Слушнете како Хаксли ја чита својата книга „Храбар нов свет“!

„Храбар нов свет“ на Олдос Хаксли е една од најпознатите дистопии на сите времиња, често споредувана со „1984“ на Џорџ Орвел во однос на тоа чија верзија е поточна и повозможна да се оствари (или веќе се остварува). Дури и самиот Хаксли му напишал писмо на Орвел по издавањето на романот на Орвел. Инаку Хаксли му бил професор на Орвел додека бил студент.

Како и да е, „Храбар нов свет“ е една неверојатна дистописка книга, за едно целосно контролирано општество во кое деца се раѓаат со генетски инженеринг, луѓето постојано пијат апчиња за да го контролираат своето расположение, не е дозволено формирање на љубовни врски и се практикува полигамија, односно никој не може да биде во врска со никого. Доколку не сте ја прочитале, ова е задолжително четиво за вас, а за оние кои ја прочитале (па и за оние кои не ја прочитале), еве уште еден извор и начин како да ја доживеете книгата.

Во периодот од јануари 1956 година до септември 1957 година, се емитувала програма CBS Radio Workshop која во тоа време била навистина иновативна емисија, а идејата била различни луѓе да доаѓаат и читаат дела од познати автори. Првите две епизоди од оваа радио емисија биле драматизација на романот „Храбар нов свет“ на Олдос Хаксли, а самиот автор е тој што ја чита книгата.

Останатите епизоди од оваа емисија вклучувале читање на делата на Антоан де-Сент Егзипери, Марк Твен, Оноре де Балзак и многу други. Вклучувала и оригинални текстови од различни жанрови како комедија, драма и слично.

Во продолжение можете да ги слушнете двете епизоди прикачени во видеото кое е поставено подолу (двете епизоди се прикачени во едно видео), а доколку имате профил на Спотифај, тогаш можете да ги слушнете двете епизоди (засебно) тука. Во зависност од тоа која платформа ја претпочитате, ги ставив и двете опции за да имате избор.

Leave a comment