„Т’га за југ“ од Константин Миладинов несомнено е еден од нашите најголеми бисери во книжевноста, поезијата и општо уметноста. Значењето е историско, културолошко и уметничко, а доказ е моќта кои овие стихови ги носат со себе, стихови кои нема човек во Македонија кој не ги знае, макар и неколку стихови. Како што знаете, со поетското читање на „Т’га за југ“ секоја година се отвораат традиционалните Струшки вечери на поезијата.
По повод 60 години од Струшките вечери на поезијата, организаторите одлучија да ја почастат македонската јавност со можноста да го прелистаме заедничкото издание на Струшките вечери на поезијата и НИП „Нова Македонија“ – „Poliglotta“, издадено во 1994 година.
(извор: веб-страницата на Струшките вечери на поезијата)
Еден од нашите најистакнати поети Гане Тодоровски, приредувачот на ова издание, за него напишал:
„…Во таа чест, му ја претставуваме на читателот оваа мала книшка со песната Т’га за југ препреана на повеќе јазици како полногласен показ за проникнувањето на литературите ширум светот, како потврда дека големата мисија на литературата е да ги зближи народите од сите континенти и да ја афирмира големата идеја за создавање на иден свет без граници…“
и
„..Во оваа едиција претставуваме 74 адаптации на 43 јазици (преводи, препеви, парафрази,имитации, транскрипции и сплантации) на Т’га за југ од пријателите на македонската поезија, од учесниците на СВП и од почитувачите на уметноста на зборот од сите меридијани на светот, надевајќи се дека ќе продолжи животот на песнава која претставува вистинска драгоценост во културната ризница на еден мал народ, кој веќе со милениуми грчевито се бори за да опстои“.
Како што се наведува на веб-страницата на Струшките вечери на поезијата, освен дигиталната верзија на изданието, покрај оригиналот на македонски јазик, може да се најдат и препевите на англиски, албански и француски јазик. А покрај кратката биографска белешка за Константин Миладинов (чиј автор е струшкиот историчар Петар Аврамоски) имате можност и да ги прочитате и толкувањата на „Т`га за југ“ (пократкото, од Гане Тодоровски и поопсежното толкување од уште еден великан на македонската поезија, Блаже Конески).
Ова е навистина прекрасен подарок за сите нас и голема благодарност до Струшките вечери на поезијата ни ја овозможуваат оваа радост.
На овој линк можете дигитално да го разлистате изданието „Poliglotta“
На овој линк можете да ги најдете препевите на англиски, албански и француски јазик.
На овој линк можете да ја прочитате белешката за Константин Миладинов.
На овој линк можете да ја прочитате белешката за Т’га за југ на Гане Тодоровски
На овој линк можете да ја прочитате анализата на Т’га за југ на Блаже Конески

