Книга на неделата: „Брит-Мари беше тука“ од Фредрик Бакман – прегратка во форма на книга

Во соработка со е-книжарницата Корица.мк, периодов ја читав „Брит-Мари беше тука“ од писателот Фредрик Бакман, кој последниве години е навистина многу популарен, а најголемата популарност ја стекна со неговата светски популарна книга „Човекот по име Уве“.

„Брит-Мари беше тука“ е една прекрасна, топла и неверојатна книга, и е само уште еден доказ за неверојатниот талент на Бакман кој повторно покажува зошто е помеѓу најпопуларните писатели во последниве години. Приказната ја следи Брит-Мари, постара жена која откако ќе дознае дека мажот ја изневерува, си заминува од дома и решава да почне да работи. Но, Брит-Мари нема никакво образование, ниту работно искуство, бидејќи повеќе од 30 години била посветена на домот кој го градела со својот сопруг и грижејќи се за неговите деца од претходниот брак. Освен тоа, таа постојано е загрижена за тоа што ќе кажат другите, опседната е постојано работите да бидат чисти и има еден куп правила и прописи по кои се раководи. За повеќето луѓе таа е чудна. Но, по игра на случајноста, судбината ја носи во малиот град Борг, заборавен од Бога, од каде сите гледаат да си заминат, бидејќи нема никаква иднина таму, а финансиската криза очигледно е дека тешко се одразува на жителите на овој град. Таму Брит-Мари треба да работи три недели и уште од самиот почеток таа ги запознава децата во градот кои се заљубени во фудбалот и за кои фудбалот е сè. Тие три недели на Брит-Мари целосно ќе ѝ го променат животот, за првпат сфаќа дека има пријатели и дека некој се смее заедно со неа, без да ја исмева.

Оваа книга е исполнета со прекрасни дијалози и целата приказна се развива полека, за читателот убаво да се запознае со сите ликови, но и со ликот на Брит-Мари, како полека да нè учи дека треба да бидеме трпеливи со неа и да се навикнеме на нејзините навики. Освен тоа, ние како читатели го следиме и мисловниот процес и нејзините внатрешни монолози, начинот на кој го анализира целиот својот живот и како го преживува неверството на нејзиниот сопруг.

„Брит-Мари беше тука“ е топла, човечна книга, со многу длабоки чувства, а истовремено има нешто толку многу надежно и позитивно, прегратка во форма на книга, не може да не ви биде жал кога книгата ќе заврши. Многу ми беше драго што имав можност да ја прочитам, затоа што дава едно прекрасно чувство на оптимизам, покажува колку е важно човек покрај себе да ги има вистинските луѓе со кои ќе може да се открие себеси и она што длабоко го носел со себе, луѓе кои ќе го сакаат токму поради она што е, она што другите го игнорирале. Апсолутно и со цело срце ви ја препорачувам оваа книга.

И за крај, оваа препорака ќе ја завршам со еден прекрасен извадок од книгата:

„Неколку моменти. Човечкото суштество, секое човечко суштество, секој ден има сè помалку шанси да живее во еден од тие моменти, да се ослободи од времето и да се препушти на моментот. И неразумно да љуби некого. Да се распрсне од страст. Неколку пати додека сме биле деца, можеби, на оние од нас на кои им е дозволено да бидат тоа.
Но потоа, колку воздишки ни се дозволени за да се надминеме себеси? Колку чисти емоции нè расположуваат, без чувство на срам? Колку шанси имаме да бидеме благословени од амнезија?
Сета страст е детинеста. Банална и наивна. Таа не се учи; таа е инстинктивна и затоа нè обзема. Нè превртува. Нè носи како поплава. Сите други чувства ѝ припаѓаат на земјата, но страста е населена во универзумот. Тоа е причината поради која страста вреди, не затоа што ни дава, туку затоа што нè тера да ризикуваме. Нашето достоинство. Сложеноста на другите и нивното покорно кимнување со главата.“

Leave a comment