Тајните љубовни писма на Албер Ками и Марија Касарес…

Албер Ками е еден од најдобрите писатели и филозофи на 20 век. Неговите дела, писанија и размислувања вечно ќе имаат почесно место во книжевноста, а во овие две години повторно стана особено актуелен поради неговото дело „Чума“, во кое многумина пронајдоа сличности со она што ние на глобално ниво го поминуваме со пандемијата. Она за кое можеби помалку се пишува и знае за Ками е неговиот приватен живот, а особено интересна е неговата врска со француско-шпанската актерка Марија Касарес. Книжевниот портал и списание „Париз Ревју“ има одличен текст на Стефани ЛаКава, писателка и сопственичка на малата издавачка куќа „Смол прес букс“ во кој таа дава осврт на книгата „Допишување (1944 – 1959)“, која е составена од збирка преписки и писма кои тие меѓусебно си ги испраќале.

Во продолжение прочитајте го текстот на македонски јазик, а најдолу можете да го најдете линкот до оригиналниот текст на англиски јазик:

Во последните неколку недели, се фиксирав на збирка од материјали од прва рака кои делуваат како педантно средена епистоларска белетристика. Се работи за голема книга, околу 1300 страници, составена од оригинални писма, разгледници и телеграми кои меѓусебно си ги испраќале францускиот филозоф и писател Албер Ками и шпанско-француската актерка Марија Касарес, во периодот од 1944 и 1959 година. Се работи за многу голема книга која е тешко да ја носите со себе во метро, па ја симнав електронската верзија на мојот телефон. Моите папки во телефонот се полни со слики од размените на овие двајца љубовници. Книгата била објавена во Франција од издавачката куќа „Галимар“.

(Марија Касарес и Албер Ками)

Романсата на Ками и Касарес е побогата, ако и не и потажна, кога ќе се земат предвид наративите на нивното творештво и уметност. Има морничаво поклопување на животот и уметноста. Апсурдноста е единствената сигурност и ова постојано се потврдува преку случајноста и среќата.

Тие двајца се сретнале на 6 јуни 1944 година, на денот кога силите на Сојузниците слетале во Нормандија. И двајцата биле вклучени во продукцијата на претставата на Ками, „Недоразбирање“, која бил поставена на еден театар во Париз. Во процесот, Ками ја донел Касарес на вечера која ја организирале Жан-Пол Сартр и Симон де Бовоар, кои ја пофалиле убавината и самодовербата на младата актерка. Се шпекулира дека токму таа вечер тие ја започнале нивната врска: Касарес имала 21 година, а Ками бил девет години постар од неа. Нивната врска нагло завршила кога сопругата на Ками, Франсин Фое, математичарка и пијанистка, се вратила во Париз по завршување на Окупацијата.

Потоа, Ками станал главен уредник во „Борба“, подземен весник на Отпорот, а неговата сопруга родила близнаци, Катерин и Жан. Во меѓувреме, Касарес ги добила двете највпечатливи улоги во нејзината кариера, како страдаличката сопруга во „Децата од рајот“ и повредената љубовница во „Les Dames du bois de Boulogne”. Точно 4 години по нивната прва средба, на 6 јуни 1948 година, Касарес случајно налетала на Ками на булеварот „Сен Жермен“. Нивните допишувања ќе продолжат и во следните 12 години.

Во речиси 900 размени, тие меѓусебно си ги раскажуваат нивните денски активности со лесна разиграност. На почетокот, Ками ја убедува Касарес дека нештата сосема малку се промениле, и во неговите чувства и во градот каде по втор пат им се сретнале патиштата. Тој ги споделува и неговите нервози поврзани со Париз. Касарес, секогаш во потрага по улоги, ја исмева отровната смрдеа на помфритот во Белгија. Сепак, таа наоѓа време да ги сподели нејзините секојдневни активности, како пушењето цигари, или грижењето за нејзиниот татко и маче. Понекогаш писмата се кратки, краток поздрав пред да си легне, прејадена од „шпагети и грејпфрут“. Понекогаш писмата се прилично долги, полни со новости и прашања. Касарес често прашува за децата на Ками. Не се залажуваат за ситуацијата.

Ками ѝ пишува на Касарес: „Тебе би ти се допаднала куќата, мирисот на ноќите. Навечер е прилично тивко.“ Во друга белешка, тој ѝ испраќа и гранче мајчина душица од локалната планина и вели: „Ти пишувам од средина на една прекрасна бура. Има громови, светкања и дожд. Го поминав денот играјќи си со Жан и Катерин.“

Ками е свесен дека неговиот брак е пречка. Тој ѝ вели: „Оваа несреќна љубов не е она што го заслужуваш.“ Во друг момент вели: „Со тебе најдов животна сила која мислев дека ја изгубив. Ти си единственото суштество кое ме довело до солзи.“ Тој е свесен за неговите зборови и понекогаш ги препрочитува белешките пред да ги испрати: „Уморен сум и уплашен сум да продолжам со овој тон. Ова само ти ја кажува бојата на денот и моите мисли. Тешко е и жешко. Ден за тишина, голотија, соби во сенка, напуштање. Моите мисли се бојата на твојата коса. Во понеделник и неколку денови потоа, тие ќе бидат бојата на твоите очи.“ А подоцна вели: „Јас го пишувам твоето име во ноќта, драга Марија.“ Ками исто така е постојано зафатен. Тој вели дека неделите му се полни со пишување, дури и кога има чувство дека е речиси невозможно. Касарес го поттикнува.

Таа вели: „Те сакам. Пишувај. Пишувај. Деновите се долги и тешки. Ми требаат твоите писма за да живеам. Спиј. Легни си.“ Тaa го прашува за мислење за некои проекти, а тој одговара со еднаква почит кон нејзината работа. Тој вели: „Убавино моја, твоето писмо беше малку тажно. Како можам да помогнам? Твојот лојален придружник е тука. Го знаеш тоа.“ Едно друго писмо го завршува со: „Круна од бакнежи за кралицата на соништата.“ Тој ги воспева нејзините изведби: „Да, ти можеш да бидеш среќна, ти си одлична, ти си многу голема актерка.

Во воведот на книгата, Кетрин, ќерката на Ками, кажува дека граматичките и јазичните грешки на Касарес биле поправени во транскрипцијата. Можеби малку од шармот е изгубен без нив. Кетрин била таа која ги откупила писмата од Касарес по смртта на нејзината мајка во 1979 година и ја однела книгата на издавачката куќа „Галимар“.

Неколку парчиња со имиња на нив се репродуцирани како факсимили во книгата, со по некој цртеж тука и таму. Пораките што биле испратени како телеграми се појавуваат со датуми и со големи букви. Би сакала да видев повеќе факсимили, аурата доловена во фуриозниот ракопис на двајцата љубовници. На крајот од едно од писмата, има белешка дека Ками вклучил нацртано сонце. Би сакала да го видам. На задниот дел на книгата има пишан доказ за смислата за хумор на Ками: четири будалести писма што тој се преправал дека ги напишал во име на Касарес во потрага по изнајмување на летна куќа. Во едното пишува: „Госпоѓо, само два збора: јас сум жешка и валкана, но не сум сама. Значи: плажа, вода, две соби, дрво и за ништо – или речиси ништо “.

Како што одминувало времето, постои мала опиплива пишана грижа дека нивната љубов избледела, дека вообичаениот презир или навика се појавиле. Можеби ова се должи на суспендираната илузија на љубовта на далечина. „Те држам како првиот пат“, пишува Касарес. „Го сакам твоето срце и сè што си… Кога мислам на нас, се чини апсурдно да не верувам во вечноста“. Сопругата на Ками, свесна за неговите брутални афери (Касарес не била единствената), страдала од депресија и се обидела да се самоубие во 1954 година. Во писмата, копнежот проникнува низ фрагменти, концентрирани моменти кои ги поминале заедно митологизирани во текот на времето кое го минале одвоено. Во нивните спомени, тие моменти станувале поеластични, помитски отколку што би можела да биде која било секојдневна врска.

Само една работа се менува во текот на времето, Касарес повеќе не го моли Ками да пишува. Наместо тоа, нуди нежност: „Живеј како што секогаш си сакал да живееш. Ако не ти се пишува, не пишувај. Веќе знаеш доволно дека сега не можеме да си помогнеме освен да се повторуваме.“ Таа му вели да ѝ прати белешка дека мрзливоста му оди добро, барем само еден збор. „Ќе го знам само она што треба да го знам. И од моја страна јас ќе го правам истото.“ Потоа во други писма му вели дека веќе му рекла сè, дека таа не може да го замисли животот без него, но дека мора. Таа е разочарана од неговото отсуство, иако тој за неа секогаш ќе биде присутен. Таа му вели: „Тоа е тоа. Што и да се случи, ти засекогаш ќе бидеш во мојот живот.“

Последното писмо на Ками вели: „Добро. Последното писмо. Само да ти кажам дека пристигнувам во вторник… Наскоро, моја прекрасна.“ Тој ѝ кажува дека кога повторно ќе се сретнат во вторник, тие одново ќе ја започнат нивната романса и ќе почнат наново.

Нивното допишување завршува тука.

Неколку денови откако го испратил неговото „последно писмо“, на 4 јануари 1960 година, Ками загинал во сообраќајна несреќа. Легендата вели дека во неговиот џеб имало билет за воз. Касарес живеела уште 36 години. Таа починала на ден откако наполнила 74 години, во нејзиниот дом во Франција.

Сличностите помеѓу животот и уметноста продолжиле: една година по смртта на Ками, Касарес ја повторила својата улога на Принцезата, женското лице на смртта, во последниот дел од Орфната трилогија на Кокто. Во претставата, има љубовен триаголник помеѓу принцезата, поетот и неговата сопруга, бремената Евридика. Приказната е сместена во повоен Париз, сличен на соништата.

Извор.

Leave a comment