Препораки за филмови за љубителите на книги! (1)

Пред извесно време почнав да предложувам серии кои би биле одлични за љубителите на книги, без оглед на тоа дали се работи за филмови поврзани со книгите, биографии за писатели или книжевни екранизации. Решив паралелно да давам и неколку предлози за оние кои можеби повеќе сакаат филмови наместо серии. Па така, денес ја почнувам првата препорака од три филмови кои се одлични за љубители на книги.

Шиндлерова листа (1993)

Доколку не сте го гледале овој неверојатен филм досега, дефинитивно мора да го погледнете. Истовремено се работи за вистинска приказна, а самиот филм е развиен на основа на истоимената книга. Во екот на Втората светска војна, Оскар Шиндлер отвора фабрика во Полска. Гледајќи го сето тоа злосторство, нечовечност и ужас, сведочејќи го пеколот кој Евреите го преживуваат, Шиндлер решава да преземе нешто за да ги спаси. Истовремено гледачот е сведок на ужасните судбини на Евреите, како и суровоста на нацистичкиот режим. Филмот е снимен во црно-бел формат и доби неколку Оскари. Режијата е на Стивен Спилберг.

Филмот можете да го најдете на Нетфликс.

Гордост и предрасуди (2005)

Не е тајна дека „Гордост и предрасуди“ ми е омилена книга, а филмот еден од моите омилени филмови (како и серијата за која веќе пишував тука). Безвременскиот роман на Џејн Остин досега многупати бил предмет на екранизации, но овој филм, како и серијата од BBC некако најмногу се издвојуваат, а Кира Најтли доби и номинација за Оскар за нејзината улога на Елизабет (Лизи) Бенет. Во филмот, главната хероина е остроумната Лизи Бенет, која на една игранка се запознава со неподносливиот господин Дарси, кого не може да го поднесе. Но, нејзината сестра се заљубува во најдобриот пријател на Дарси. Од друга страна, мајката на сестрите Бенет е решена да ги омажи по секоја цена. Приказната не е само љубовна приказна, таа дава и одличен општествен коментар на нормите и правилата во тоа време. Ако досега не сте го погледнале, задолжително погледнете го. Освен тоа има прекрасна музика и фотографија.

Филмот можете да го гледате на Нетфликс.

Барајќи ја Недојдија (2004)

Во овој филм во кој глумат Кејт Винслет и Џони Деп, се раскажува приказната на Џ. М. Бери и неговата инспирација да го создаде незаборавниот лик за децата, Петар Пан. Иако одредени делови во приказната се променети со цел поголема драматизација, сепак голем дел од филмот ја следи вистинската приказна, особено во поглед на неговото запознавање и пријателство со семејството Левелин Дејвис, пријателство кое на крај ќе стане многу подлабоко и долготрајно. Џони Деп и Кејт Винслет имаат одлична хемија и ова е супер филм доколку сакате да опуштите и да заборавите на реалноста.

Leave a comment