In Memoriam: Лусинда Рајли (1966 – 2021)

Лусинда Рајли, писателката која имаше многу читатели во Македонија, за жал, денес ја изгуби долгогодишната битка со ракот. Таа кај нас беше најпозната по романите „Девојчето на гребенот“, „Сестрата создадена од бура“, „Сестрата од сенка“, „Сестрата на месечината“, „Седумте сестри“, „Полноќна роза“, „Бисерната сестра“, „Сестра на сонцето“ и други.

„Матица“, издавачката куќа која ги издаваше нејзините дела кај нас, на нивната страница на Фејсбук, ја објавија пораката од нејзиното семејство:

(извор на сликата: Фејсбук страницата на Матица)

До пријателите на Лусинда и читателите низ светот,

Жал ни е што мораме да ви соопштиме дека Лусинда почина мирно утрово, опкружена со нејзиното семејство кое беше толку важно за неа. Сфаќаме дека ова ќе биде ужасен шок за повеќето луѓе кои не беа свесни дека Лусинда се бореше со рак веќе четири години.

За време на тие четири години, Лусинда напиша 5 романи, а оваа седмица „Загубената сестра“ е број 1 роман во целиот свет.

Лусинда ги трогна животите на сите што ги запозна и оние кои ги свртеа страниците на нејзините приказни. Таа зрачеше со љубов и љубезност во сè што правеше и ќе продолжи да нè инспирира сите засекогаш.

Пред сè, Лусинда го сакаше животот и го живееше секој момент во целост.

Со нејзини зборови:

„Преку болката и радоста на патувањето, ја научив најважната лекција што може да ја понуди животот, и мило ми е заради тоа. Моментот е сè што имаме.“

Лусинда до сега има продадено 30 милиони примероци на меѓународно ниво, а нејзините книги беа bestsellers во 25 земји. Нејзините книги се номинирани за бројни награди, вклучувајќи ја и италијанската награда Bancarella, „The Lovely books“ во Германија и наградата „Romantic Novel of the Year“.

Во 2020 година таа ја доби холандската Платинум награда за продажба од над 300.000 примероци од нејзин роман за една година – награда која последна ја освои J.K.Rowling за Хари Потер. Најгорд момент во нејзиниот живот беше кога, по 27 години како објавен автор, во есента 2019 година, „Собата на пеперутките“ беше на врвот на листата на бестселери на Sunday Times.

Нејзините дела вечно ќе живеат со нас.“

Сочувство до семејството и нејзините обожаватели!

Leave a comment