Што читаше Кафе и книги во јули?

Летото и летните жештини се во полн ек, па така повеќето луѓе или се на одмор или се трудат вешто да ги избегнат жештините. Без оглед на тоа во која група припаѓате, сигурно книгите се одлично бегство од реалноста и жештините. Доколку се мислите што да читате деновиве, можеби оваа листа со предлози составена од книгите кои ги читав изминатиот месец ќе ви помогнат да се одлучите што да читате во периодот кој следува.

Човекот по име Уве“ – Фредрик Бакман

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт
: Отсекогаш сум ги сакала книгите со длабока човечност, кои навлегуваат во длабоките човечки емоции, но тоа го прават со одредена леснотија и ведрина. „Човекот по име Уве“ е книга која дефинитивно го прави тоа. Од една страна, во себе содржи меланхолија и ги истражува длабоките траги на тагата, загубата, ударите на животот, но истовремено вметнува хумор, оптимизам и создава едно топло чувство кај читателот.

Уве е „тазе“ пензионер, кој всушност принудно оди во пензија, затоа што компанијата каде што работи едноставно му вели дека треба да одмори. Уве е човек кој цел живот работел напорно и чесно и му се гади од начинот на кој тие се „ослободуваат“ од него. Ова, заедно со фактот дека неговата сакана жена претходно умира од рак, прави да се чувствува дека нема за што да живее. Тој во очите на другите е кенкав, намќорест човек, кој постојано се буни и се бори за строго почитување на правилата во маалото и делува дека е груб и нечувствителен.

Кога во соседството ќе се вселат нови соседи, кои му го уништуваат поштенското сандаче, тој е навистина иритиран, а дополнително се чини дека соседите се постојано околу него и му се наметнуваат, а тоа многу му оди на нерви. Така почнуваат разните згоди и незгоди, кои почнуваат да го прикажуваат Уве во поинаква светлина и ни даваат приказ за неговиот живот и судбината која го направила да биде таков каков што е. Прекрасна книга. Ви ја препорачувам со цело срце. Една од речениците кои највеќе ми остави впечаток: Секогаш веруваме дека ќе има време за разни нешта со други луѓе. Да им кажеме разни работи. А тогаш нешто ќе се случи и одеднаш остануваме замислени околу зборовите како што е „ако“.

Генералот во својот лавиринт“ – Габриел Гарсија Маркес

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт:
Габриел Гарсија Маркес е еден од моите омилени писатели, а „Сто години самотија“ е едно неверојатно ремек-дело кое е вистински бисер во книжевноста. „Генералот во својот лавиринт“ е книга со која Маркес уште еднаш ја потврдува својата величина како писател, едноставно е неверојатен, а она што ја прави оваа книга уште повпечатлива е што главниот лик е вистинска историска личност – генералот Симон Боливар.

Маркес во овој роман се обидува да го реконструира последното патување и последните мигови од животот на Боливар, чиј живот бил навистина исполнет со неверојатни предизивици и политички и воени премрежја, како што гледаме преку неговите навраќања во минатото.

Иако, се разбира, поголемиот дел од дијалозите и размислувањата се дело на Маркес, бидејќи нема многу записи за последните мигови на Боливар, сепак ова е книга која ќе ве вовлече во светот кој Маркес сака да ви го претстави и многу визуелно и впечатливо ќе ги почувствувате сите чувства на Боливар, неговите размислувања, превирањата и рефлектирањата што ги прави во залезот на својот живот.

Описите на Маркес се едноставно магични, такви прекрасни детали и описи, кои ќе ве остават без здив. Иако, дејството се одвива бавно, а книгата не се чита во еден здив, односно треба навистина да се внесете во приказната, сепак оваа книга е вистински пример за прекрасна уметност. Една од највпечатливите реченици од книгата според мене: „Во преамбулите на љубовта, секоја грешка е непоправлива.“

Убиството на Командантот“ – Харуки Мураками

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт:
Ова е дефинитивно една од највпечатливите книги кои ги прочитав месецов, особено поради чувството што ми го даваше додека ја читав. Иако се работи за сосема обемна книга (околу 700 страници, но нека не ве плаши тоа!), сепак се чита со една мирна леснотија, која дава спокој. И она што ми остави впечаток е што додека ја читате, имате чувство дека не се случува ништо посебно, меѓутоа Мураками толку трпеливо ве внесува во приказната и ве запознава со ликовите, што додека да трепнете вие веќе сте речиси при крајот и сфаќате колку многу работи се случиле.

