Добре дојде јуни! Полека се приближува летото, а тоа значи само едно – повеќе можности за читање! Па да го започнеме јуни со интересни предлози составени од книгите кои ги прочитав изминатиот месец. Мај навистина беше месец на одлични книги и доколку изберете која било од долунаведените книги, нема да згрешите!
Па да почнеме…
„Недрамски дела“ – Вилијам Шекспир

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Шекспир е несомнено едно од најголемите имиња во книжевноста и не се потребни многу воведи за неговите дела. Тој секако е најпознат по своите драмски дела како „Ромео и Јулија“, „Хамлет“, „Отело“ и други, но сепак, големи бисери се наоѓаат и во неговото останато, недрамско, творештво.
Во оваа куса, но многу моќна книга, се наоѓаат недрамските дела на Шекспир напишани во вид на поеми. Меѓу нив се и популарните „Силувањето на Лукреција“, „Венера и Адон“, „Заљубениот одочесник“, „Фениксот и грлицата“ и „Епитаф“.
Вилијам Шекспир со причина се смета за еден од најголемите на сите времиња. И покрај тоа што неговите недрамски дела не се толку познати како драмските, сепак станува збор за извонредни творби кои се вешто напишани и кои ја покажуваат неговата величественост во полн сјај. Освен тоа, препевот на Драги Михајловски е одличен, па оттаму не треба да се грижите за тоа.
Го препорачувам ова дело со цело срце, затоа што човек никогаш не треба да пропушти шанса да го чита Шекспир!
„Менон“ – Платон

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Платон е едно од најголемите имиња во историјата на филозофијата, кој несомнено има огромно влијание и денес, и тоа не само на филозофијата како наука. „Менон“ е многу мала книга, со помалку од 100 страници, но се работи за исклучително моќно дело кое поттикнува дијалог и размислување за тоа што значи доблеста и како (и дали воопшто може) да се пренесе и научи.
Дури и да не сте голем љубител на филозофијата, сепак ова дело е лесно напишано и е во форма на дијалог со користење на познатиот Сократов метод (кој впрочем и се појавува во книгата).
Книгата ќе направи да размислувате за доблеста, а може и да поттикнете дискусија меѓу вашето друштво, а остава простор и самите да донесете заклучок околу тоа што е доблеста и што претставува таа за вас. Јас навистина уживував во ова дело, а верувам дека и вие ќе уживате.
„Пепелник во еден хотел во Скопје“ – Славој Жижек

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт: Месецов некако се погоди во поголем дел да биде месец на класици и филозофија. Немаше некоја посебна причина за тоа, туку некако веројатно така се чувствував, па барав и такви четива за читање. Славој Жижек е еден од најпознатите живи филозофи, а особено интересно е тоа што тој е од Словенија, односно од овие простори.
Пред да ја прочитам оваа книга, немав читано ништо во ваков формат, односно претежно имам читано негови статии и настапи, како и извадоци. Ова беше првпат да прочитам книга, односно збирка од пет есеи кои зборуваат на повеќе теми, иако во голем дел поврзани меѓусебно.
Уживав во начинот на кој аргументира, па дури и кога не бев секогаш убедена во неговите аргументи, односно не се согласував со некои аспекти, сепак ме поттикнуваше да продолжам да го читам, затоа што одлично го задржува вниманието.
Омилен есеј ми беше „Писмото што сепак стигна на одредиштето.“
„Соба со поглед“ – Е. М. Фостер

Издавачка куќа: Арс Ламина
Оцена: 4/5
Осврт: Како што напоменав и погоре, месецов беше полн со класици и книги кои одамна сакав да ги прочитам, но никако не стигнуваа на ред.
Една од нив е и „Соба со поглед“, класик на Фостер, кој се чини дека не ја губи својата релевантност. Оваа книга е за потрагата по слобода и себеси, скршнување од наметнатите општествени норми и изборот да носиш сопствени одлуки. За 20 век, ова било навистина прогресивно размислување, но и за денес, иако можеби борбите и нијансите се поинакви.
Романот започнува кога Луси Ханичрч, мирната и послушна ќерка, оди во Италија со својата братучетка. Во еден пансион тие се запознаваат со еден необичен човек и неговиот син. Луси е маѓепсана од Италија, од новите можности и новиот свет кој го гледа, кој претходно бил многу тесен и ограничен. Во Италија се случуваат многу работи што длабоко ќе влијаат на неа.
Во вториот дел од романот таа е веќе верена, но повторно се бори со своите чувства и размислувања, а тоа уште повеќе се надополнува со доаѓањето на нови соседи (а стари познаници) во соседството.
„Станарката на замокот Вајлдфел“ – Ен Бронте

Издавачка куќа: Нампрес
Оцена: 5/5
Осврт: И покрај тоа што многу ја сакам животната приказна на сестрите Бронте, а „Оркански височини“ на Емили и „Џејн Ер“ на Шарлот ми се меѓу омилените книги, сепак, сè досега немав прилика да прочитам нешто и од Ен Бронте.
Колку само сум пропуштила! Читајќи ја книгава, навистина ми падна малку жал што Ен со текот на времето има малку паднато во сенка на нејзините сестри, затоа што таа сама по себе има извонреден талент кој заслужува да биде уште попознат од она што е сега.
Ен Бронте во овој роман опфаќа многу тешки теми, кои и сега во голема мера се табу, а да не зборуваме за времето во кое е објавен. Алкохолизам, распаѓање на брак и одлуката на една жена да не остане во лоша околина во која нејзиниот сопруг ја контролира и малтретира.
Во Вајлдфел Хол пристигнува мистериозна млада вдовица, која се чини дека е многу приврзана за нејзиниот син и истовремено се држи на далечина од жителите на местото, кои во недостаток на забава, многу се интересираат за нејзиниот живот, особено еден млад човек кој во форма на писмо до неговиот зет ја објаснува неговата приказна и искуство со младата мистериозна дама. Одлична книга!
„А што по бакнежот?“ – Лорен Лејн

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт: Во месец полн со класици и филозофија, одбрав и една позабавна и лесна книга, која одлично ми дојде за опуштање и забава. Лорен Лејн е навистина супер писателка доколку барате нешто да ве опушти и одмори од напорното секојдневие.
„А што по бакнежот“ е уште една таква книга, која е напишана во нејзиниот препознатлив стил и всушност е првата книга од серијалот за дамите од списанието „Стилето“. Се чита и на едно седнување,.
Се работи за колумнистката Џули која е позната по одење на состаноци и пишување за тоа, но не и за сериозни врски. Кога добива задача да напише текст на тема за посериозна врска, таа се наоѓа во сосема нова територија и решава да најде некој со кого ќе проба да биде во врска за да може да го напише текстот. На спротивната страна е Мичел кој по серија на сериозни врски, бара само забава.
Како овие двајца се запознаваат и го развиваат својот однос е тема на книгата. Иако малку предвидливо, сепак ова четиво нуди добра забава, смеење и малку романтика, а тоа сепак на сите ни е малку потребно, зарем не?
