„Ана Каренина“ од Лав Толстој е едно од најпознатите книжевни дела во историјата. Од сосема разбирливи причини, книжевниот свет продолжува да биде фасциниран од ова дело и од авторот, па постојано се анализираат и наоѓаат начини да се пронајде нешто ново во врска со книгата. Денешниот текст е посветен на првата работна верзија на „Ана Каренина“, онака како што Толстој ја замислил и потоа ја претворил во конечна верзија. Екипата на книжевниот портал Lit Hub во еден свој текст ги изложи плановите на Толстој за книгата, некои од нив биле променети, но голем дел од заплетот останал таков каков што Толстој првично го замислувал. Во продолжение прочитајте го текстот на македонски јазик, а подолу имате линк и до оригиналната статија.

(Извор на сликата: Raptis Rare Books)
Знаеме дека Толстој бил инспириран од творештвото на Пушкин кога на 18 март 1873 година го земал моливот во рака и почнал да пишува за високото општество од своето време, во кое сопругата со „низок морал“ почнала да го изневерува својот „чесен“ сопруг. Толстој повеќе жалел за сопругот чија сопруга го изневерувала пред носот, отколку за сопругата која на крајот се убила. Нејзиниот понижен сопруг морал стоички да го поднесува фактот дека неговата жена го изневерувала. Толстој се двоумел дали можеби би било подобро ако и кутриот сопруг се самоубие, но не го интересирало, ниту пак планирал како ќе се самоубие главната хероина.
Софија, сопругата на Толстој, во своите белешки запишала: „Лав синоќа неочекувано ми кажа: „Напишав страна и пол и засега ми се допаѓа“. Мислев дека тоа е уште еден обид да пишува за владеењето на Петар Велики, па не обрнував многу внимание на тоа.“
Веројатно многупати ги чула тие зборови како излегуваат од устата на Толстој, па не обрнала многу внимание на фактот што таа вечер напишал страна и пол: „Набргу заклучив дека навистина почнал да пишува роман и тоа за приватните животи на луѓето од современото општество.“
Но, како го заклучила тоа? Дали Толстој еден ден срамежливо ѝ пришол и ѝ дозволил да го прочита напишаното? Дали била збунета кога почнала да чита? Дали му рекла: „Но, Лав, ова воопшто не личи на животот во периодот на владеењето на Петар Велики?“
Единствено нешто што запишала во своите белешки било ова: „Баш ми е чудно како одеднаш седна да пишува. Читаше некои извадоци од книгите на Пушкин, и тоа го поттикна да пишува. Денес продолжи, и ми рече дека е многу задоволен со она што го напишал.“
Во период од четири години, колку што му биле потребни да ја напише „Ана Каренина“, само неколку пати бил задоволен од она што го напишал. Можеби на почетокот бил помотивиран, затоа што пишувал за нешто што не било поврзано со Петар Велики.
Софија во своите белешки запишала нешто што ни покажува дека писателите не се робови на својата работа: „Лав моментално е надвор со синовите, со нивниот тутор Фјодор Фјодорович и вујкото Костја. Бараат лисица која секој ден минува преку мостот, во близина на нашата куќа.“ Толстој не пишувал по цели денови, туку минувал време надвор. Можеби таа лисица често се мотала низ главата на Толстој, затоа што со текот на годините, кога не можел да пишува, одел во лов за да се опушти.