Приказната бавно се „крчка“, но тоа дава доволно време читателот да се загрее за сите случувања. Книгата започнува кога главниот лик, сликар на портрети, добива шок кога неговата сопруга му соопштува дека сака да се разделат. Откако си заминува од дома, тој некое време патува, и на крајот се сместува во една далечна и изолирана колиба на познат јапонски сликар. Тој живее сосема едноставен и нормален (по малку и здодевен) живот, сè додека во неговиот живот не влезат две личности и една мистериозна слика, насловена како „Убиството на Командантот“.

Секако Мураками не би бил Мураками доколку не вметне и малку натприродни елементи (кои мене лично не ми се по вкус), но уживав во начинот на кој целата приказна е изградена. Оваа книга вреди да се прочита можеби и највеќе за преубавото читачко искуство кое го дава, а и додека ја читав цело време чувствував некој лесен спокој. Една впечатлива реченица од книгата: „Лицето е како отворена дланка. Освен што е нешто со кое човек се раѓа, тоа со текот на времето постепено се обликува преку искуствата што човек ги доживува и ниедно лице не е идентично со нечие друго.“

Дракула“ – Брам Стокер

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 4/5
Осврт:
Мислам дека не се потребни многу долги и опширни описи за „Дракула“. Оваа приказна е толку многу присутна во популарната култура, филмови, книги, серии и приказни, што се чини како да е насекаде околу нас. А сè започнува токму со оваа приказна и токму со оваа книга.

Како што сигурно знаете, приказните за вампири не започнуваат од Брам Стокер, тие постојат со векови и во многу различни култури, во различен контекст, но може да се каже дека Стокер е еден од „виновниците“ за нивното популаризирање.

Книгата е одлично развиена и за времето во кое е напишана е прилично прогресивна, но и директна во своите описи, кои се детално опишани, па дефинитивно сите сцени се одвиваат живо во вашата глава, како да присуствувате на нив.

Возбудлива е потерата по грофот Дракула, и обидите да се спречи ова суштество кое има за цел да врши невиден терор. Она што особено ми остави впечаток е начинот на којшто се раскажува приказната, преку дневници, записи, писма, извадоци од весници. Дневниците и записите се од различни луѓе, па на читателот останува да ги поврзе настаните, луѓето и ликовите. И ова е многу умешно и интересно направено. Топла препорака!

Тајни на летната ноќ“ – Лиса Клејпас

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт
: „Тајни на летната ноќ“ е одлична книга за на плажа додека сте на одмор или ако сакате да побегнете од реалноста за миг и да заборавите на овие горештини со кои се соочуваме. Се работи за првата книга од серијалот за четирите пријателки Анабел, Иви, Лилијан и Дејзи, кои во 19 век во Лондон имаат проблем да најдат сопруг, па прават пакт да си помогнат во процесот. Првата книга ја раскажува приказната и потрагата на Анабел Пејтон, која е прекрасна млада дама, но за жал има финансиски проблеми и се надева дека ќе си најде сопруг што е можно побргу.

Таа го привлекува вниманието на многу џентлмени, особено на Сајмон Хант, но таа вешто го избегнува, затоа што знае дека тој е заводник кој нема намера да се ожени со неа, туку да ја направи негова љубовница, а тоа дефинитивно нема намера да го направи.

Приказната има и хумор и ведрина и леснотија и ќе ја прочитате додека да трепнете. Освежително четиво во овие пеколни денови! Целиот серијал е забавен, па затоа ако не знаете што да читате периодов, еве интересен предлог за вас.

Јас веќе пишував за „Скандал на пролет“.

Leave a comment