Харуки Мураками е еден од најпознатите современи писатели, кој има и своја верна читателска публика во Македонија. Денешната објава на блогот е мал поттик за сите оние кои ја немаат прочитано книгата „Кафка на брегот“, без оглед на тоа дали го читале Мураками или не. TED-Ed создаваат многу интересни видеа со препораки за книги, кои заслужуваат да бидат преведени и достапни на македонски јазик. Во продолжение прочитајте го македонскиот транскрипт, а на крајот можете да го погледнете и видеото.
„Понекогаш судбината е како мала песочна бура која постојано ги менува насоките. Ја менуваш насоката, но песочната бура те брка. Повторно се вртиш, но бурата се прилагодува. Одново и одново го правиш ова, како некој застрашувачки танц со смртта, токму пред зората. Зошто? Затоа што оваа бура не е нешто што се довеало од некаде далеку… Оваа бура си ти. Нешто внатре во тебе.“
Оваа мисла од првото поглавје на „Кафка на брегот“ на Харуки Мураками, ги доловува превирањата кои се случуваат во тинејџерскиот јунак. Очаен да избега од својот тирански татко и семејното проклетство, за кое има чувство дека е осуден да го повтори, тој се преименува во Кафка по неговиот омилени автор и бега од дома. Но, се чини дека спомените за исчезнатата мајка, заедно со соништата што го прогонуваат неговиот буден живот, се потешки за надминување отколку што мислел.

Објавен на јапонски јазик во 2002 година и преведен на англиски јазик три години подоцна, романот „Кафка на брегот“ е епска книжевна загатка исполнета со патување низ времето, скриени истории и волшебни подземја. Читателите се воодушевуваат кога откриваат како сликите кои си подигруваат со умот, каприциозните карактери и морничавите случајности, совршено се вклопуваат во приказната.
Кафка е нараторот на секое второ поглавје, а остатокот се врти околу старецот Сатору Наката. Откако се разбудил од кома, во која паднал за време на Втората светска војна, Наката ја губи способноста за читање и пишување – но добива мистериозна способност да зборува со мачки. Кога ќе го замолат да пронајде изгубено милениче, тој е фрлен на опасна патека што се движи паралелно со онаа на Кафка.
Наскоро, пророштвата се остваруваат, се отвораат портали кон различни димензии, и риби и пијавици почнуваат да паѓаат од небото. Но, што ги поврзува овие два лика – и дали е тоа сила која и двајцата можат да ја контролираат?
Судирот на различни светови е честа тема во делата на Харуки Мураками. Неговите романи и раскази честопати создаваат фантастични врски помеѓу личното искуство, натприродните можности и јапонската историја.
Роден во Кјото во 1949 година, Мураками растел за време на американската окупација на Јапонија по завршување на Втората светска војна. Сенката на војната висела над неговиот живот, како и неговата фантастика. „Кафка на брегот“ содржи биолошки напади, воени духови и зли заговори.
Делото на Мураками ги замаглува историските периоди и влече инспирација од повеќе културни традиции. Примерите од западните општества и јапонските обичаи се испреплетуваат едни со други, од книжевност и мода до приказни за храна и духови.

Тој има наклонетост кон музички референци, особено во „Кафка на брегот“. Додека бегалецот Кафка талка по улиците на некој чуден град, Лед Цепелин и Принс му прават друштво. Наскоро, тој се засолнува во извонредна приватна библиотека. Додека ги поминува деновите висејќи над стари книги и размислувајќи за некоја чудна слика, како и за мистериозниот сопственик на библиотеката, тој исто така се спријателува со библиотекарот кој го запознава со класичната музика како онаа на Шуберт.
Овој музички сензибилитет го прави делото на Мураками уште похипнотично. Тој често ја прекршува и витка границата помеѓу реалноста и светот на соништата и се смета за мајстор на магијата што демнее во секојдневието и во обичното. Ова е клучна одлика на магичниот реализам.
Во споредба со фантазијата, магијата во овој вид пишување ретко нуди излез од некој проблем. Наместо тоа, станува само уште една работа што го комплицира животот. Во „Кафка на брегот“, ликовите се соочуваат со бесконечни натприродни одвлекувања на вниманието, од дух болен од љубов до кавал што се прави од души на мачки. Овие предизвици не нудат лесни одговори. Наместо тоа, тие оставаат да се чудиме на снаодливоста на човечкиот дух да се справи со неочекуваното.
Додека Кафка честопати изгледа како да е заглавен во необичноста, во сржта на неговата мисија има нежност и интегритет што го турка напред. Постепено тој ја прифаќа неговата внатрешна збунетост. На крајот, неговото искуство го изразува она на читателот: колку подлабоко одите, толку повеќе наоѓате.
Во продолжение погледнете го и оригиналното видео на ТЕД-Ед:
