Еден од најзначајните и највлијателните посети на 20 век, се родил двапати: еднаш како Рикардо Нефтали Рејес, Чилеанец, син на работник во железница и учителка, и втор пат како Пабло Неруда, автор на некои од најубавите оди, љубовни песни, како и песни со политичка тематика. Неговите творби денес се сметаат за најсакани и најчитани, а големиот Пабло Неруда останал и запамтен како одличен дипломат, „поет на љубовта и политиката“, создавач на остра поезија и преубави стихови. Тој бил љубовник, нобеловец и космополит. Бил политички ангажиран, бил конзул, кандидат за претседател, прогонет, а најмногу од сè, бил борец за правда, вистина и уметност.

И морал да биде, затоа што патот до ваква биографија бил трновит.
Пабло Неруда: Почетоците
Уште од мал имал љубов кон пишаниот збор, но неговиот татко остро се спротиставувал на тоа неговиот син да се впушта во уметничките води и да гради неизвесна кариера како писателската. Поради тоа младиот Рикардо се подготвувал да стане учител, но неговата најголема љубов никогаш не исчезнала. Доследен на својот повик, се досетил да го користи псевдонимот Пабло Неруда. Неговите први творби се нашле на страниците на училишните списанија и градските весници, благодарејќи на Габриела Мистрал, нобеловка и директорката на училиштето, која била првата што му пружила поддршка.
И така, тогаш тринаесетгодишниот Пабло Неруда почнал да гради нов идентитет и кариера како еден од најпознатите поети на сите времиња.
На 19 години ја објавил својата прва книга „Crepusculario“, за која добил многу пофалби од познатите писатели од тоа доба. По една година објавена е и неговата збирка „Дваесет љубовни песни и една песна за очајот“, која му донела меѓународна слава. Продолжил да пишува и да ги објавува своите дела под псевдоним и дури во 1946 година и законски го земал Пабло Неруда како свое име.
Набргу стекнал голема популарност меѓу читателите, која, покрај неговата неверојатна умешност во дипломатија, придонела за неговото прогласување за конзул во Буенос Аирес, Париз и Мексико. Така постепено станувал политички активен, поради што во неговиот живот почнале да се случуваат големи промени. Од аполитичниот љубовен поет каков што бил на почетокот, почнал да се претвора во поет на политички химни, општествено корисна уметност и страстен поддржувач на комунистичкиот режим.

Политичка ангажираност
Откако ја започнал дипломатската кариера и бил назначен за конзул, често патувал низ светот. Кога се нашол во предвоена Шпанија, запознал некои од најголемите умови на 20 век, меѓу кои бил и Федерико Гарсија Лорка, кој наскоро му станал близок пријател. Во екот на граѓанската војна која почнала да распламтува, Лорка бил погубен, а тоа многу го погодило Неруда, па неговата желба да им помогне на Шпанците станала уште поголема.
Поради тоа ја објавил поемата „Шпанија во срцето“ и стихозбирката „Трето престојување“, во кои неговата поезија првпат се занимава со политички и општествени прашања. Почнал да развива наклонетост кон Советскиот сојуз и комунистичкиот режим на Сталин, која ја изразил во своите „Пеења за Сталинград“. Овие случувања внеле големи контроверзии и промени во неговиот живот. Чилеанските власти го отповикале и го тргнале од местото конзул поради поддршката за Шпанија. Дури неколку години подоцна повторно станале благонаклонети кон него и му ја доделиле титулата сенатор.
Веќе навлезен во политиката, Неруда како сенатор одлучил повторно да се бори за правда преку своите песни. Сакал на виделина да ги изнесе злоупотребите на власта и дупките во системот, а тоа му ја донело Сталиновата награда за мир, но и прогонство од татковината и две години живот во бегство. Откако го вратил своето влијание во Чиле, бил номиниран и за претседател на државата, но се откажал од тоа во корист на левичарот Салвадор Аљенде и се задоволил со доделеното амбасадорско место во Париз.
Неговото творештво, уметност и поетска големина се овековечени по една година, во 1971 година, кога му е доделена Нобеловата награда за книжевност.

Творештвото на Пабло Неруда
Тешко е да се раздвои политичкото творештво на Неруда од неполитичкото. Иако неговата подоцнежна поезија изобилува со политичка тематика, и натаму може да се насетат надреалистичките и љубовни елементи од поезијата од неговото минато. Во неговите први творби постои трагање и тежнееење кон нешто поголемо и позначајно од искажувањата чувства на поединецот, нешто со кое би се изразиле политички и општествени ставови кои тој постепено ги градел.
Пишувајќи ги своите познати оди, во некои го истакнувал заносот, неверојатната убавина и смиреност, сакајќи на обичните луѓе да им зборува за убавината на обичните работи, како кромидот или доматот. Некои други песни се осудувачки и се занимаваат со политика – најмногу со американската воена агресија во Кореја и експлоатацијата на бакарот во Чиле.
Неговата стихозбирка „Сеопшта песна“ претставува голем пресврт и почеток на поинаков стил – отворени политички и општествени критики.
Иако најмногу го знаат како автор на љубовна поезија, Неруда бил и извонреден хроничар на своето време, а неговата поезија се занимавала, освен со истакнувањето на убавината, така и со разоткривање на човечките мани и општествените проблеми.
Последните години
По добивањето на Нобеловата награда, неговото здравје почнало сериозно да се нарушува. Му бил дијагностициран рак и последните денови ги поминал во болницата „Санта Марија“ во Чиле. Несвесен за тежината на својата болест, тој се подготвувал за својата последна храброст – уште еден обид за разоткривање на вистината. Посакал да отпатува во Мексико и да изнесе јавна декларација против воениот режим, но неговата желба не се остварила. Починал истата вечер, а како причина за смртта е наведен инфаркт. Но, луѓето кои двапати се родени, треба и двапати да бидат погребани.
Поради сомневањата дека бил отруен, неговото тело по 40 години било ексхумирано и биле направени анализи. Тогаш се утврдило дека неговото срце престанало да чука по природен пат, но со секој претходен и следен читател на неговата поезија, се потврдува неговата бесмртност.
