Не се потребни многу воведи за Фјодор Достоевски. Тој ги напишал неговите ремек-дела од гледната точка на ликовите за да ги истражи метафизичките аспекти на мизеријата, скршеното срце и неправдата. Авторот на „Злосторство и казна“ предвиде ера на глобално насилство и стана еден од најважните гласови во руската култура.
Романите на Достоевски, вклучувајќи ги и „Идиот“, „Демони“ и „Браќата Карамазови“, го зацементираа неговиот статус како џинот на руската книжевност од 19 век. Неговите безвременски дела влијаеле на творештвото на истакнати романописци и интелектуалци, од Вирџинија Вулф до Орхан Памук.
Токму онака како што тој влијаел на многу познати писатели и писателки, како писател, и самиот Достоевски имал свои сопствени книжевни миленици. Исто како и неговиот татко, Достоевски на своите деца на глас им ги читал руските и европските класици. Тиј ги запознал своите деца со Библијата преку книга која самиот ја прочитал кога бил дете: „124 приказни од Стариот и Новиот завет“.

(Извор на сликата: Hindustan Times)
Достоевски често ги спомнувал своите омилени автори во своите писма и белешки. Тој кажал дека му се воодушевувал на романот „Обломов“ на Иван Гончаров и силно препорачувал да се чита „Војна и мир“ на Лав Толстој. Достоевски бил посветен читател кој зборувал со голема почит за Александар Пушкин, Николај Гогољ и Лав Толстој. Рускиот романописец исто така бил фасциниран од творештвото на Чарлс Дикенс, Виктор Иго, Оноре де Балзак, Волтер Скот, Вилијам Шекспир, Лорд Бајрон и Дидро.
Сепак, овие пет книги кои ќе ги прочитате во продолжение, биле меѓу неговите омилени книги на сите времиња.
„Кралица на пиковите “ од Александар Пушкин
Александар Пушкин (1799 – 1837) бил омилениот поет на Достоевски уште од неговото детство и бил водечката светлина на руските стихови, и немал конкуренција за неговата стилистичка разновидност и длабочината на човечкото чувство. Достоевски напамет ги знаел голем дел од неговите песни. Тој особено ја сакал мистичната кратка приказна на Пушкин, насловена како „Кралица на пиковите“. Објавена во 1834 година, се работи за парабола за алчноста и фаталните последици од алчноста.
Главното дејство се врти околу Херман, млад руски воен инженер со германско потекло, кој дознава дека бабата на неговиот колега офицер (возрасната грофица Ана Федотовна Томскаја) ја чува тајната за тоа како да победи на игра со карти. Понесен од речиси манијакална желба да ја извлече тајната од неа, тој започнува љубовна врска со младата штитеничка на грофицата, Лизавета. Но, работите одат во неповрат кога Ана Федотовна одбива да ја сподели нејзината длабоко чувана тајна.
„Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес
Достоевски често се навраќал на „Дон Кихот“, кој се смета за првиот модерен роман. Тој ја обожавал епската книга и ја препрочитувал неколку пати во текот на животот. Таа служела како постојан извор на инспирација. Првпат објавена во раниот 17 век, овој шпански „магнум опус“ ги раскажува витешките авантури на двајцата партнери Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса. Се работи за безвременско размислување за смислата на животот и„Дон Кихот“ е едно од најголемите дела некогаш напишани. Мигел де Сервантес (1547 -1616) верувал дека „Ниту доброто, ниту лошото не можат да траат вечно, па така, штом злото траело долго време, доброто сигурно мора да се наближува.“ За разлика од Достоевски, тој бил оптимист.
„L’Uscoque“ – Жорж Санд
Достоевски претпочитал приказни со генијални пресврти и необични карактери. Во случајот на Жорж Санд (1804-1876), Достоевски бил „погоден од невиноста, највисоката чистота на видови и идеали, и скромниот шарм на строгиот и воздржан тон на приказната“.
