Моќните пораки во книгите на Халед Хосеини…

Последниов месец постојано слушаме за новостите кои доаѓаат од Авганистан, држава која повторно се најде во центарот на вниманието на светската јавност, особено откако Талибанците повторно ја преземаа власта во Авганистан. Сосема разбирливо, еден од најпознатите современи писатели, Халед Хосеини, кој многу добро ѝ е познат на македонската јавност со своите неверојатни дела, го крена својот глас и веднаш проговори за неговите мислења во врска со ситуацијата во Авганистан. На социјалната мрежа Фејсбук тој објави еден подолг текст во кој, меѓу другото, вели: „Па, ако Талибанците не се промениле, и нема начин како да бидат запрени за да не ги наметнуваат нивните варварски и нечовечки закони на луѓе кои долго страдаа, што може да се направи? Што ќе се случи со жените и девојчињата кои живеат таму? Од каде ќе дојде помошта? Не го знам одговорот. Дефинитивно не го знам одговорот денес. Денес, се грижам. Денес, срцето ми е скршено. Денес, тагувам за изгубените надежи и соништа на моите сограѓани Авганистанци.“

Халед Хосеини со години, преку своите приказни и романи нè пренесува во Авганистан и токму преку неговите прекрасни зборови многу научивме за културата, за случувањата, за историјата на оваа земја. Во Македонија најпопуларен роман му е „Ловец на змејови“, но веднаш зад него се и „Илјада неверојатни сонца“ и „И планините одекнаа“, кај нас објавени во издание на Матица.

Се работи за три неверојатни и прекрасни книги кои ви ги препорачувам со цело срце. Сите ги прочитав во еден здив, а особено ги препорачувам „Ловец на змејови“ и „Илјада неверојатни сонца“. „Ловец на змејови“ е една од најубавите, но и најтрогателните книги кои сум ги прочитала, срцето ми се скрши на половина додека ја читав и долго потоа не можев да си „дојдам на себе“ и постојано мислев на книгата. И до ден денес, одредени сцени ми се длабоко врежани во умот и не верувам дека повторно ќе имам сила да ја прочитам, но дефинитивно мора да ја прочитате. А верувам дека не постои жена која нема некако лично да ја почувствува „Илјада неверојатни сонца“ од повеќе различни аспекти.

Деновиве, имајќи предвид колку се зборуваше за Авганистан, не можев, а да не се навратам на Хосеини и на неговата книжевност, на неговите пораки и приказни кои толку многу ме погодија и кои до ден денес ми се помеѓу омилените четива. Се сетив дека одамна читав еден многу интересен текст за пораките во неговото творештво, па се навратив на тој текст и решив да го споделам со вас, особено со оние кои не го читале и можеби токму тој текст ќе ги поттикне да прочитаат нешто до него. Се работи за текст на блогот „Books rock my world“ кој во продолжение можете да го прочитате на македонски јазик, а најдолу имате линк до оригиналниот текст на англиски јазик. Текстот ги издвојува главните теми кои се провејуваат во неговите дела и зошто се толку важни и моќни за читателот.

(Извор на сликата: AFP)

Халед Хосеини е еден од најдобрите современи автори. Неговите дела се вкоренети во модерната книжевност, а неговиот глас е револуционерен и се смета за еден вид на „гласник“ за авганистанската нација. Неговите приказни се препознатливи по нивниот сочувствителен тон, бидејќи тие поттикнуваат чувства кои допираат до јадрото на човечкото срце. Неговите приказни одат длабоко во човечката душа за да ја пронајдат тенката линија која го одделува доброто од лошото, љубовта и предавството, искупувањето и загубата, простувањето и одмаздата, моќта и слабоста, и уверувањето и рамнодушноста.

Нема сомнеж дека овие романи ќе го размрдаат вашето срце, ќе ги предизвикаат вашите морални убедувања и ќе ги променат вашите перцепции во однос на стереотипите за Авганистан.

Како што се внесувате во патувањата на овие неверојатни ликови, неизбежно е да се поврзете со нив, а откако ќе ја завршите и последната страница, тие многу ќе ви недостасуваат. Но, тие долго ќе живеат со вас и ќе ви зборуваат кога ќе ви бидат потребни.

Темите и прашањата кои ги истражува Хосеини во своите романи се моќни и извонредно релеватни за ова доба во кое живееме. Ќе забележите дека некои од темите се повторуваат и одекнуваат во сите три романи, „Ловец на змејови“, „Илјада неверојатни сонца“ и „И планините одекнаа“.

Преку истражување на овие теми, човек може да пронајде подлабоко и позначајно разбирање на книжевните ремек-дела кои Хосеини толку вешто ги создал.

