зол, јас воопшто не умеев да станам што било: ниту зол, ниту добар, ниту подлец, ниту чесен, ниту јунак, дури ниту инсект. И сега, еве ме, го завршувам животот во транс, задевајќи се со злобна утеха што не служи за никаква цел: паметниот човек не може, навистина, да стане што било; само будала може да го стори тоа.“
„Јас, можеби, жалам што на животот му поделив малку шамари.“
„Главното е ова: како и да вртиш, секогаш излегува дека на прво место виновен сум јас, и, што е најнавредливо, виновен без вина, тукуречи по законите на природата. Прво, затоа што сум попаметен од сите луѓе со кои сум опкружен. (Постојано се сметав себеси за попаметен од својата околина и понекогаш, верувате ли, дури и се срамев од тоа. Во најмала рака, целиот живот гледав некако накосо, не можев да ги гледам луѓето директно во очи.) А потоа, виновен сум и затоа што, дури и кога во мене имаше великодушност, имав само повеќе мака од сознанието дека таа великодушност е бескорисна.“
„Зар свесен човек може воопшто да се почитува себеси?“
„Затоа што навистина, ако некогаш навистина ја пронајдат формулата за сите наши желби и карактери, т.е: од што зависат, по кои закони се случуваат, како се шират, кон што се стремат во таков и таков случај, и така натаму – т.е, ако пронајдат вистинска математичка формула – човек тогаш можеби веднаш ќе престане да посакува, сигурно ќе престане. Каква е сладоста во тоа да сакаш според таблици?“
„Мислам дека најдобрата карактеристика на човекот е: суштество на две нозе и неблагодарно.“
„Сега ве прашувам: што може да се очекува од човекот, од суштество обдарено со толку чудни карактеристики? Заспијте го со сите земни добра, нурнете го во среќа преку глава, така што шеширите ќе почнат да му се појавуваат на површината на среќата како во вода, дајте му таков економски просперитет што не треба да прави ништо друго освен да спие и да јаде колачиња и да се грижи за тоа светската историја да не запре – е, гледате, потоа, истиот тој човек, од чиста неблагодарност и од чиста будалаштина, ќе направи некоја гадост. Тој дури и колачите ќе ги стави на коцка и од инает ќе посака најштетна глупост, само за во својата позитивна разумност да го измеша неговиот кобен фантастичен елемент.“
„Неспорно е дека човек сака да гради и расчистува патишта. Но, зошто тогаш толку силно сака и рушење и хаос?“
„Во сеќавањето на секој човек има работи што тој не ги открива на секого, туку само на пријателите. Постојат и такви работи што тој нема да ги открие ниту на своите пријатели, туку само на самиот себе, и тоа во тајност. На крајот на краиштата, постојат и такви работи што човек се плаши да ги открие и на самиот себеси, и секоја пристојна личност има многу од нив. И тука е ова: колку е попристојна личноста, толку повеќе има од тие работи.“
„Секој пристоен човек од нашето доба мора да биде кукавица и роб. Тоа е неговата нормална состојба.“
„Со еден збор, човекот е комично создаден; има некаква шега во сè.“
„Што се однесува до моето лично мислење, да се сака само благосостојба е некако непристојно. Не знам дали е добро или лошо, но – да се победи нешто понекогаш е многу пријатно“.
„Верувате во неуништлив кристален замок, односно во замок на кој не смеете ни скришно да му го исплазите јазикот. И можеби затоа се плашам од таа зграда, која е кристално чиста и вечно издржлива, дека не можете ни скришум да го исплазите јазикот кон неа.“
„На крајот на краиштата, знаете што: убеден сум дека човек како мене, ваков подземен човек, мора да се држи зауздан. Бидејќи, иако тој е во состојба да седи во подземјето четириесет години, сепак, откако ќе излезе на виделина – тој само ќе зборува, ќе зборува и ќе зборува “.
„Да го земеме случајот да останеме сами, без книги и веднаш ќе се заплеткаме, изгубиме – нема да знаеме кому да се придружиме, на што да се придржуваме, што да сакаме, што да мразиме, што да почитуваме, што да презираме? Дури ни е тешко и да бидеме луѓе, луѓе со вистинско тело и вистинска крв; секој од нас се срами од тоа, смета дека е срамота и се обидува да биде непостоечки „општ човек“. Ние сме мртвородени; ние веќе одамна не се раѓаме од живи татковци и сè повеќе ни се допаѓа тоа.“
