Промоција на интерактивна книга „Мистериозниот град под калето“ на Александра Тодоровиќ!

По долг период без настани поради пандемијата, работите полека почнуваат да се менуваат и околностите дозволуваат отворање кон настани во живо. Доколку сте заинтересирани и ви недостасуваа книжевни настани, денес, во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на ул. Македонија ќе се одржи промоцијата на интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ на писателката Александра Тодоровиќ, со илустрации на Марко Јанев, автор кој живее во Виетнам. Водителка на промоцијата ќе биде уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“, Татјана Димовска-Атанасова.

Авторката Тодоровиќ, на која ова ѝ е трета книга, вели дека минала долго време во истражување на историското богатство на Скопје со цел соодветно да ја конципира книгата. „Скопје од А до Ш“ е наслов на серијалот книги за деца, а прва книга од серијалот е „Мистериозниот град под калето“ што го обработува османлискиот период на Скопје.

Како што е наведено на официјалниот настан на ФБ, Александра Тодоровиќ вели за книгата:

Со овој период всушност ја почнувам авантурата за Скопје. За оној дел пред Османлиската Империја, за време на Византија има многу малку податоци и затоа се одлучив да почнам од периодот на Скопје под османлиска власт. Серијалот е замислен така што секоја книга ќе обработува различни историски периоди на градот. Понатаму дејството би продолжило во втората книга за Скопје во време на Кралството СХС, постземјотресно Скопје и приказната би се заокружила со модерно Скопје.

„Мистериозниот град под калето“ е во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“ и веќе може да се купи во сите книжарници „Литература.мк“ низ земјава, како и да се нарача онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

Leave a comment