Предлог книга за викендот: „Скандал на пролет“ од Лиса Клејпас!

Минатата недела објавив дека во соработка со Корица.мк, новата онлајн платформа за продавање книги, ја читам „Скандал на пролет“ од Лиса Клејпас. Во текот на оваа недела ја прочитав и решив да ги споделам моите впечатоци со вас. Како што веќе спомнав, во претходната објава, се работи за книжевен серијал од неколку книги („Тајни на летната ноќ“, „Се случи една есен“, „Една страшна зима“ и „Скандал на пролет“) и една дополнителна книга поврзана со серијалот – „Еден незаборавен Божиќ“, сите во издание на издавачката куќа „Сакам книги“.)

Книгата ги следи згодите и незгодите на четири девојки во периодот околу 19 или ран 20 век (не е точно определено во книгите, но судејќи според фустаните и обичаите, веројатно е во тој период). Две од нив се сестри, Лилијан и Дејзи, кои се богати Американки и дошле во Лондон во потрага по сопруг благородник, односно нивните родители го бараат тоа од нив. Другите две другарки се Анабел и Иви, кои се Англичанки, но и тие ја имаат истата цел – да најдат сопруг. Секоја од свои сопствени причини. Секоја од другарките има своја приказна и добива своја книга во овој серијал и иако може да се читаат засебно, најубаво е да се читаат по редоследот по кој се напишани (види погоре).

Иако романсата е неизбежна во ваков тип на книги, сепак, она што се издвојува е силното другарство и заедништво на девојките, кои најпрво се здружуваат со цел да направат пакт да си најдат сопруг, но потоа сфаќаат дека нивното пријателство преминува и во нешто посилно од тоа – сестринство. Во првите три книги ги гледавме авантурите и заљубувањето на Анабел, Лилијан и Иви, а „Скандал на пролет“ ни ја претставува приказната на Дејзи, најмладата од сите, која истовремено е и најголемата фантазерка, која претпочита да седи дома и да чита книги или да шета во градината. Таа сака да најде вистинска љубов и мечтае некој да ја забележи и да се заљуби.

Но, нејзиниот татко, кој е богат бизнисмен и ладнокрвен човек, не го интересираат тие фантазии и за жал, нема добро мислење за својата ќерка. Па затоа и вели дека ако сама не си најде сопруг во рокот кој ќе ѝ го зададе, ќе мора да се омажи со човекот кој тој ѝ го одбрал. Но, таа не го сака тоа и сака самата да се заљуби, а не да биде фрлена во брак без љубов. Назгора сето тоа, кога дознава кој е човекот кој нејзиниот татко го има на ум, инстантно ја фаќа паника, но и во неа се јавува отпор, затоа што таа органски не може да го поднесе човекот, затоа што смета дека постојано му се потпикува на нејзиниот татко. Но, кога тој ќе дојде во Англија по работа, почнува да гледа и една друга страна, која ја прави љубопитна… Но, како и во секоја романса, мора да се заплеткаат и замрсат работите со еден голем скандал…

Овој тип на книги се одлични за во летниот период, за одмор и за релаксирање. Освен тоа оваа книга е фино заокружување на серијалот и на тоа поглавје од другарството на овие четири пријателки кои се толку различни, а сепак одлично се надополнуваат.

Многу интересна книга и дефинитивно ви ја препорачувам!

Leave a comment