Ново издание на ТРИ: „Карта на жалењето“ од Натали Сковронек!

Издавачкиот центар ТРИ продолжува со дополнување на нивната едиција „Читаме заедно“, проект поддржан од програмата „Креативна Европа“, чија идеја е да се споделува квалитетна книжевност со читателите, со фокус на европската книжевност. Најновото издание е книгата „Картата на жалењето“ од Натали Сковронек, во превод на Офелија Ковилоска, додека пак кориците се дизајнирани од Ана Ќортошева.

Приказната ги следи случувањата по смртта на Вероника Вербриген во животот на нејзините најблиски. По неа тагуваат двајца мажи, сопругот и нејзиниот љубовник, но и ќерка ѝ Мина која се соочува со прашањето кое било вистинското лице на мајка ѝ. Страница по страница, се откриваат тајните и се пополнува мозаикот на еден живот, но болката не стивнува. Само треба да се научи како да се живее со неа.

Како и другите книги од овој проект, и оваа нè учи дека каде и да си и со кого и да го делиш животот, тој е насекаде ист, со истите загатки и тежини, со истите болки и радости. Книга што ја покажува комплексноста на секое битие низ различни перспективи, која треба да се најде на сечија полица.

„Картата на жалењето“ е уште еден чекор до целта на проектот, но и најава за книгата која допрва ќе пристигне – предвесник на „Тажниот гостин“ од Матијас Наврат, уште едно дело закитено со Наградата за литература на Европската Унија.

Leave a comment