Жоржд Санд (чие вистинско име било Амантин Лусил Аурор Дупин и која земала машки псевдоним едноставно затоа што во 19 век машките романсиери добивале повеќе почит и популарност за разлика од нивните колешки) била приврзаник на романтизмот и реализмот, и се восхитувала на драматичните песни на Џорџ Гордон Бајрон. Главната инспирација зад „L’Uscoque“ се трагичните приказни на Бајрон кои биле преточени во стихови, односно, „Корсарот“ и „Лара“.
Дејството на „L’Uscoque“ се случува на крајот на 17 век. Еден млад Венецијанец, Орио Соранцо, се жени со ќерката на адмиралот Моросини, Џована. Како награда добива големо богатство и воен чин. Неговата мисија е да се бори против морските пирати и да ги заштити венецијанските трговски бродови. Но, откако ќе го изгуби наследството на неговата сопруга, Орио застанува на страната на пиратите. Додека Џована е затворена во замокот, нејзиниот сопруг ужива во друштво на конкубината Наам. Во оваа книга, вечната борба помеѓу доброто и злото ќе заврши со жртви.
„Клетници“ – Виктор Иго
Првпат објавен во 1862 година, историскиот роман на Иго станал инстантен хит. Зборувал за хероизам и жртвување, измамништво и љубов, уништување и милост, со таква сирова емоција, што некои читатели прескокнувале оброци за да имаат повеќе време за да ја читаат книгата која има повеќе од 1000 страници. Во едно од своите писма, Достоевски напишал дека „спротивно на мислењето на сите наши експерти, „Клетници“ треба да биде на повисоко место од „Злосторство и казна“.
Дејството на романот се фокусира на поранешен затвореник, Жан Валжан, кој оди во затвор затоа што украл векна леб. Кога неговата затворска казна од 19 години конечно завршува, неговиот живот станува прогресивно полош. Неговите скитнички алишта и лице оштетено од времето се одбивни. Валжан добива однос како да е создаден од нечистотија и кал, а секоја врата му се затвора пред носот. Само една личност, епископот Мириел, му подава рака. Со многу интриги, тензија и пресвртници на речиси секоја страница, „Клетници“ е роман за големата човечка моќ и како дело претставува неверојатна книжевна величественост.
Достоевски почитувал и други дела од Иго. Тој ја фалел книгата „Последниот ден на осуденикот“ како револуционерен експеримент на „реализмот на работ на надреализмот“ и лично го превел краткиот роман на Иго на руски јазик. Она што е интересно е што Достоевски го споредувал францускиот писател со Хомер, авторот на „Илијада“ и „Одисеја“, велејќи дека тие се обединети преку „новороденото верување во Богот на поезијата.“
„Кандид“ – Волтер
Волтер (1694-1778) бил приближно на иста возраст со Ерата на разумот (или Просветителството) и на крајот стана еден од неговите клучни симболи. Неговите дела, напишани на лесен, остар и духовит начин, биле насочени против црквата и религиозниот фанатизам, апсолутната моќ на кралевите и деспотизмот. Луѓето кои се сложувале и ги следеле скептичните/саркастичните/либералните ставови на Волтер, на крајот станале познати како Волтеријанци.
Кандид е млад дечко, кој слепо верува дека што и да се случи е само „за најдоброто“. Кога е избркан од замокот каде што е роден и израснат, и е принуден да започне да патува низ целиот свет, Кандид почнува да гледа на работите од поинаква перспектива.
Преполн со иронија и парадокси, краткиот роман на Волтер е ремек-дело полно со невидена мудрост и длабочина. Во „Кандид“, плодниот француски автор (чие вистинско име било Франсоа-Мари Аруе) иронично зборува за општествените норми и правила, културата и религијата, стравовите и притисоците, доаѓајќи до заклучок дека, и покрај тоа што животот е прилично проклет и тежок, дефинитивно има светло на крајот од тунелот.
