Разни ракописи, цртежи и лични писма на Кафка сега се достапни и на интернет…

Читатели и обожаватели на творештвото на Франц Кафка сигурно ќе се израдуваат на веста дека збирка од негови документи сега се и јавно достапни на интернет, по период на интензивна реставрација и дигитализација.

Како што пишува и известува Би-Би-Си, збирката вклучува три работни верзии на приказната „Свадбени подготовки во село“ на Кафка, тетратка во која учел и вежбал хебрејски јазик и стотици лични писма, цртежи и дневници од неговите патувања. Кафка го открил неговиот талент за цртање додека бил прва година на факултет. Неговите цртежи примарно се гротескни карикатури од луѓето кои ги среќавал или цртежи од себеси.

MAX BROD ESTATE / NATIONAL LIBRARY OF ISRAEL

Збирката отсекогаш била наменета да биде да биде предадена на Националната библиотека на Израел, барем таква била замислата на Макс Брод, пријател кому Кафка му оставил аманет да ги запали неговите дела по неговата смрт. Но, Брод одбил да го направи тоа и направил сè што е во негова моќ за да ги објави, а тоа се покажало како исправен потег, бидејќи Кафка денес се смета за еден од најдобрите писатели на 20 век. По смртта на Брод во 1968 година, збирката на Кафка исчезнала и Националната библиотека била вклучена во 11-годишна битка за да ја собере збирката. Иследниците трагале по документите во Германија, Швајцарија и во банкарски сефови во Израел. Последниот сет документи од збирката пристигнале во Израел во 2019 година.

Без упорноста на неговиот близок пријател Макс Брод, делата на Кафка речиси со сигурност ќе паднеле во заборав. Кафка починал во 1924 година, на 41 година, по седумгодишна битка со туберколоза. 15 години подоцна, Брод, кој исто така бил чешки Евреин и писател, бил принуден да бега од Чехословачка која во тоа време била окупирана од нацистите и успеал да побегне во Тел Авив.

Макс Брод, пријателот на Кафка (BBC/GETTY IMAGES)

Сите листови и документи на Кафка ги носел во една актовка и подоцна објавил голем дел од нив, а со тоа помогнал постхумно да се зацементира местото на неговиот пријател во историјата. По смртта на Брод, тој ја оставил збирката на неговата секретарка Естер Хофе и ја замолил тие да завршат во Националната библиотека. Но, таа ги задржала документите за себе, сè до нејзината смрт во 2007 година, чувајќи дел од нив во својот стан во Тел Авив, а дел од нив ги ставила во сефови во Израел и Швајцарија. Во 1988 година, таа го продала ракописот за „Процес“ за два милиони долари.

MAX BROD ESTATE / NATIONAL LIBRARY OF ISRAEL

Кога таа починала, луѓето од Националната билбиотека ги замолиле нејзините ќерки да ја испочитуваат желбата на Брод и да им ги предадат преостанатитите ракописи. Но, тие ја одбиле нивната молба и така започнала правна битка која траела подолго време. На крајот, Врховниот суд во Израел пресудил во корист на библиотеката и наредила документите да им бидат предадени на нив. Иследниците добиле дозвола да влезат во станот на Хофе во Тел Авив, каде откриле дека таму се населиле мачки кои наводно направиле одредена штета на документите.

MAX BROD ESTATE / NATIONAL LIBRARY OF ISRAEL

Орен Вајнберг, директорот на Националната библиотека во Израел, изјавил: „Документите на Франц Кафка сега ќе им се придружат на милион други парчиња кои во изминатите години ги прикачивме на интернет како дел од нашите напори да ги зачуваме и на идните генерации да им ги пренесеме културолошките богатства. Откако многу години овие документи не беа достапни на јавноста, ние се гордееме што сега нудиме отворен пристап за академици или милиони читатели на Кафка во Израел и ширум светот.“

Во продолжение погледнете уште неколку фотографии од збирката, а тука можете да ги погледнете сите.

MAX BROD ESTATE / NATIONAL LIBRARY OF ISRAEL

MAX BROD ESTATE / NATIONAL LIBRARY OF ISRAEL

MAX BROD ESTATE / NATIONAL LIBRARY OF ISRAEL

MAX BROD ESTATE / NATIONAL LIBRARY OF ISRAEL

MAX BROD ESTATE / NATIONAL LIBRARY OF ISRAEL

Извор.

Leave a comment