Македонска поезија: „Те боли црната светлина што те очекува“ од Игор Исаковски!

Продолжуваме со споделување прекрасни и моќни стихови од нашите извонредни поети и книжевници. Денес изборот падна на „Те боли црната светлина што те очекува“.

Те боли црната светлина што те очекува – Игор Исаковски

демон си, разбуден
од предолга кома.
демон си, трогнат
од погледот на сопствените
екстремитети: што со нив, сега?

те боли сознанието
за времето, те боли
сфаќањето на вечноста.
врз дланката ти се спушта
совршено кршлива снегулка.
ја голташ.

боли
кога ќе дознаеш
дека си причина
за нечија болест.
тука не можеш
ништо да поправиш,
нема што да проголташ
освен сопствениот мир.

боли што знаеш –
сè е конечно,
сè е минливо,
сè во самото себе
се проголтува,
опиено од мечтаеното
вечно постоење.

демон си, полн оган
и тишина, полн ѕверски
ерупции, лава за некои
идни векови плодна.
демон си, беден
во осаменоста, надмен
во самотијата, грст
мириси си разлеани насекаде
– дребни трошки ништожност.

боли тоа, боли до последното
што останало од тебе, те боли
до последната мисла: онаа
на која ќе јавнеш за да заминеш
во вечен неспокој и црна светлина.

Leave a comment