Верувам дека многу читатели (особено читателки) се љубители на романтични драми, но сместени во историски периоди од 18, 19 и ран 20 век. Ова е причината зошто се толку популарни книгите како „Гордост и предрасуди“, „Џејн Ер“, „Оркански височини“ (иако за секојa од нив може да се дебатира за главните теми во книгите). Во последниот период има наплив на вакви романтични драми, а еден од серијалите кој ми го привлече вниманието, е серијалот на Лиса Клејпас, која е популарна писателка на љубовни романи.
Се работи за серијалот за пријателките Лилијан, Иви, Анабел и Дејзи кои се решени да најдат сопруг по секоја цена, но неочекувано за тоа време, успеваат да најдат и љубов и среќа во едно, но ништо не оди толку едноставно и нивните животи се полни со згоди и незгоди. Овој серијал се состои од четири книги („Тајни на летната ноќ“, „Се случи една есен“, „Една страшна зима“ и „Скандал на пролет“) и една дополнителна книга поврзана со серијалот – „Еден незаборавен Божиќ“, кои кај нас се издадени до страна на издавачката куќа „Сакам книги“.

Откако ги прочитав првите две книги, разгледував повеќе за овој серијал и вниманието ми го привлекоа одличните препораки на „Амазон“ и „Гудридс“ конкретно за „Скандал на пролет“, последната книга од серијалот и сите велат дека оваа книга е одлично заокружување на авантурите на пријателките.
Во еден од освртите на „Амазон“, од корисничката Ана, вели:
„Искрено ми е тешко да најдам книга (уште помалку серијал) кој толку ме навлекува и ме тера постојано да читам/мислам на нив сè додека не стигнам на крајот. Но, овој серијал го направи тоа. И морам да кажам дека ми е жал што морам да се збогувам со овие ликови. Се заљубив во нив (освен во еден хаха) и толку навлегов во нивните пријателства и врски што сакав засекогаш да останам во нивниот свет.“
Еден од освртите на „Гудридс“, вели:
„Лиса Клејпас има талент за создавање шармантни ликови и остроумен дијалог. Баш беше фин начинот на кој ги врати назад ликовите од претходните книги за да видиме како напредувале нивните животи. Севкупно лесна, забавна книга која нуди уживање.“
Книгата можете да ја најдете на Корица.мк, нова платформа за нарачување на книги каде што можете да ги најдете вашите следни четива, а во соработка со нив, оваа недела јас ја читам и препорачувам оваа книга и наскоро ќе ги споделам и моите впечатоци. Но, имајќи ги предвид претходните делови, сигурна сум дека ќе ми се допадне, особено во овие тешки, летни денови кога ми се потребни баш вакви четива за да избегам од секојдневието.
