Емили Дикинсон се родила на 10 декември 1830 година и целиот свој живот го поминала во Амхерст, Масачусетс, САД. Таа напишала стотици поеми и писма во текот на својот живот, кои зборувале за смртта, верата, чувствата и вистината. Како што стареела, така станувала сè позатворена и ексцентрична, а делови од нејзиниот живот се мистерија и до ден денес. Во продолжение прочитајте неколку интересни факти за нејзиниот живот, пренесени од „Ментал флос“, а сосема на крајот можете да погледнете и едно интересно видео со писателот Џон Грин, кој подетално зборува за нејзината поезија.

Таа не била обожавателка на традиционална интерпункција
Нејзиниот пристап кон поезијата бил неконвенционален. Како што откриваат нејзините оригинални ракописи, таа го прошарала своето пишување со многу цртички со различна должина и позиционирање (хоризонтално и вертикално). Првичните уредници на нејзината поезија ги исчистиле нејзините неконвенционални ознаки, објавувајќи ги нејзините песни без оригиналните ознаки. Истражувачите сè уште дебатираат како необичната интерпункција на Дикинсон влијаела на ритамот и подлабокото значење на нејзините песни. Ако сте заинтересирани да видите слики од нејзините оригинални ракописи, цртички и слични работи, упатете се кон архивата на Емили Дикинсон.
Таа била бунтовничка
Покрај интерпункциските знаци, Дикинсон се бунтувала и во врска со прашањата за религијата и општествените норми. Иако редовно одела во црква до своите 30 -ти години, таа се нарекувала себеси паганка и пишувала за заслугите на науката во однос на религијата. Дикинсон не се омажила, ниту имала деца, и таа во голема мера избегнувала дружење во живо, претпочитајќи преку писма да комуницира со повеќето нејзини пријатели.
Таа никогаш не објавила ништо под свое име
Томас Вентворт Хигинсон, пријател и ментор на Дикинсон, ја пофалил нејзината писателска способност и иновативност, но ја советувал да не ги објавува нејзините песни, веројатно затоа што мислел дека пошироката јавност нема да може да ја препознае (или разбере) нејзината генијалност. Помеѓу 1850 и 1878 година, 10 песни и едно писмо на Дикинсон биле објавени во весници и списанија, но таа не дала дозвола ниту едно од овие дела да биде објавено, и тие не биле објавени под нејзиното име. Иако Дикинсон можеби се обидела да објави дел од нејзиното творештво – на пример, во 1883 година, таа испратила четири песни до Томас Нajлс, кој го уредувал романот „Малите жени“ на Луиза Меј Алкот, но сепак таа најчесто ги ангажирала нејзините најблиски пријатели да ги читаат нејзините песни и од тие песни таа создала десетици брошури и збирки, но тие останале во нејзиниот дом. Првиот том од поезијата на Дикинсон бил објавен во 1890 година, четири години по нејзината смрт.
Таа имала проблеми со видот во нејзините 30-ти години
Во 1863 година, Дикинсон почнала да има проблеми со очите. Ѝ пречела силна светлина, а очите ја болеле кога се обидувала да чита и пишува. Следната година, таа го посетила д -р Хенри Вилард Вилијамс, почитуван офталмолог во Бостон. Иако не знаеме каква била неговата дијагноза, историчарите шпекулираат дека таа имала иритис, воспаление на окото. За време на нејзиниот третман, поетесата морала да избегнува читање, да пишува само со молив и да се изложува само на слаба светлина. До 1865 година, симптомите исчезнале и состојбата се подобрила.

