Живко Чинго: „Ако ти се затопли срцето, сè ќе ти биде топло“!

На денешен ден во 1987 година починал Живко Чинго, еден од најпознатите и најистакнатите македонски писатели. Живко Чинго се родил на 13 август 1935 година, во Велгошти, Охрид. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на неговата кариера работел како новинар во Млад Борец, Телевизија Скопје, а бил и драмски директор во МНТ. На крајот на својот живот бил и советник во Републичкиот комитет за култура.

Негови најпознати дела се романите „Сребрени снегови“ и „Големата вода“, кој беше и екранизиран на големото платно во 2004 година, а познат е и по збирките раскази „Паксвелија“, „Нова Пасквелија“ и „Заљубениот дух“, помеѓу останатите негови одлични дела.

Во чест на годишнината од неговата смрт, издвоив неколку извадоци од неговите раскази кои се наоѓаат во збирката „Приказни од Пасквел“, издадена во 1988 година, и една мисла од „Големата вода“.

„Со оној ист тивок, длабок глас им рече: тешко вам што сте дигнале сила против простата и гладна народија, тешко вам што си ги миете вашите нечисти тела од крвта народна. Да знаете, синковци, од таа крв сè ќе се исуши на земјава, таа слаба крв ќе ве изгори сите вас што убивате. Убивајте, кој нас не нè убивал, та што луѓе сме ние Македонциве, ништо луѓе, глувци, стока, смет, газете, толчете, синковци мои, смачкајте сè ќе ви треба за слава и чест. Удрете колку можете посилно за да стигнете погоре. О, тешко вас што од макава и несреќава народна за себе слава и богатство си правите. Тешко на секој, родени мои, тешко на секој што не ја познава душата и срцето на народот. Таквите по слепи патишта ќе тргнат, никогаш не ќе прогледаат, таквите не ќе поживеат долго, ќе цркнат, ќе ги фати оваа слаба крв народна. Зар противници се тие, уште рече стариот, зар противници се тие што се гладни.“ („Спроти Макавеите“)

„Дувај во срцето, рече Целе, срцето е најважно. Ако ти се затопли срцето, сè ќе ти биде топло.“ („Нешто за сонцето и стапиците за волци“)

„Јас бев вљубен. Ете, и во тоа време се случуваше човек да се вљуби. Да, просто човек се вљубуваше, сеедно какво беше времето. А јас врашки глупаво се вљубив, пропаднав целиот, другари мои добри.“ („Орден“)

„Еден ваков ден, – мислеше тој, – чини колку еден беден живот.“ („Најубавиот ден за Зурло“)

„Еден ваков ден никогаш не зајдува…“ („Најубавиот ден за Зурло“)

„ – Ти плачеш – рече Ангеле Јорданоски.
– Не, – рече Зурло, – не плачам.
– Ти плачеш, – повтори човекот.
– Тоа од дождот, – рече Зурло и полека, полека се упати кон својата куќа.

А дождовите непрестајно врнеа, врнеа…“ („Најубавиот ден за Зурло“)

„Времето никогаш не може да биде лошо.“ („Понекогаш кога ќе задуваше јужниот ветар“)

„Тоа беше август, најубавиот месец во годината, август кога во Пасквелија зреат смоквите.“ („Смртта на градинарот“)

„Оваа земја ќе ја снема од светот. Не ќе остане ниту камен, ниту дрво. Пустелија ќе биде оваа земја. Нејзината судбина е определена еднаш засекогаш по божјото претсказание и ништо не може да го спаси овој ѓаволски народ.“ („Пожар“)

„Куче да го држиш врзано со денови ќе поулави, а не човек…“ („Пожар“)

„- Чинчим, секогаш така ни велеа, – рече Димо Плосков, – чинчим, и во српското и во бугарското истото го говореа…
– Ами секој си игра со нас како сака, – вели Алексо и си ги брише солзите од очите. Стакленца. Мраз.
– Ти си барем наше дете, Веселниче – вели Димко Плосков, – па кажи ни ја вистината… Кажи каде глава да кршиме.
– Секогаш бевме измамени – рече Алексо Ристески, – цуцак бевме слободни. Во човек како нас не останува верба… Не остана никаква верба, Веселниче сине!
– Слободни сте, – се провикна Веселникот со сиот глас, со сè што имаше во него, со сè живо што тупкаше, што течеше во неговите жили, – слободни сте, така вели револуцијата. Слободно ќе живеете. А штом вели револуцијата, треба да верувате. Таа никогаш не излажува. Да живее револуцијата.“ („Пожар“)

„Роди се и ајде на буниште, во животот и раѓај-раѓај, душата низ нос да ти излезе. Издржи, издржи, тоа е живот, ти вели некој, и ете, издржуваш, издржуваш, издржуваше и божем живееш, а не знаеш што живот живееш.“ („Татко“)

„…сè може да се случи кога луѓето се млади.“ („Ќерка“)

„Јас кога сакам некој човек, сè правам за него и ништо не зажалувам никогаш.“ („Празничен ден“)

„Добриот сон пак се јавуваше, желбата за слобода и Сентерлевиот рид ништо не можеше да ја уништи во нашите малечки срца. Во нив имаше многу љубов, пријателе. Проклет да бидам, љубов.
Насекаде околу беше Големата вода, се колнам, тоа беше единственото нешто што ни остана од животот во домот. Што можевме поголемо, поубаво нешто да имаме?“  “ („Големата вода“)

*сите цитати, освен последниот, се преземени од книгата „Приказни од Пасквел“, Живко Чинго, издавач „Мисла“, 1988 година, Скопје

Leave a comment