(Толстој и неговата сопруга Софија; извор: Archiv Gerstenberg/ullstein bild via Getty Images)
Софија не била возбудена поради книгата која ја пишувал, па во писмото кое ѝ го испратила на сестра ѝ Татјана, на 19 март, напишала: „Лав синоќа почна да пишува книга за современите животи на луѓето. Се работи за неверна жена и целата драма која произлегува од тоа.“ Од друга страна, после седум дена пишување, Толстој му напишал писмо на филозофот и книжевен критичар Николај Страхов, во кој сочувствува со неговите здравствени проблеми и во кое му признава дека пишува книга: „Сега ќе ти кажам што има ново кај мене, но те молам да биде тајна, затоа може ништо да не излезе од ова.“
„Речиси целата зима ја минав собирајќи факти за владеењето на Петар Велики, обидувајќи се да создадам јасна слика, кога, неочекувано, мојот најстар син Серјожа почна да чита роман од авторот Михаил Николаевич Загоскин. Помислив дека е премногу мал за да го чита тоа сам, па земав да читам со него. Потоа мојата сопруга ја донесе Пушкиновата „Белкиновите проповеди“, сметајќи дека тоа е посоодветно за неговата возраст, но и за тоа беше малечок. По работата, земав да ја прочитам оваа книга на Пушкин (мислам по седми пат) и не можев да сопрам додека не ја прочитам цела, затоа што имав впечаток како првпат да ја читам. А она што е најважно, после оваа книга, некои работи ми се појасни.“
Она што му било појасно е дека треба да се откаже од пишување на книгата за Петар Велики. Пушкиновата книга го натерала да сфати дека не го исполнува пишувањето на оваа тема.
Се чинело како Толстој да се разбудил во светот на Пушкин, трчајќи низ него во тркачки чизми од словенските бајки:
„Не ме мотивираше само Пушкин, туку и неговите дела „Истрелот“, „Египетски ноќи“ и „Ќерката на капетанот“! Реченицата „Гостите пристигнаа во викендицата“ ме инспирираше на таков начин што несвесно почнав да замислувам ликови и нивните приказни, кои подоцна совршено се испреплетоа. Така настана една возбудлива, емотивна и убаво напишана книга, чија прва верзија ја завршив денес. Многу сум задоволен, и ако даде Господ, оваа книга, која не е ни налик на она што го пишував цела година, ќе биде готова за две недели.“
Оваа претпоставка, дека ќе ја напише „Ана Каренина“ за две недели, е една од најлудите во историјата на книжевноста. И што точно мислел Толстој кога рекол дека ја напишал првата верзија на книгата? Некои од нас за прва верзија ја сметаат целата приказна, од почеток до крај, чиј материјал го менуваме по потреба, со додавање или менување на содржината. Меѓутоа, Толстој за прва верзија ги сметал неколкуте напишани сцени со дополнителни коментари.
Првобитниот план за приказната од четири дела и еден епилог изгледа вака:
Пролог: Го остава сопругот за да ја утеши снаата и го запознава Гагин (името кое првобитно му било дадено на Вронски)
Прв дел:
Поглавје 1 – Гостите се собрани на крајот на зимата, зборуваат за Каренинови и чекаат да дојдат. Таа пристигнува и непристојно се однесува со Гагин.
Поглавје 2: Се расправа со сопругот. Му приговара што не искажува чувства и вели дека е предоцна да направи нешто.
Поглавје 3: [во работничката задруга] Гагин со јавање заминува на состанок. Неговиот брат и мајка го советуваат да оди кај неа. [забава во нејзиниот дом, нејзиниот сопруг]
Поглавје 4 – Гагин на вечера кај Каренинови. Сопругот разговара со братот. Степан Аркадиевич ја смирува ситуацијата која ја предизвикуваат Германците и неговата сопруга.
Поглавје 5 – Трки – тој паѓа.
Поглавје 6 – Трча кон него, му кажува дека е трудна, му признава сè на сопругот.
Целата приказна ја опишал во само неколку сцени, не ја разработил детално. Оние што го прочитале романот можат да поврзат некои од овие сцени со заплетот на книгата. Но, Толстој во овие белешки не ја создал таа Ана од романот. За време на трката, која е една од најфилмските сцени во книжевноста, се случува пад од коњ. Толстој никогаш не замислувал дека Вронски може да победи на трката. Без оглед на сите настани и промени во книгата, Вронски ќе падне од својот коњ, што ќе ја натера Ана да му признае на својот сопруг дека е бремена.

Втор дел:
Поглавје 1: Љубовниците се заедно, тој ја моли да го напушти сопругот. Го напушта и вели: „Умирам“.
Поглавје 2: Сопругот е во Москва; Степан Аркадиевич, уморен, оди во клубот за да разговара со својата сопруга; семејството на Степан Аркадиевич; тагата на Алексеј Александрович; вели дека не постои решение и дека мора да го трпи овој срам.
Поглавје 3: Ги чита сите романи, го разгледува прашањето. Сè е невозможно. Заминува во Тројица, за да се состане со нихилистите, кои ќе го утешат; таа испраќа телеграма во која пишува: „Умирам, барам прошка. Дојди.“
Поглавје 3: Таа повторно сонува; страв ѝ е од ѓаволот. Го напушта сопругот и детето.
Поглавје 4: Породувањето; двајцата плачат; сè е во ред.
Поглавје 5: Почнува да верува во Бог; ги спушта ролетните; се присетува на сите работи и страда поради тоа. Сите велат дека тоа е невозможно.
Поглавје 6: Степан Аркадиевич сака да се разведе. Последни безуспешни (?); се сложува и заминува.
Поглавје 6: Степан Аркадиевич оди кај Гагин и неговата мајка; Алексеј Александрович одлучува да ѝ прости на сопругата.
На крајот на вториот и почетокот на третиот дел ги гледаме главните карактеристики на Каренина: ќе ја издржи болката.
Трет дел:
Поглавје 1: Неред во општеството; сака сочувство. Тој доаѓа, но плаче дома.
Поглавје 2: [Таа е] „отфрлена“ од општеството; дошле само оние кои никој не ги цени; таа блеска. Сцена во која тој зборува за неа.
Поглавје 3: Се повлекува; лета кон мајка си, како пеперутка.
Поглавје 4: Нихилистите се во нејзината куќа; тој заминува, ги критикува, таа станува љубоморна. Мора да оди на село.
Поглавје 5: Игра во клубот. Тие се на село, околу нив има само животни; за што го изградиле заедничкиот живот. Тој си заминува {„И јас тогаш ќе си заминам“}.
Поглавје 6: Потврдено е: тој е во друштво, таа е дома, очајува.
Ана се чувствува ужасно. Иако не гледаме дека Толстој сочувствува со неа, можеме да заклучиме дека е отфрлена од светот.
Четврт дел:
Поглавје 1: Алексеј Александрович е несреќен и уништен; неговите браќа. Степан Аркадиевич ја гледа, помислува дека е несреќа и сака да ѝ помогне. Единствена работа е христијанската љубов, таа се повлекува. Снемува пари, мразот се топи, таа се жали и очајува.
Поглавје 2: Среќен е, доаѓа. Озборувањата ја разгоруваат нејзината љубомора. Во куќата владее незадоволство. Невозможно е да отиде во војна.
Поглавје 3: Принц М. се труди околу децата. Озборувања, љубомора, чувство на неуспех. Одмор [?] [нејасно], уште еден сон.
Поглавје 4: Алексеј Александрович доаѓа. Ужасна сцена со Гагин. „Не сум виновен.“
Поглавје 5: Заминува од куќата и бега од сè.
Поглавје 6: Двајца, и сопруг и брат.
На крајот…
Епилог: Алексеј Александрович ги воспитува <децата> <синот> Гагин заминува во Ташкент.
На овие страници се наоѓаат некои идеи кои ќе се развијат на неколку стотици страници, како и оние кои не се вклучени во книгата. Подоцна, таа пролет, Толстој размислува околу тоа што би можело да биде првиот дел од книгата. Го разработува неморалниот живот на Стива, а подоцна го создава и ликот Левин.
Прв дел:
Поглавје 1: Степан Аркадиевич се буди и ѝ се правда на сопругата.
Поглавје 2: Степан Аркадиевич се огледува на Ординасев (Левин), кој е полн со љубов. Различни случувања.
Поглавје 3: Во зоолошката градина, Ординасев со бик, на лизгање со Кити.
Поглавје 4: Тројцата на вечера „и разговор за бракот“. Степан Аркадиевич оди „дома“ кај свекрвата; настанува помирување. „Признавам, виновен сум, што друго сакате да кажам?
Поглавје 5: Забава кај Шербатски. Ординасев излажа; тој е збунет.
Поглавје 6: Оди на село.
Поглавје 7: Помирување со Доли.
Поглавје 8: Пристигнување на Ана Каренина на железничката станица.
Поглавје 9: Сите ѝ се восхитуваат.
Поглавје 10: Бал со гувернерот и заминување за Санкт Петербург со Удашев [Вронски].