Таа цел живот живеела во близина на своето семејство
Иако Дикинсон го поминала поголемиот дел од својот возрасен живот изолирана од светот, таа одржувала блиски односи со нејзиниот брат и сестра. Нејзиниот брат, Остин, со сопругата и трите деца, живееле веднаш до неа, во имотот наречен „Евергринс“. Дикинсон била блиска пријателка со сопругата на Остин, Сузан, и редовно разменувала писма со нејзината снаа. И сестрата на Дикинсон, Лавинија, која исто така не се омажила, живеела со неа во семејниот дом на Дикинсон.
Идентитот на мажот кој го сакала останува мистерија
Дикинсон никогаш не се омажила, но нејзиниот љубовен живот не бил целосно без настани и случувања. Во трите „Писма кон господарот“, напишани помеѓу 1858 и 1862 година, Дикинсон му се обраќа на „Господарот“, мистериозен човек во кого била страсно вљубена. Научниците сугерираат дека можеби се работело за ментор на Дикинсон, уредник на весник, свештеник, студент во Амхерст, Бог, па дури и измислена муза. Речиси две децении подоцна, Дикинсон започнала врска со судијата Отис Лорд, вдовец, кој бил пријател на нејзиниот татко. Лорд ја запросил поетесата во 1883 година, не добил одговор и починал во 1884 година.
Можно е да страдала од потешка форма на анксиозност
Историчарите не се сигурни зошто Дикинсон во голема мера се повлекла од светот како млада возрасна личност. Теориите за нејзината повлечена природа ги вклучуваат и теориите дека имала екстремна анксиозност, епилепсија или едноставно сакала да се фокусира на нејзината поезија. Мајката на Дикинсон имала епизода на тешка депресија во 1855 година, а Дикинсон во едно писмо од 1862 година напишала дека самата доживеала „терор“ за кој не може да каже на никого. Навистина мистериозно.
Приказната дека носела само облека во бела боја е мит
Поради нејзината повлечена природа, се рашириле легенди и митови за нејзината личност и ексцентричност. Пред нејзината смрт, Дикинсон често носела бел фустан и му кажала на своето семејство дека сака бел ковчег и посакала да биде облечена во бела наметка. Но, широко распространетата гласина дека таа носела само облека во бела боја е лажна. Во едно писмо, таа укажува дека поседува кафеав фустан, а нејзини фотографии покажуваат дека носи темна облека. Веќе неколку децении, историското друштво Амхерст и музејот Емили Дикинсон го прикажуваат добро познатиот бел фустан на поетесата (како и реплика од истиот).

(надгробниот споменик на Емили Дикинсон)
Љубовницата на нејзиниот брат ја уредила и објавила нејзината поезија
Во 1883 година, братот на Дикинсон започнал афера со писателка по име Мејбел Лумис Тод. Тод и Емили Дикинсон разменувале писма, но никогаш не се сретнале лично. По смртта на Дикинсон, нејзината сестра побарала од Тод да помогне да се организираат песните на Дикинсон со цел да бидат објавени. Така, Тод се здружила со Хигинсон за уредување и објавување на творештвото на Дикинсон, создавајќи непријатна семејна динамика помеѓу братот, сестрата и снаата на Дикинсон. По објавувањето на првиот том во 1890 година, следната година Тод и Хигинсон објавиле и втора збирка поезија на Дикинсон. Тод дури пишувала статии и држела предавања за песните, а потоа ги уредувала и писмата на Дикинсон, како и третиот том со нејзините песни.
Таа многу го сакала градинарството
Во текот на нејзиниот живот, Дикинсон била многу заинтересирана за градинарството. На имотот на нејзиното семејство, таа одгледувала стотици цвеќиња, садела зеленчук и се грижела за јаболката, црешите и крушите. Таа, исто така, ја надгледувала семејната стаклена градина, која содржела јасмин, гарденија, каранфили и папрати, и честопати спомнува растенија во нејзината поезија. Денес, музејот Емили Дикинсон, сместен на поранешниот имот на Дикинсон, е посветен на реставрација на градината и стаклената градина на Дикинсон. Археолози ги обновија и засадија дрвјата од јаболка и круши на имотот и се надеваат дека ќе најдат семиња од 1800 -тите, за да ги користат за идно садење.
Нејзината внука ја додала фразата „Повикана назад“ на нејзиниот надгробен споменик
На 15 мај 1886 година, Дикинсон починала во нејзиниот дом во Амхерст од бубрежна болест или, како што од неодамна сугерираат истражувачите, екстремно висок крвен притисок. Нејзиниот прв надгробен споменик на Западните гробишта во Амхерст ги прикажувал само нејзините иницијали, Е.Е.Д. (за Емили Елизабет Дикинсон). Но, нејзината внука, Марта Дикинсон Бјанки, подоцна ѝ подарила нов надгробен споменик на својата почината тетка, на кој било изгравирано нејзиното име, потоа пишува „Родена на“ и датумот на раѓање и „Повикана назад“ и датумот на нејзината смрт. Зборовите „Повикана назад“ всушност се форма на повикување на истоимениот роман од Хју Конвеј од 1880 година, роман кој Дикинсон уживала да го чита. Во последното писмо што Дикинсон им го напишала (на своите братучеди) пред да почине, таа напишала само „Повикана назад“.
***
Поезијата на Емили Дикинсон е предмет на многу анализи, толкувања и читања. Едно од поинтересните видеа на оваа тема е на популарниот писател Џон Грин за неговиот ЈуТуб канал Crash Course Literature. Во видеото тој зборува за игрите со зборови, за структурата и за различните теми и парадокси во нејзините песни.
Во продолжение, погледнете го ова мошне интересно и едукативно видео, кое трае само 10 минути, па нема да ви одземе многу време:
