Што читаше Кафе и книги во јуни?

Летото го зема својот полн замав и веќе почнуваме да ги чувствуваме силните сончеви зраци кои нè принудуваат да поминуваме повеќе време дома, барем додека не се стемни. Доколку ви се потребни препораки за читање во овие мрзливи летни денови, погледнете ја оваа листа со препораки.

Животинска фарма“ – Џорџ Орвел

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт:
Ова е една од моите омилени книги на сите времиња и ако некој ме праша, ова би требало да биде лектира која ќе се чита и препрочитува и анализира. Џорџ Орвел создал едно мало ремек-дело кое можете да го прочитате во еден здив, а сепак е суштински полно со неверојатни метафори и сатира на тоталитарните и авторитарните системи, олицетворени преку сатирата на режимот на Сталин.

Книгата која најпрво не сакале да ја објават во Велика Британија, но денес е еден од најважните класици на сите времиња. Книгата започнува кога животните на Велопоседничката фарма решаваат да направат револуција и да ја преземат фармата од штетниот човек и од луѓето кои се непријатели. Набрзо почнуваат да се самоорганизираат, но работите тргнуваат во поинаква насока, особено кога свињата Наполеон ги презема сите работи во свои раце.

Неверојатна книга, дефинитивно морате да ја прочитате, едноставно е неверојатно како Орвел успеал во книга од околу 100 страници да претстави еден цел систем и историски период и истовремено на свој начин да даде и општествен коментар. Одлична книга, задолжително четиво!

Концерт за мирис и оркестар“ – Лилјана Дирјан

Издавачка куќа: ТЕМПЛУМ
Оцена: 5/5
Осврт
: Лилјана Дирјан е една од нашите најпознати поетеси, и јас сосема случајно налетав на оваа книга, но многу сум среќна што ми падна во раце.

Се работи за книга во која се содржани различни сегменти од нејзиното творештво, од есеи и текстови, до песни. Секоја од нив има посебна убавина во која се спојува она што е длабоко човечко, но и истовремено многу секојдневно. Истовремено многу лично и специфично за неа, но и нешто универзално во кое секој читател може да се пронајде.

Јас уживав во секој ред и секој стих и дефинитивно од срце ви ја препорачувам оваа кратка, моќна и прекрасна збирка. Со нејзиното заминување од овој свет дефинитивно изгубивме еден неверојатен поетски бисер, но токму вакви изданија нè потсеќаат на тоа зошто нашите поети и поетеси се толку важни и колку можат да ни пренесат парче душа кое ни е потребно во моментот.

Толку локално, а сепак толку светски и универзално. Топла препорака!

Цвеќиња“ – Афонсо Круш

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 5/5
Осврт:
Афонсо Круш ми е еден од омилените современи писатели и уживам да го читам во секое време и секое доба. Афонсо Круш е португалски писател, кој ја има добиено и наградата за литература на ЕУ и кој е толку прониклив, човечен, полн со хумор, а сепак и сериозен во исто време, што е невозможно да не се заљубите во неговиот стил на пишување. Досега на блогот имам неколку пати пишувано за него (тука, тука и тука) и не можам доволно да го препорачам.

Дури и во моментите кога се чудите и не ви е баш најјасно што прави и кон што водат неговите редови и зборови, сето тоа секогаш совршено го поврзува и уредно го запакува на начин што ќе ви остави топлина околу срцето. Во овој роман читаме за главниот лик кој преокупиран со некои свои работи, сакајќи да избега од рутината на неговиот живот, решава да се позанимава со минатото на неговиот сосед, кој претходно воопшто не ни знаел дека постои, но решава да открие што бил и каков бил, пред да го изгуби своето помнење.

Во процесот учиме и за главниот лик и сведоци сме на неговите внатрешни монолози, преку кои ќе преиспитате и некои сопствени ставови за животот, монолози кои ќе ве натераат да размислите и на многу сопствени уверувања. Шармантен како и секогаш, топло ја препорачувам оваа книга!

Скриени желби, немирни патувања“ – Владимир Јанковски

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт
: Уште една македонска книга, т.е роман кој дефинитивно треба да биде на вашата листа за читање. Добитникот на годинешната награда „Роман на годината“ е роман кој дефинитивно остапува од она што веќе сте го прочитале или сте навикнале да го читате, според форматот и креативноста со која е напишан.

Романот следи неколку главни приказни, но истовремено накусо разгледува и туѓи сосема далечни приказни, кои понекогаш и се допираат меѓусебно, но не секогаш. Сепак, на многу интересен начин е покажано како животот понекогаш е круг, како постоиме во исто време, а сепак сите сме различни луѓе со различни животи и соништа.

Најсилна страна на романот е лесниот стил на пишување комбиниран со одлични поенти и размислувања за животот, во кои често и се пронаоѓав или ме поттикнуваа да размислувам. Одлична книга и дефинитивно заслужува да се поддржи и да се купи. За секоја пофалба е развојот на современата македонска книжевност и оваа книга е уште еден доказ за тоа!

Нешто слично на љубов“ – Џули Џејмс

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3.5/5
Осврт
: Во периоди на хаос и гужви, навистина добро ми доаѓаат лесни романси, кои лесно се читаат и кои ме отргнуваат од секојдневната реалност од која сакам да побегнам. Ова е дефинитивно една од тие книги. Џули Џејмс е одлична авторка за книги кои ме релаксираат и кои ви нудат слатко бегство без некакви преголеми очекувања, а кои во себе имаат и романса и хумор. Секако дека се малку клише, но тоа е она што ги прави интересни и омилени.

Во оваа книга, една богата наследничка со не баш толку совршен живот како што се чини на прв поглед, е безмалку приморана да придружува еден згоден ФБИ агент на една забава, но како што тоа секогаш бидува, работата излегува од контрола и тие мораат да продолжат да глумат. Финтата е во тоа што тие навидум не се „мирисаат“ на почетокот, но сепак постои неверојатна хемија која и двајцата се трудат да ја игнорираат.

Не е една од моите омилени од овој жанр, но доволно супер за да заборавам на жештините, на обврските, а во ваков период, тоа е она што навистина ми треба. Па така, ако барате летна книга со лесен заплет која ќе направи да заборавите на жештините надвор, ова е добра книга за вас.

Leave a comment