Љубов и врски

Хосеини ги користи врските за да ја опише длабочината на љубовта за која ние луѓето сме способни, како и за жртвите, сочувството и грижата која произлегува од моќната љубов. Ранливоста која ја придружува љубовта е изложена заедно со ризиците кои ги преземаме за да ги заштитиме нашите сакани. Љубовта е повеќеслојно чувство и Хосеини ги истражува различните видови љубов (мајчинска/татковска, пријателска, романтична, итн.) со длабоко разбирање на човековата психологија. Во неговите романи, љубовта е силата која ги турка неговите ликови да се борат за слобода, да нудат простување и да се борат за подобар живот. Преку силни врски на љубов и пријателство, ликовите се мотивирани да продолжат понатаму, без оглед на спротиставените сили и предизвици. Потребата да сакаат и да бидат сакани им дава смисла и цел на животите на неговите ликови.

Војната и вредноста на животот

Со оглед на тоа дека дејствата се сместени во Авганистан, романите на Хосеини ни даваат увид во тоа каков е животот во земја распарчена од војна, каде времињата се турбулентни, животите се под закана и луѓето живеат во страв. Наспроти сето ова, сфаќаме колку е вреден човечкиот живот. Кога ќе го погледнеме животот од перспективата на ризик, започнуваме да ги ставаме работите под знак прашалник, работи кои обично ги земаме здраво за готово. Кога животот ни е под закана, ние ги ставаме здравјето, безбедноста, семејството и пријателите пред богатството и материјалната добивка. Како што се развиваат приказните, ги учиме овие неверојатни лекции за вредноста на животот и неопходноста да се имаат вистинските приоритети.

Загубата

Ликовите во книгите се соочуваат со различни загуби: загуба на имот, загуба на сакани луѓе, загуба на достоинство, загуба на невиност, итн. Додека некои ликови се обземени со нивните маки и избираат самоубиство како бегство од нивниот трагичен живот, некои ликови одбиваат да се предадат на безнадежноста. Наспроти тажењето, болката и неправдата, тие успеваат да ги променат нивните околности и да постигнат напредок во животот. Иако ликовите се вечно повредени и никогаш не зацелуваат целосно, отпорноста на човечкиот дух ги турка напред за да го повратат она што можат од скршените делчиња на нивните животи.

Родова опресија и патријахатот

Во вториот роман на Хосеини, „Илјада неверојатни сонца“, тој не се воздржува од тоа да ги открие суровите закони и неправдите кон жените во Авганистан. Хосеини им дава глас на жените чии гласови со декади биле поттиснувани и замолчувани. Тој ја крева свесноста за нивното страдање и се однесува кон нив со почит. Овие романи им оддаваат признание на нив како мајки, сестри, ќерки, сопруги и човечки суштества, на начин на кој го заслужуваат тоа.

Патријахалните брачни закони, насилните сопрузи и корумпираните полицајци и политичари исто така се ставени под лупа. Хосеини зборува за менталитетот на патријахалните општества каде жените се сметаат за предмети и имоти на нивните сопрузи. Преку овие романи, ние добиваме повеќе знаење за животите на жените кои биле доминирани и кои се сметале за потчинет пол.

Ефектите од маргинализирањето на човековите права на жените не се затскриени или игнорирани во неговите романи. Ние го гледаме целосното влијание на едно погрешно насочено патријахално правило во „Илјада неверојатни сонца“ и „И планините одекнаа“, гледаме жени кои се емоционално и умствено скршени, жени кои се искористени и злоупотребувани, жени кои се измамени и контролирани.

Неправдите

Темите околку неправдите се насекаде во неговите романи. Причините можеби се разликуваат, но ефектите остануваат исти. Гледаме како ликовите се соочуваат со неправди преку војни, насилни бракови, контролирачки родители, силеџиство, итн. Преку приказните, учиме како да се справуваме со чувствата кои неправдите ги предизвикуваат. Одбивањата, намалената самодоверба, збунетоста, болката и лутината се резултат од овие ситуации. Ликовите, секој на свој начин, нè учат како да се справиме со овие негативни чувства, кои се закануваат дека ќе ги проголтаат нивните животи. Инстинктивниот одбранбен механизам „борба или бегство“, кој е вграден во сите луѓе, се појавува во овие ликови и сведочиме како тие се справуваат со предрасудите и несреќите кои животот им ги нафрла.

Хосеини ја опфатил есенцијата на човечкото срце и врските кои ги поврзуваат душите во времиња на мир, времиња на војна и секој момент во животот помеѓу овие две состојби.

Иако овие теми не се никако целисходно истражување на неговото творештво, тие го опфаќаат значењето на приказните на овие несреќни, но прекрасни ликови, кои за нас се бесмртни благодарение на неверојатниот талент на Хосеини да раскажува нераскажани приказни.

Извор.

Leave a comment