Најразочарувачките филмски екранизации на книги во последните години…

Претворањето на книга во филм не е лесна работа за режисерите, особено имајќи предвид колку сериозно ги сфаќаат тие работи самите љубители на книги кои се многу критички настроени кон екранизациите, особено на нивните омилени книги. Иако речиси секој љубител на книги ќе каже дека книгата секогаш е подобра од филмот, има екранизации кои влегуваат под кожа и стануваат омилени на публиката, но има некои кои и не се баш најуспешни во тоа. Интернет порталот „Ментал флос“ пренесува едно интересно истражување на луѓето од интернет продавницата OnBuy.com кои преку анализа на одредени бројки се потрудиле да откријат кои филмски екранизации особено не се поврзале со публиката. Ова истражување е фокусирано на модерни и неодамнешни бестселери, па така нема да ги најдете вашите омилени класици.

Методологијата на истражувањето била следна: Најпрво направиле листа со книги имаат своја филмска екранизација, а потоа истражувачите ја пресметале разликата помеѓу општата оценка на книгата на најголемата социјална мрежа за книги „Goodreads“ и општата оценка на филмската екранизација на книгата на најголемата веб-страница за филмови – IMDb (тука ги земале предвид и оценките на публиката и оценките на критичарите). Разликите биле претворени во процентни вредности и биле рангирани од најдобри кон најлоши.

(Извор: MARKETWATCH PHOTO ILLUSTRATION/ISTOCKPHOTO)

Со оглед на тоа дека филмовите не биле посебно оценувани од луѓе кои исто така ја прочитале и книгата, истражувањето не е одраз на тоа како љубителите на таа конкретна книга се чувствувале во врска со екранизацијата. Но, сепак покажува кои долго очекувани филмови биле разочарување, а според листата „50 нијанси на сиво“ е филмот кој се „закити“ со првото место. Постои разлика од цели 44% помеѓу оценките за светски популарната книга на Е. Л. Џејмс и филмската екранизација од 2015 година, во која главните улоги ги играа Дакота Џонсон и Џејми Дорнан.

На второ место се најде последниот филм од серијалот „Игрите на гладните: Мокингџеј“, кој излезе во 2015 година, кој бил оценет за 19% пониско од изворниот материјал, односно книгата. „Бронзениот медал“, односно третото место припаднало на филмот „Хари Потер и Реликвиите на смртта“ (вториот дел) од 2011 година, кој е изедначен и го дели третото место со „Девојката од возот“ од 2016 година.

Но, истражувањето не ги открило само разочарувањата. Филмската екранизација на „Ејми ја нема“ (Gone Girl) на Дејвид Финчер од 2014 година била оценета за само 1% пониско од книгата. Понатаму, шведската екранизација на „Девојката со тетоважа на змеј“ на Стиг Ларсон, која излезе во 2009 година, имала само 6% разлика од општата оцена за книгата.

Подолу видете ги најлошите десет филмски екранизации според истражувањето:

  1. „50 нијанси на сиво“ (2015) / – 44%
  2. „Игрите на гладните“ – Мокингџеј – втор дел (2015) / -19%
  3. „Хари Потер и Реликвиите на смртта: Втор дел (2011) – -17%
  4. „Девојката од возот“ (2016) – – 17%
  5. „Кодот на Да Винчи“ (2006) – -15%
  6. „Крадачката на книги“ (2013) – -13%
  7. „Јас пред тебе“ (2016) – -12%
  8. „Ловец на змејови“ (2007) – -12%
  9. „Убавите коски“ (2009) – 12%
  10. „The Help“ (2011) – -10%

Извор.

Leave a comment